Новости

IN MEMORIAM Љубомир Бранѓолица, композитор (19.08.1932 – 24.07.2023)

Сојузот на композиторите на Македонија со длабока тага и жалење ја прими веста за заминувањето на нашиот долгогодишен член Љубомир Бранѓолица.

„Љубовта кон музиката беше присутна во моето семејство уште од најрано детство… Затоа моите родители ме упатија да учам пијано. Тоа и посетите на концертите во Дубровник, каде што тогаш живеевме, се моите први сеќавања за музиката…“ (Бранѓолица, Радио Скопје, 18.03.1977). Музичкото образование го започнува во Загреб и во Риека, ( „… во 1946 година се запишав во Военото музичко училиште во Загреб, кај проф. Вјекослав Корже, кај кого стекнав солидна пијанистичка техника, а кај другите професори солидни професионални знаења…“). Од 1950 година работи како пијанист во Уметничкиот ансамбл на Армијата на поранешна Југославија во Белград (тогаш го пишува делото „Интермецо“ за пијано и оркестар), а во 1954 година трајно се преселува во Македонија. Од 1957 година е корепетитор во Балетот на Македонскиот народен театар. Во 1966 година се вработува во Македонската радио-телевизија каде што останува до крајот на работниот век извршувајќи функции на музички уреденик и музички продуцент.Во сиов овој период се пројавува како исклучително плоден творец, во повеќе подрачја и повеќе музички жанрови. Освен класична, пишувал и популарна и џез – музика, музика за театарски претстави, филмска и детска музика. Се пројавувал и како публицист пишувајќи низа, главно балетски критики, како и неколку книги меѓу кои и обемната монографија „Музика – 50 години со вас“ (Скопје, 2000).Љубомир Бранѓолица е уникатна фигура на македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус ќе најдете и опери и балети, и камерни и хорски композиции, и популарни песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Иако е разновидно и многубројно, сепак, не е тешко да се издвои магистралниот правец во неговиот творечки пат и клучниот и 78 47 Македонски композитори 79 неодминлив придонес за македонската музичка култура. Тоа е балетскиот опус на авторот што опфаќа 18 целовечерни балети. Сите тие (освен една „Бајазит и Оливера“) се изведени на сцената на Македонската опера и балет (порано МНТ) во периодот од 1959 („Велеградски варијации“) до 2013 година („Александар Македонски“). Таа, од денешна гледна точка – судбинска и исконска врска со балетската уметност Бранѓолица ја објаснува вака: „…Не се знае кога започнува интересот кон некоја уметност, недоловливо е сознанието за тој миг … Не знам дали тоа мене ми се случи кон балетот во почетоците на педесеттите години, гледајќи ја работата на балетскиот ансамбл при Домот на ЈНА во Белград, или при средбата со Олга Милосавлева, кога гостуваше во Куманово, каде што служев војска и ја повикав да ѝ ги отсвирам моите ’Велеградски варијации’, за кои таа го даде коментарот: „Тоа би била добра музика за балет“ што во 1959 година се оствари и, што е најчудно, со неа како кореограф“ (Бранѓолица, Балет, Скопје, 1994, стр. 13). За инспирациите, творечките предизвици и решенија во едно интервју (Утрински весник, 10.02.2012) напиша: „ … Додека пишував, влијанијата ги црпев и од џезот, па затоа во моите дела се чувствува и еден полежерен дух во хармонска смисла, иако пишувам во духот на класичниот израз. Но, да, големо влијание врз моето творештво изврши Гершвин. Јас бев вљубен во него, па и моите композиции ги насловував по неговите, правев некоја своја варијанта. Неговата бродвејска хармонија ми беше поттик. Но, јас не го копирав, тој ми беше, на некој начин, духовен водич“.

Иако со поглед во минатото, тој во своите балети внесува новини што тогашната музичка критика го забележува уште веднаш. По премиерата на „Велеградски варијации“ рецензентот Тихомир Титизов (Нова Македонија, 18.04.1959) напиша: „… Изненадување, новина и свежина. Изненадување е тоа што музиката од овој вид е новина за балетската сцена, но секако пријатна новина што елементите на џез- музиката ненаметливо (Олга Милосавлева) ги пренела на сцената. Новина што ваков начин на третирање на моментите од секојдневниот живот за првпат се осмелува да ѝ ги прикаже на публиката. Освежување што доаѓа како ненаметлива потреба по многугодишната замореност и на ансамблот и на публиката од стандардниот класичен репертоар.“

Друга важна карактеристика на балетското творештво на Бранѓолица е неговата позитивна релација со традицијата. Во таа смисла и со македонскиот музички фолклор. Балетот „Одблесок“ е еден од еклатантните примери за ова, а самиот автор во врска со тоа вели: „ … Балетот Одблесок е мој пристап кон македонскиот фолклор, кој е неисцрпна ризница на најчувствителни мелодии. Тоа ме поттикна да ги транскрибирам и да се обидам да создадам симбиоза со современите хармонии и ритми…“ (Свртување кон поезијата и историјата“ во Монографски студии за балетската уметност во Македонија 1948-2007, Скопје 2008). Со балетот „Одблесок“ балетскиот ансамбл при МНТ гостуваше во повеќе земји во светот – Бугарија, Франција, Канада, Кина, како и во републиките на поранешна Југославија. Фолклорни елементи, не само од македонското поднебје, се среќаваат и во другите балетски дела од Бранѓолица („Карамита“, „Дубровничка легенда“ итн.).

СОКОМ