АНДРЕЕВСКА Јана

Гимназија и средно музичко училиште завршила на отсекот по пијано во МБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје. Дипломирала и магистрирала композиција на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Томислав Зографски. Нејзиното образование како композитор вклучува и многубројни семинари во Холандија, Полска, САД и Македонија, кај познати имиња како Луи Андрисен, Тон де Леу, Мајкл Најман, Франсоа Бернар Маш, Ерик Годибер, Џон Вулрич, Најџел Озборн, Глен Хакбарт и други.

Најпрвин работи како продуцент за сериозна музика во Македонската радио - телевизија, а на Факултетот за музичка уметност на Катедрата за музичка теорија и композиција почнува да работи од 1995 година, каде што и денес ги предава предметите музички форми со анализа, полифонија, полифона композиција, хармонска анализа, композиција и др. Од 2005 до 2008 била шеф на Одделот за музичка теорија и композиција, а од 2009 до 2013 г. е продекан за концертна дејност и меѓународна соработка на ФМУ.

Андреевска е добитник на повеќе стипендии и награди, меѓу кои и на стипендијата за студиски престој на Државниот универзитет во Темпи, Аризона во 2001 година. Член е на повеќе професионални асоцијации (од 2013 година - претседател на одборот за Оркестарот на европските современи композитори (ЕCCO) на ЕCSA (Европска асоцијација на композитори), а од 2009 година е претставник на СОКОМ во Европскиот композиторски форум (ЕЦФ).

Композиции од Јана Андреевска се изведувани од авторот и од повеќе солисти и ансамбли меѓу кои и Македонската филхармонија, Камерниот оркестар на Македонската радио - телевизија, ансамблот АЛЕА, ансамблот Ателас Синфониета Копенхаген, квартет саксофони Димов, квартетот саксофони „Аxone”, хорот „Collegium Musicum“ и Даринка Матиќ Маровиќ, „New London Chamber Choir“, „Saxofonquadrat“, „Alliage Quintet“, „4 saxess“, женскиот хор „Calliope Women’s Choir“, Московскиот ансамбл за современа музика, пијанисти како Марсел Вормс, Ана Гацева, Марија Вршкова, Наталија Младеновиќ, Наташа Митровиќ, Родерик Чедвик  и др., во многу земји во светот. За нејзината музика критичарот Јан Јакоби (Politiken, November 21, 2004) напиша дека „вреди да се запознае повеќе“ додека, пак, други (Зорица Премате, ПОЛИТИКА, 16.11 2013) констатираа дека нејзината композиција „Am I a Falcon, a Storm or an Unending Song?”... (е) на работ на амбиенталниот звук, мошне суптилно изградена од само неколку елементи на музичкиот јазик и синтакса ...“  или (RAFAEL RENNICKE - 18.02.2011) „„....За возбуда многу повеќе се погрижи едно дело, полно со фантазија, „Am I a Falcon, a Storm or an Unending Song?”(2007) на македонската  композиторка Јана Андреевска,  бидејќи во поврзувањето на првобитната сфера на овој инструмент со помош на  враќање на таинственоста, зачекорува по нови патишта. Андреевска делото го напишала специјално за четворицата музичари на „Saxofonquadrat” (Clemens Hoffmann, Clemens Arndt, Christian Raake, Hinrich Beermann), а при тоа инспирирана од поезијата на Рилке. Насловот на нејзиното дело го цитира последниот стих на втората песна  од „Книгата на часови”: „Дали сум сокол, бура или голема (возвишена) песна”. Композиторката го оставила на крај прашалникот и како што тоа упатува кон отвореноста, така музиката на Андреевска навестува нестапната почва. Величествено со колкава снажна фантазија на звукот оваа композиторка родена во 1967  година,  дозволува да ја понесат сликите од светот на Рилке, за да може со чувството за можностите на звукот на четирите инструменти да ги пренесе во една нова таинственост...“ Слични (или поинкави) одгласи ова дело предизвикуваше и во други пригоди (REUTLINGER GENERAL-ENZEIGER, 18.02.2011): „... Моќно и аглесто дејствува нејзиното дело според поемата на Рилке, нервозни одрони на мал простор. Суво, но многу впечатливо...“. Предмет на интерес кај критичарите беа и други нејзини дела: (Anna Berit Asp Christensen Dansk Musik Tidsskrift, Nr.4 Februar 2004/05) „......при средбата со поетското дело “Elective Affinities” на Јана Андреевска. Нејзиното дело, засновано на хомогени мотиви исткаени на различни начини, создаде еха на познато, поседувајќи приемлив звук со мистерија, магла и прашина...“, или, (FYENS STIFTSTIDENDE, 16.11.2004) - “.... по кое следуваше „Scattered Blues“ од Јана Андреевска, кое ги раствора клишеата на блузот во немирна точкаста музика....Тука слушателите ги начулија ушите.”

Композициите на Јана Андреевска се наоѓаат на носачи на звук во издание на СОКОМ, „Dresdner Tage der zeitgenössischen Musik“, „Peer Music“, „Zefir Records“. Композицијата „Scattered Blues“ e печатена во II.Volume од колекцијата „Blues Beyond Borders” (2007), Peer Music Classical GmbH  New York – Hamburg.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО

Симфониета, - за гудачки оркестар, дувачи, удиралки, пијано и харфа, (1989); Фантазија, - за симфониски оркестар, (1990); „Спокој“, - за мецосопран, пијано и гудачки оркестар, (1992/93); „Дијада бр.1“, - за голем симфониски оркестар, (1999); „Дијада бр.2“, - за голем симфониски оркестар, (1999);

 

КАМЕРНО

Суита за дувачко трио, - за флејта, кларинет, фагот, (1986); Соната, - за виолина и пијано, (1988); „Спокој“ , - за мецосопран и пијано, (1992/93); Изборни афинитети (Elective Affinities), - за кларинет, виолина, виола, вибрафон и пијано, (2004); Сокол сум, бура или бескрајна песна? (Am I a Falcon, a Storm, or an Unending Song?) (инспирирано од  Р. М. Рилке: Часослов, „Го живеам својот живот во кругови што растат...“), - за квартет саксофони, (2007);

 

СОЛИСТИЧКО

Соло песна, - за сопран и пијано, (1986); Шест минијатури, - за пијано, (1986); Соло песна, - за сопран и пијано, (1987); Рондо, - за пијано, (1987); Варијации, - за пијано, (1987); Етида (Study,), - за пијано, (2000); „Scattered Blues“ („Расфрлан Блуз“), - за пијано, (2000); Етида 2 (Study 2), - за пијано, (2004);

 

ХОРСКО

„Крај Езеро“, - за женски хор, (2001); Крај езеро (By the Lake), - за мешан хор, (2010);

 

Марко Коловски

 

 

Date of Birth: 
1967