ГЛИШИЌ Живојин

Образованието го завшува во Скопје. Најнапред во Средното музичко училиште, а потоа на Факултетот за музичка уметност. Студира на Одделот за Музичка теорија и педагогија, но неговиот талент набрзо го забележуваат некои од професорите и по консултации со еден од нив, комозиторот, професор Томислав Зографски, се запишува на одделот по композиција. Тоа му овозможува да ги запознае класичните и современите композиторски техники и вештини. По завршувањето на студиите (на двата оддела) се вработува како гитарист во народниот оркестар при Македонската радио-телевизија, а подоцна станува солист на гитара на веќе прочуениот Биг - бенд. Работата во двата ансамбла со различна стилска и жанровска ориентација му овозможува поблиску да ги запознае тајните на популарната и особено на џез - музиката и понатаму да ги практикува во својата творечка дејност. Од 1986 година започнува неговата соработка со џез - групата „Јазбина” од Загреб во која членува како гитарист , композитор и аранжер. Во 1989 година е прераспореден на место уредник-продуцент во Музичкатга продукција на МРТ, а истата година преминува на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде што предава некои од главните стручни предмети (хармонија, полифонија и др.).

Интересот кон музиката и музичкото творештво Живоин Глишиќ го пројавува многу рано. Влијание на определено насочување на тој интерес извршува Драган Ѓаконовски Шпато, со кого соработува до крајот на неговиот живот. Првите композиции ги пишува уште во време на средношколските денови со кои се појавува на фестивалите на популарна музика во Скопје и во Опатија. Во ова време особено е фасциниран од џезот и јужно-американската музика. Токму затоа, во композициите што ги пишува во време на студиите, освен класичниот приод се вклучени и елементи на македонскиот музички фолклор и џез - музиката. Особено во некои од делата што се појавуваат во овој период („Пет минијатури за пијано“, „Гудачки квартет“, „Кончертино“ за гитара и симфониски оркестар, „Суита“ за вибрафон, електрична гитара и виолинчело и др.).

Работата во ансамблите на Македонската радио-телевизија му овозможува натамошна профилација во жанровите на популарната и џез -музиката (за што сведочат над 250 аранжмани со кои освоил над дваесет награди на повеќе фестивали во Македонија и во странство). Најзабележителна од нив е наградата за најдобро обработена фолклорна тема на смотрите на Биг - Бенд  оркестрите во Раденци, Република Словенија во категорија на Биг Бенд оркестрите на бившите Ју-простори, за композицијата „Со маки сум се родила”. Соработката со загребската џез - група „Јазбина” (како гитарист, композитор и аранжер) резултира со повеќе негови композиции од кои две („Разденување“ и „Пасаж“) се наоѓаат на еден ЛП и едно ЦД издадени во овој период. Со оваа група има реализирано и повеќе концертни настапи низ Европа. Некои од композициите на Глушиќ се изведувани и на други значајни фестивали (на пример, „Одрон“ за флејти и удиралки – на Загрепско биенале во 1987 итн.).

Во сиов овој период Глишиќ ја манифестира врската со македонскиот музички фолклор, не само во популарните жанрови, туку и во неговото класично творештво. Во 1993 година ја создава композицијата „На убавиот син Охрид“ во кој на македонскиот фолколор (песната „Билјана платно белеше“) му дава европски шмек. Петнаесетина години подоцна создава низа композиции за удиралки (како проект со наслов „Звуците на Македонија“) кои извираат од повеќе познати фолклорни теми – ора кои беа на репертоарот на македонската легенда на изведба на гајда – Пеце Атанасовски (изведени на фестивалот „Охридско лето“). Неговата композиција за пијано „Прелудиум и пајдушко“е изведувана (над 120 пати) во најголемите светски сали (главно од големиот наш пијанист со светско реноме - Симон Трпчески). Оваа композиција е снимена за дискографската куќа ЕМИ КЛАСИК и за Дојче Радио. Во овој дел спаѓа и композицијата „Либе Стано“ – за два сопрана, баритон и симфониски оркестар, како и уште неколку други творби.

Живоин Глишиќ во своето творештво ја допре речиси целата македонска музичка традиција. За широчината на тој зафат сведочат и неколкуте композиции што извираат од нашето духовно поднебје („Псалм 109“ за хор врз текст од Михаил Ренџов и др.) од кои најзначајни се циклусот „Пасхално ехо“ презентиран во 2012 година.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО

 

Симфониета, - за гудачи, (1982); Кончертино, - за електрична гитара и симфониски оркестар, (1985); Самоил, - за мешан хор и симфониски оркестар, (1987); Концерт, - за контрабас и гудачки оркестар, (1993-94); „На убавиот син Охрид“, - за симфониски оркестар, (1994);

 

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО

„Самоил“, - за машки хор и симфониски оркестар, (1988); Кажи либе Стано, - за сопран и симфониски оркестар, (2007); Пасхално ехо - циклус византиски напеви, - за Оркестар, хор, слисти, (2012);

 

КАМЕРНО

Суита, - за вибрафон, виолончело и електрична гитара, (1979); Гудачки квартет, (1981); Рондо „Одрон“, - за флејти и удиралки, (1986); „Кажи,кажи либе Стано“, - за сопран, тенор и пијано, (2001); Беше еднаш една Лиса (обработка на народни ора), - за ударни инструменти, кавал, гајда, тапан, гитара, бас гитара и клавијатури, (2007); Самба де калајџи (обработка на народни ора), - за ударни инструменти, кавал, гајда, тапан, гитара, бас гитара и клавијатури, (2008); Рум, дум техно дум (обработка на народни ора), - за ударни инструменти, кавал, гајда, тапан, гитара, бас гитара и клавијатури, (2008); Зајдисонце во Топаана (обработка на народни ора), - за ударни инструменти, кавал, гајда, тапан, гитара, бас гитара и клавијатури, (2008); Комитска приказна (обработка на народни ора), - за ударни инструменти, кавал, гајда, тапан, гитара, бас гитара и клавијатури, (2008); Пиринска суита (обработка на народни ора), - за ударни инструменти, кавал, гајда, тапан, гитара, бас гитара и клавијатури, (2008); Чучук денс (обработка на народни ора), - за ударни инструменти, кавал, гајда, тапан, гитара, бас гитара и клавијатури, (2008); Jana's day, Jana's dance (обработка на народни ора), - за ударни инструменти, кавал, гајда, тапан, гитара, бас гитара и клавијатури, (2008); Прелудиум и пајдушко (обработка), - за ударни инструменти, кавал, гајда, тапан, гитара, бас гитара и клавијатури, (2008);

 

СОЛИСТИЧКО

Минијатури, - за пијано, (1978); Пасакаља, - за оргуљи, (1979); Прелудиум и пајдушка, - за пијано, (2003); Варијации на традиционална тема, - за виолина, (2012);

 

ХОРСКО

Марика мома убава, - за мешан хор, (1978); Стојане, сто те убиле, - за мешан хор, (2005); Псалм 109, - за мешан хор, (2006);

 

ИНСТРУМЕНТАЛЕН ЏЕЗ

Октомври, - за гитара и ревиски оркестар, (1982); Дерсу, - за солисти и танцов оркестар, (1983); Не си го продавај Кољо чифликот, - за солисти и танцов оркестар, (1984); Лапад, - за солисти и танцов оркестар, (1984); Пасаж, - за тенор саксофон. гитара и танцов оркестар, (1984); Топлес, - за солисти и танцов оркестар, (1985); И после се, - за баритон саксофон и танцов оркестар, (1985); Оваа наша ливада, - за танцов оркестар, (1986); Разденување, - за џез квартет, (1986); Експект, - за солисти и танцов оркестар, (1987); Со маки сум се родил јас, - за Биг-бенд, (1988); Елизабета, - за Биг-Бенд, (1988); Експект, - за Биг-Бенд, (1988); Разденување, - за Биг-Бенд, (1988); Самба ди Скопје, - за Биг-Бенд, (1989); Хело рок, - за Биг-Бенд, (1991); Карпошко оро, - за Биг-Бенд, (1991); To my father, - за Комбо џез состав, (1991);

 

Неколку стотини аранжмани на популарни песни и авторски песни во народен дух од други автори

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1954