БОЈАЏИЕВ Тодор

Тодор Бојаџиев, роден на 25.11.1948, целиот живот го посветил на својата основна професија - медицината, постигнувајќи значајни резултати на ова поле како специјалист по гинекологија и акушерство. Богатото искуство му донесе оперативни обврски (на Клиниката за гинекологија и акушерство), наставни (на Медицинскиот факултет), општествени обврски (во Лекарската комора на Македонија и Лекарското друштво на Македонија).

Тодор Бојаџиев паралелно развиваше исклучително плодна уметничка активност - како композитор, аранжер и пијанист. Подлога за тоа беше солидното музичко образование (средно музичко училиште со натамошна теориска надградба) и големата љубов кон музиката манифестирана уште од најрани години. Првите потврди за неговиот талент на ова подрачје стигнуваат во 1972 година кога на фестивалот „Младина“ во Суботица добива награда за популарната композиција „Спомен мој далечен“. Тоа е само вовед во низата популарни композиции кои наредните години ги создаде, од кои голем дел беа презентирани на тогаш познатиот Скопски забавен фестивал (1973, 1975, 1976, 1977), а за некои од нив („Кажи ми“, „Бакни ме“ и тн.) ги доби првите или вторите награди.

Наредните години Бојаџиев продолжи со својата плодна творечка активност. На популарната музика и остана верен и натаму (учествуваше и на фестивалот „Макфест 85“), но, како солиден пијанист, се сврти кон инструменталната музика реализирајќи ги двата проекти „Сеќавање 1“ и „Сеќавање 2“.

Бојаџиев покажа дека е сестран уметник и творец создавајќи музика за неколку театарски претстави, но главниот пресврт го направи во втората половина од деведесеттите години на минатиот век кога се сврте кон класичната музика. Претходно, во 1989 година, стана член на Сојузот на композиторите на Македонија. Оттогаш досега создаде десетина композиции - солистички, камерни и оркестарски со кои ја збогати ризницата на нашето творештво од овој вид.

За својата активност и на полето на музиката и на полето на медицината Тодор Бојаџиев е добитник на голем број награди и признанија.

 

Date of Birth: 
1948
Date of Death: 
2009