ВЕЛКОВСКА-ТРАЈАНОВСКА Валентина

Музичкото образование го завршува во Скопје.  На Факултетот за музичка уметност во 2001 дипломира на одделот за музичка теорија и педагогија, а во 2004 г. - на одделот за композиција во класата на проф. д-р Тома Манчев. Во 2006 година магистрира во областа на теоријата на оркестрацијата, а од 2009 година е на докторски студии по композиција кај истиот ментор. Во меѓувреме, работи во Македонското радио како соработник и музички новинар (1999 - 2003) и во Македонската телевизија (1996-2003), на Факултетот за музичка уметност како демонстратор по предметите Солфеж и Основи на оркестрацијата (2003 - 2007), а од 2007 година е професор на Факултетот за музичка уметност во Штип. Во целиот период стручно се усовршува учествувајќи на дваесетина интернационални конференции, семинари и фестивали (Лондон, Дартингтон-Англија, Острава - Чешка, Белград, Визби - Шведска, Подгорица, Бафало – САД итн.).

Главните карактеристики на композиторскиот јазик на Валентина Велковска - Трајановска се програмноста и употребата на различни стилски постапки и техники при создавањето на едно дело меѓу кои полистилизам, ограничена алеаторика, модалност. Акцентот е врз тембровите бои на инструментите или гласот (во делата каде што е застапен). Програмноста е силно изразена во смисла на следење на определена поетска, визуелна или апстрактна инспирација. На пример, делото „Омен“ е инспирирано од сликата на Ј. М. Вилијам Тарнер „Брод со робови“. Делото претставува звучна експресија на човечките чувства пред смртта, нивните надежи и очекувања, и на крајот, моментот на умирање и исчезнување. Делото „Ѕвездин траг“ е инспирирано од истоимена песна на поетот Јован Стрезовски. „Чекор пред темнината“ е инспирирана од есејот „Попуштање пред ноќта“ од книгата „Огледи на распаѓањето“ од Емил Сјоран. Во некои дела има инспирација од духовното музичко наследство на нашата земја – црковната музика. Фолклорот и фолклорните теми главно биле вон опсегот на нејзиниот творечки третман.

Композициите на Валентина Велковска-Трајановска се изведувани на голем број концерти во земјава и во странство (Скопје, Битола, Охрид, Лондон, Острава - Чешка, Дартингтон – Англија, Виена итн.), од реномирани наши и странски изведувачи и ансамбли (ансамблот „Реконсил“ од Виена, Новиот лондонски камерен хор, квартетот Диотима, квартетот Елезијан, квартетот Сонар, Интенационалниот ансамбл „Дартингтон“, камерниот ансамбл „Алеа“, Битолскиот камерен оркестар и др). Дел од нејзиниот опус е поместен на повеќе групни носачи на звук, а во 2013 година го издаде и авторското ЦД со наслов „Чекор пред темнината“. Освен со композиција Валентина Велковска-Трајановска се занимава и со публицистичка и научна дејност, а во нејзиниот опус од овој вид спаѓаат голем број авторски емисии и рецензии, објавувани на програмата на Радио Скопје, како и неколку научни трудови објавени во списанието „Музика“ и во Годишниот зборник на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО

Рондо, - за камерен оркестар, (2000); Света земја, - за бас и гудачки оркестар, (2000); Зора, - за гудачки оркестар, (2003-4); Исон, - за симфониски оркестар, (2004);

 

КАМЕРНО

Трио, - за англиски рог, виолина и виолончело, (1999); Одблесоци, - за харфа и фагот, (2000); Сцени, - за дувачки квинтет, (2001); Композиција, - за гудачки квартет, (2001); Омен, - за соло сопран, кларинет, виолина, виолончело и ударни инструменти, (2003); Re-echoingdream (Одѕвонување на соништата), - за дувачки квинтет и пијано, (2004); Скица, - за гудачки квартет, (2005); Rainbow Dance (Танц на виножитото), - за флејта, обоа, фагот, труба in B, ударни инструменти, пијано, 2 виолини, виола и виолончело, (2005); The Transfiguration (Преобразување), - за гудачки квартет, (2006); Capture and release, - за виола и компјутер, (2006); Ѕвездин траг, - за флејта, обоа, кларинет и фагот, (2007); Кон карпите, - за кларинет, виолина, виолончело, вибрафон и пијано, (2008); Огледала, - за виолина, виолончело и пијано, (2010); Небесни тела, - за обоа и пијано, (2010); Чекор пред темнината, - за за флејта, кларинет, пијано, виолина, виола и виолончело, (2012);

 

ХОРСКО

Во тишината, - за мешан хор, (1997); Почуј ме мајко, - за мешан хор, (1998); Невеста, - за мешан хор, (1998); Кондак, - за мешан хор, (1998); Тајна, - за мешан хор, (1998); Реки, - за мешан хор, (1998); Тропар, - за мешан хор, (1999); Орфеј на бескрајот, - за мешан хор, (2012);

 

СОЛО ПЕСНИ

Пеет пиеси, - за пијано, (1997); Разделеност, - за низок глас и пијано, (1999); Трепет, - за висок глас и пијано, (1999); Есенско утро, - за бас, виола и пијано, (1999); Пророштва, - за мецосопран, виолина и пијано, (2002-3); Dandelion (Глуварче), - за сопран и пијано, (2006);

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1976