ЖАБЕВА ПАПАЗОВА Јулијана

 

Јулијана Жабева Папазова е родена во Велес. Дипломира на одделот за пијано на ФМУ во Скопје во 2000 година, а магистрира на истата институција на одделот за методика на наставата по пијано. Во овој период главен интерес во научно-истражувачката работа на Жабева е популарната музика (поп, рок, алтернативна музика, субкултурни студии, како и интердисциплинарни студии: популарна музика – култура – социологија), како и теми поврзани со пијанизмот во Македонија и интеркултурните комуникации помеѓу Балканските земји и Македонија. Во периодот од 2008 до 2012 година е на докторски студии на Институтот за уметност при бугарската Академија на науките и уметностите на одделот за популарна музика. Во септември 2012 година успешно ја брани докторската дисертација насловена „Алтернативниот рок во Југославија во периодот од 1980 до 1991 година и неговото влијание на денешниот музичко-културен живот во Македонија, Србија и Хрватска“ и се стекнува со звањето Доктор по музикологија и музичка уметност. Жабева Папазова е автор на три книги: „Популарна музика, теорија и историја“ (Темплум, 2014), „Музичкиот живот во Велес 1906-1941“ (е-книга, Даталинк, 2006), „Историја на македонската пијанистичка уметност 1900 – 2002“ (Графотекс, 2004). Учествувала на бројни меѓународни конференции, форуми, натпревари и фестивали во Бугарија, Англија, Хрватска, Словенија, Грција, Шпанија, Чешка, Финска, Полска, Словачка и Франција. Член е на Хрватското музиколошко друштво (HMD), Британскиот форум за етномузикологија (BFE) и на Интернационалната асоцијација за истражување на популарната музика (IASPM). Се јавува и како автор на стручни текстови и рецензии објавени во „Дневник“, „Окно“, „Контра магазин“ (Белград), International piano (Лондон) и други.

Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и дипломи, меѓу кои: Наград 9. Ноември на Град Велес, Диплома од Институтот за уметност БАН, Софија, Диплома за музички соработник на Државниот натпревар за музика во Скопје и други. Работи како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

 

Member Type: 
Date of Birth: 
1978