Новости

Концерт со интегрирана програма и одгласи на меморијата

Свеченото отварање на фестивалот „Денови на македонска музика“ оваа година беше реализирано со концерт на солисти, хорот и оркестарот на Националната опера и балет, под диригентство на Вања Николовски-Ѓумар. Оваа година кога Сојузот на композиторите на Македонија го бележи своето 75 годишно постоење, истовремено го реализира и 45-то издание на фестивалот „Денови на македонска музика“.

Фестивалот како единствена манифестација во нашата земја со така голем опсег и традиција, низ децениите на постоењето на Сојузот на композиторите на Македонија  расте и се развива низ креативна и важна интеракција со сите чинители на општеството, кои секој на свој начин остваруваат придонес во развојот на музичката култура кај нас, овозможува негување, поттикнување на творештвто, „градејќи континуитет, традиција и сведоштво за минатите, сегашните и идните времиња“.

Членовите на уметничкиот совет-композиторите: Валентина Велковска-Трајановска, Панде Шахов и Борис Светиев во името на организаторот – Сојузот на композитори на Македонија  на манифестацијата, во ова издание претставуваат осмислена и опширна програма со традиционално претставување на дела од македонското творештво и премиерно претставување на новите дела на македонските композитори.

Манифестацијата која е под покровителство на Претседателот на Р. С. Македонија, a поддржана од Министерството за култура на Р. С. Македонија, помогната во нејзината реализација од сите чинители на музичкиот живот во Македонија: Националната опера и балет, Филхармонија, НУ „Танец“ и др,  оваа година претставува интересни дваесетина настани распределени во две сезони на фестивалот: симфониски, камерно-солистички концерти со домашни и странски изведувачи, концерт на хорот „Про Арс“, ансамблот „Танец“, доделување на наградите на СОКОМ, трибина, панел дискусии со македонски композитори и активности во текот на целата година.

Овогодишните 45 „Денови на македонска музика“ започнаа со обраќање на музикологот Татјана Грковска со мошне студиозен и професионален осврт за местото и улогата на  Сојузот на композиторите  на Македонија во нашето општество. Кон прегледот за обемноста и повеќедецениското  делување на СОКОМ, разните манифестации, активности, печатени дела и носачи на звук, фестивалот „Денови на македонска музика“, значењето на творечката мисла и презентација на македонското музичко товрештво, како еден од стожерите на македонската култура во целина, беше посочена и создадената потреба за содавање на соодветни институции – институт, архив, меморијални простории низ целата земја и начини за зачувување на нашето музичко културно наследство.

Како солисти на концертот настапија: Кетерина Стојановска-сопран, Никола Стојчевски-тенор, Татјана Петрушевска-обоа, Драган Даутовски-гајда и Ратко Даутовски-тапан.

Програмата претставуваше приказ на дела за оркестар, хор и солисти од разни творечки периоди на македонското уметничко творештво, кое прикажа творечки опити и авторски реализации од уметничкиот опус на претставените автори.

Најпрвин ги слушнавме „Мадригалите“ за солисти, мешан хор и оркестар од композиторот Стојче Тошевски, создадени во 1972 година, едни од најсветлите творечки импулси во македонското музичко творештво. Оваа циклусна вокално-инструментална творба со осум народни напеви, творечки преобразени со полифони барокни решенија со својата уметничка форма и содржина етаблираат трајни естетски вредности во македонската музичка историја.

Композицијата „Калеш Анѓо“ за  симфониски оркестар од композиторот Љупчо Константинов, создадена во 1991год. е творечки израз на авторот со впечатлина емоционална уверливост. Авторовата насоченост кон комуникација на соопштување на трансферот на емотивниот набој, претставуваше своевидна инструментална фреска со достигната широка епска широчина на кажувањата, како плод на композиторскиот манир и приод на Константинов од навидум речиси мирна тонска изразност кон емисија која постигнува изразен тонски колоритен и  емотивен набој.

Соодветна реализација проследивме и во одредено изградената атмосфера во изведбата на делото „Мори чупи костурчанки“ за тенор и симфониски оркестар од Тодор Трајчевски, создадена во 2013 година. Како сегмент од нашето фолклорното наследство кое беше дејност која авторот ја негуваше, во неговиот творечки опус оваа творба  ја проследивме како дело за глас и голем инструментален формат.

Концертот продолжи со изведбата на делото „Кумановка“ за гајда, тапан и оркестар од Драган Даутовски , верен и компетентен деец во областа на музичката традиција. Даутовски со создавањето на ова дело оствари творечки опус и во жанрот на симфониското творештво. Проследивме дело инспирирано од традиционалната инструмeнтална мелодија  „Кумановско оро“ (гајдарско оро) со точно балансирана атмосфера и сугестивност во која се испреплетуваат современоста и традицијата, сугестивноста на звуците на тапанот и гајдата и соодветните ритмички конструкции распределени во повеќе оркестарски делници. Изведбата на ова дело наметнува размисли за идно создавање на целосен циклус на ваков вид творби, вообличен во единствен проект или албум, а воедно и можност за содавање на нотен материјал за симфониски третман на нашата традиционална музика.

 Концертот заврши со изведбата на IV и Vстав од композицијата „Балтепе“ за машан хор, дувачки ансамбл и ударалки,едно од антологиските дела од македонското вокално- инструментално творештво. Композицијата настаната во периодот од 1960-1974 година и досега изведувана на повеќе концертни сцени во светот, повторно не’ инспирира со неразделниот народен мелос и вонредната уметничка инспирација на Скаловски.

На овој концерт проследивме реализирана звучна атмосфера која го поврзува традиционалниот со современиот израз на мелодиските и хармонските структури.  Со таквата програмска осмисленост на концертот беше создадена подлога за солидна уметничка креација.

Можеби гледано од еден личен агол, спонтано и ненаметливо се провлече одблесокот на ансамбли и истакнати вокални уметници кои во минатото делуваа на нашата музичка сцена (како на пример Хорот и Камерниот оркестар  на Македонската Радио-Телевизија) и со својата дејност остварија високо-професионални приоди, високи уметничко-креативни остварувања и  побудија носталгија со остварените антологиски изведби на делата.

Диригентот Вања Николовски-Ѓумар успеа да проникне во содржината на делата, откривајќи ја нивната идеја. Заедно со солистите, хорот и оркестарот, вложувајќи напор, труд и соодветно разбирање на музичката материја го оформија овој концерт со покажана почит кон толкуваната музичка програма. Во ваква атмосфера публиката со должно внимание ја проследи интерпретацијата на делата и ги награди уметниците за интегралноста на овој концерт.

Мирјана Павловска-Шулајковска

Фотографии: Влахо Бранѓолица

СОКОМ