Повик за пријавување трудови за 42. „Струшка музичка есен“

Почитувани,

Во пресрет на годинашното издание на манифестацијата „Струшка музичка есен“, кое ќе се одржи во периодот од 1 - 3 септември 2017 година,Сојузот на композиторите на Македонија објавува повик за трудови за 42-то издание на научната конференција „Струшка музичка есен“.

Поаѓајки од постулатот дека индивидуата го поттикнува развојот на општеството оваа година се насочуваме кон поединците кои го насочиле или измениле текот на развојот на музичката уметност и тоа од повеќе аспекти преку нивните продукти, процеси, дела. Повикуваме автори чии трудови ќе се осврнат на делувањето на индивидуите кои извршиле одредени влијанија врз различните аспекти кои ја допираат музичката уметност, при тоа не ограничувајќи се само на прогресивните и позитивните креации, туку и на негативните влијанија.

Од тој аспект би сакале да ги истражиме индивидуите кои покренале одредени процеси кои резултирале со нови или ретроградни дејствија во:

 - Музичкото образование

- Музичка теорија и педагогија

- Развојот на композиторската мисла

- Творештво

- Интерпретација

- Популаризација на музичката уметност

- Музичка критика

- Културна политика и музика

- Развој/стагнација и популаризација на музичките жанри

- Континуитет /дисконтинуитет на музичките практики

- Зачувување / уништување на музичкото културно наследство

- Етномузикологија/Антропологија

- Етноорганологија

- Етнокореологија

- Медиевистика

- Медиумите и музиката

- Музикотерапија.

Како и секоја година, во рамки на конференцијата отворени сме за трудови кои ќе ги одбележат  јубилеите на македонските творци и институции и тоа: 70 години од постоењето на Сојузот на композиторите на Македонија, 70 години од постоењето на Македонската опера, 80 години од раѓањето на композиторите Благој Цанев, Сотир Голабовски, музичкиот писател Јелица Тодорчевска, 90 години од раѓањето и 10 години од смртта на композиторот и музиколог Драгослав Ортаков, 20 години од смртта музикологот и музички критичар Владо Чучков и 70 годишнината од раѓањето на композиторот Илија Пејовски.

Ве молиме, вашите апликации и апстракти, не подолги од 300 збора, како и вашите куси биографии да ги испратите не подоцна од 25 јуни 2017 година на e-mail адресата: sokom@sokom.mk. Известување за прифатени трудови ќе биде испратено на  30 јуни 2017 година.

Пријавата е достапна на следниот линк

Официјалните јазици на конференцијата се македонски и англиски. Предвиденото време за презентација и дискусија е 30 минути. Одбраните трудови, презентирани на научната конференција, ќе бидат објавени во зборник на трудови.

СОКОМ ќе ги покрие трошоците за сместување на авторите на прифатените трудови, додека трошоците за пат ќе ги сносат самите учесници.

 

Со почит,

Сојуз на композиторите на Македонија

Селектори на СМЕ 2017

м-р Елени Новаковска

д-р Мирјана Павловска Шулајковска

Macedonian