Новости

44. Денови на македонска музика и 45. Струшка музичка есен

May be an image of text

Со огромен труд, посветеност и љубов пристапивме кон организирањето на двете манфестации на Сојузот на композиторите на Македонија – најстари, најзначајни и единствени од ваков тип: фестивалот 44. Денови на македонска музика и музичко-научната манифестација 45.Струшка музичка есен.Обете манифестации оваа година ќе започнат на 17.09.2021, петок, во Скопје и Струга. Во најтешката и непредвидлива година, 2020та, блесна ДММ во своето повторно раѓање.Успеавме да направиме фестивал на светско ниво, во три сезони, со огромен број на големи и мали ансамбли, оркестри, жанровски разновиден, со големи имиња од светската и македонска сцена. И покрај сите околности, кои не ни одеа во прилог, го возобновивме сјајот и дадовме импулс за понатмошен развој и доверба.Таквото 43то издание на фестивалот освои и нова публика, која имаше, со право, големи очекувања за она што следува.За жал, ресорното министерство не беше со истото мислење.Оваа година, фестивалот ќе се оддржи поради добрата волја на врвни македонски и светски уметници, кои за симболичен надомест, настапуваат за да ги поддржат своите колеги од СОКОМ и ДММ, како и поради децениската и плодна соработка со најголемите национални, образовни и музички институции, кои ни излегоа во пресрет и оваа година, а и помошта од европските партнери. Најавата за 44. Денови на македонска музика е благодарност за ваквиот гест на уметниците, институциите, амбасадите, за поддршката од Претседателот Стево Пендаровски, покровител на фестивалот.

Фестивалот, опфаќа 13 настани, а започнува со солистички концерт на Инес Неделковска, наречен ВРУТОК. Во рамките на овогодинешното издание се и следните концерти и настани: ПУЛС ПЛУС – Антоние Весковски (ударни инстурменти), Елена Атанасовска (пијано), ВИРТУОЗИ – Владимир Костов (виолина), Марија Вршкова (пијано), АЛБАТРОС – ансамбл Икарус (Италија), ЛАУРЕАТИ – Даница Стојанова (пијано), Златка Митева (флејта), Наташа Трбојевиќ (пијано), Мирјана Павловска- Шулајковска (промотор на ЦД изданието – Даница Стојанова и модератор на концертот), ДОДОЛА – Гонца Богоромова (сопран), Марија Вршкова (пијано), CHANCE-DANCE MUSIC – за првпат во Македонија, музика создавана преку танцови движења и кореографија на Ивана Коцевска, заедно со Валетино Апостоловски и Џеф Кастело-Бранко (Белгија), со сегменти од музиката на Иван Пенов,L’ARTЕ DEL MONDO – оркестар од Германија, кој ќе настапи со барокни инструменти, ЈУБИЛЕИ – студенти од Факултетот за музичка уметност – Скопје, ГЛАСОВИ – гала концерт со солистите и оркестарот на Националната опера и балет, диригент: Иван Еминовиќ ЗАПОЗНАЈТЕ ГО КОМПОЗИТОРОТ – со композиторката Јана Андреевска и Нина Стефанова (модератор), ДАМАРИ – мешан хор „Про Арс“, диригент: Сашо Татарчевски CONTEMPORA – дувачки квинтет со гостин пијанист, Стефанија Лешкова-Зеленковска (модератор). И покрај се, ќе се случи фестивал, на кој срдечно ве покануваме – бидете и вие дел од поддршката за македонската уметничка музичка сцена.Во Струга, стручната јавност ќе може да проследи 27 тематски осврнувања за состојбите и перспективите во македонската музичка култура.Освен грижата за тековното и актуелно творештво, посебно внимание посветивме на одбележување на јубилеите од раѓање на композиторите Благоја Ивановски (100 години), Тома Прошев и Драган Ѓаконовски-Шпато (90 години) и Стојан Стојков (80 години). СОКОМ континуирано се грижи да го насочи фокусот на јавноста кон исклучителното значење на творештвото на композиторите кои починале, композиторите кои ја живеат нашата сегашност и идните генерации, за да се негува музичката историја и култура, како еден од главните стожери на општеството.

Соком