Членови, Композитори

МИХАИЛО ТРАНДАФИЛОВСКИ

(Скопје, 25.11. 1974)
композитор и виолинист

Музичкото образование го стекнал во Скопје, каде што студирал на Факултетот за музичка уметност и во Мичиген (САД), каде што на Државниот универзитет во 1999 година дипломирал виолина, а магистрирал (2001) и докторирал (2007) композиција на Кралскиот колеџ за музика (Велика Британија). Во меѓувреме развил богата и разновидна дејност како композитор, виолинист и музички педагог. Одржал низа работилници заедно со познатиот „Кројцер квартет“ на конзерваториумите и на универзитетите низ Европа и Велика Британија (2006 – 2013). Во организација на Британскиот совет во Скопје одржа работилници во повеќе наврати во Македонија, таканаречена „Blue Sky Summer School“ (2004 заедно со група странски изведувачи и композитори), во рамките на Деновите на македонска музика (2005 заедно со Питер Шепард Скервед – виолина и Арон Шор – пијано) и на Факултетот за музичка уметност (2007 со Питер Шепард Скервед и Најџел Кларк – композитор). Од 2004 до 2007 година предавал како асистент на Кралскиот колеџ за музика. Како композитор издал авторско ЦД за „LORELT“, издание за „Clarinet Classics”, а за 2014 во подготовка е ново авторско ЦД. Како виолинист развил богата концертна дејност низ Европа и Америка, како член на гудачкиот квартет „Кројцер“ и како солист, учествувајќи во реализација, изведба и снимање на поголем број значајни проекти за „Naxos,“ „Toccata Classics“, „NMC“, „Lorelt“, „Metier“, „Tzadik“, „Guild“, „New Focus“ и „Move Records“.

Михаило Трандафиловски е исклучително плоден композитор. Иако пишувал и оркестарски, концертантни (за солист со поголем камерен оркестар и гудачки оркестар) и хорски дела, главниот фокус, сепак, му е во камерната музика. Притоа, сосема разбирливо најчесто за инструментот кој исклучително добро го владее како исполнител – виолината. Во сите нив Трандафиловски најчесто не поаѓа од определени и утврдени стилски координанти. Доколку и можат да се утврдат определени релации со некои стилски насоки, тие се менуваат од дело во дело, понекогаш дури и во рамките на само една композиција. Оттаму и техниките на компонирање можат да се сметаат како некаков „микс“ на некои од магистралните правци на дваесеттиот век, но секогаш во функција на остварување на идејата на самото дело. Бидејќи идеите се разновидни, и влијанијата, или, подобро – патиштата за нивна реализација преточени во композициски техники по правило одговараат на конкретната потреба. Најчесто е во „дослух“ со посовремените композициско-технички струења од втората половина на дваесеттиот век, но понекаде (на пример во „Диптих“ Виолински концерт бр.2) музичкиот јазик е „попитом“ и поприфатлив за пошироката публика. Но, без оглед на степенот на радикалност или комуникативност на музичкиот јазик со кој се служи, аспектот на комуникација преку музичкото дело е еден од главните постулати на неговата творечка естетика. Притоа, комуникацијата кај него е полимодална и е упатена на различен вид на слушатели: од најтесните специјалисти до обичните консументи. Во тој широк простор има место за различни изрази, и според Трандафиловски, можност за искористување на фантастичните звучни предели што ги нуди современата музика. Потпирајќи се врз креативниот инстинкт тој низ својата музика се обидува да ги помири понекогаш наизглед непомирливите крајности и да овозможи низ процесот на комуникација да не се загуби предметот за комуникација. За композицијата „Четири“, што беше изведена од квартетот „Кројцер“ во Лондон, во почетокот на 2013 година, Панде Шахов, меѓу другото, пишува: „…напишана (е) на стихови од Владимир Мартиновски (И вода и земја и оган и воздух). Трандафиловски ги истакнува и метафорите на четирите елементи, но и звучните особености како, на пример, во првиот став (Воздух), каде што гласовите шумолат. Трандафиловски создава извонреден спој на боја и драма, која е невозможно да се класифицира во рамките на постојните правци и „школи“. Поздравени со громогласен аплауз и овации, Трандафиловски, Новиот Лондонски Камерен Хор, Клемент Пауер и Квартетот Кројцер се потврдија како извонредни амбасадори на македонската современа музика, во еден од центрите на светската музичка култура.“

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Поларитет (Polarity), – за симфониски оркестар, (2000 – 2003); Пулс, – за гудачки оркестар, (2008); Диптих , – за виолина и гудачки оркестар, (2010 – 2012); Композиција, – за пијано и гудачки оркестар, (2013);

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: Четири, – за мешан хор (24 гласа) и гудачки квартет, (2012);

КАМЕРНО: Соната, – за две виолини, (1997 1999 ); Крстопати (Junctions), – за виолончело и пијано, (2000); Три Танци (Three Dances), – за флејта (пиколо), кларинет во B (Бас кларинет), труба во C (или B во првиот Танц), удиралки (2), пијано, две виолини, виолончело, (2000 – 2001); Варијации, – за кларинет во B, пијано, виолина, виолончело, (2001); Хармореомодија (Harmorheomody), – за кларинет во B, пијано, виолина, виолончело, (2003); Це-База (C-Base), – за флејта (алт флејта), кларинет во B, удиралки, пијано, виолина, виола, контрабас, (2003); Осум карактерни студии (Eight studies of character) , – за флејта (пиколо, алт флејта), кларинет во B (Бас кларинет), фагот (контрафагот), (2003); Два во флукс (Two in flux), – за флејта, кларинет во B, пијано, виолина, (2004); Еден, низ промени (One, changing), – флејта, кларинет во B, труба во C, пијано, виолина, виола, виолончело, (2004); Дуо 1, – за виолина и пијано, (2004); Виолински концерт, – за виолина и камерен ансамбл: флејта (пиколо), кларинет во B (Бас кларинет), хорна, труба во C, удиралки, пијано, виола, виолончело, (2004 – 2005 ); Удар – Тек (во три фази) Strike – Flow (in three phases), – за флејта, кларинет во B (Бас кларинет), пијано, виолина, виолончело, (2006); Квартет, – за гудачки квартет, (2007); Hammer Wings, – за две виолини, (2007); A-de-scent, – за пијано трио (виолина, виолончело, пијано), (2007 – 2008 ); Дуо 2, – за виолина и пијано, (2008); (S)PACING in five movements, – за две виолончела, (2008 – 2009); Фабрика на ѕвезди (Star Factory), – за гудачки квартет, (2010); Магнети, Лава, Кристали, – за кларинет и гудачки квартет, (2011); ТРИ-О , – за флејта, виолина, пијано , (2013); ARC-EN-CIEL , – за две виолини, (2013);

СОЛИСТИЧКО: Осум Багатели (Eight Bagatelles) , – за соло пијано, (1996 1999 ); Пет става (движби) (Five Movements), – за соло виолина, (1997 1999 ); Гамут (Gamut) , – за соло пијано, (2000); Суита , – за соло виолина, (2000 – 2001 ); Триесет и осум чекори при истражувањето на современата виолина (Thirty-eight steps exploring the world of contemporary violin), (2002 – 2006); Шест видови на контемплација (Six kinds of contemplation), – за соло пијано, (2005 – 2006 ); Фрагменти-Светлина (Fragments-Light), – за соло виолина, (2006); Energy furnace, – за соло виолина, (2006); Кристални Нитки (Crystal Threads), – за соло виолина, (2009 – 2010); Ripple Effect, – за соло пијано, (2010);

КОМПЈУТЕРСКА МУЗИКА: 441 Финале (441 Final) , (1998); Три Багатели (Three Bagatelles), (1998); Steps, Transients, (1999); 2,3.99, (1999); In a flow of pulse, (1999 – 2000); Ходен Æе, (1999 – 2000).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ