ВРШКОВА Марија

Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основото и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисоката оцена на ниво на универзитет, "CUM LAUDE" (класа на проф. Тодор Светиев), каде ги завршува и магистерските студии. Во текот на студиите е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а како најзначајна меѓународна наградата се истакнува Третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Вршкова учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти.

Вршкова негува посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Реализирала повеќе од 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела на македонски и странски автори. Реализирала неколку камерни ЦД-а со истакнати македонски уметници (Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби и Страшо Темков), а во 2010 го издава своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, САД, Бугарија, Србија, Полска, Грција и Австрија, на фестивалите „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Хераклејски вечери“ и други. Како врв во нејзината досегашна уметничка дејност и наградата за уметничко достигнување доделена од страна на меѓународното жири на интернационалниот „Охридски бисери“ во 2009 година и наградата „Виртуози“ за најдобар изведувач за 2012 година.