(Свети Николе 08.08.1937 – Скопје, 26.07.2020)
композитор
Претставник е на генерацијата композитори што својата комплетна музичка наобразба ја стекнаа во Република Македонија. Тој е прв дипломец на Факултетот за музичка уметност во Скопје (одделот за музичка теорија и педагогија), а потоа студент по композиција во класата на проф. академик Властимир Николовски. По дипломирањето целосно ѝ се посветува на педагошката дејност работејќи во Нижото и Средното музичко училиште во Скопје (предавајќи солфеж, теорија на музиката, хармонија, хорско диригирање и е диригент на школскиот оркестар), а потоа и како долгогодишен професор на Факултетот за музичка уметност (избран по неколку од главните стручни предмети). Освен ова, настапува како предавач и на голем број стручни семинари и музички манифестации во земјава и во странство. Автор е и на најголем број печатени учебници во Македонија (10) и работни тетратки (3) за различните степени на музичкото образование од кои еден дел се преведени и адаптирани на албански и турски јазик. Паралелно со оваа дејност развива широка творечка и општествена активност за што е добитник на највисоки државни („11 Октомври“, „Климент Охридски“) и стручни („Панче Пешев“, „Трајко Прокопиев“ и др.) награди.
Во своето музичко творештво Благој Цанев изминува пат од традиционалните форми и традиционалниот композиторски израз кон поразвиените творечки форми и видови. Својот сигурен настап го најавува уште со својата прва композиција („ … Струга годинава беше место каде што бевме возбудени од откривањето на творечкиот нерв на композиторот Благој Цанев во неговата СИМФОНИЈА 79 и пијанистичката СУИТА ИНТЕРМЕЦА…“, Владо Чучков, Вечер, 07 Ноември 1980). Сепак, траен белег на неговото композиторско проседе се потпирањето врз македонскиот музички фолклор и умерениот композиторски јазик. Тоа го забележува и музичката критика во која се истакнува дека „… Творечкиот израз на овој автор се традиционалните форми со осовременети изразни средства, кои содржат евидентна стилска определба на присуството на белегот од македонскиот музички фолклор, трансформиран низ повеќе музички постапки. Кон ваквата стилска определба е и неговото дело ГУДАЧКИ КВАРТЕТ ин Г…“ (Цветанка Зојчевска, в. Вечер, 27 Ноември 1987). При користењето на фолклорот тој не се ограничува на еден тип на негова трансформација, ами го користи целиот спектар на работа со него, – од едноставните хармонизации до посложените творечки постапки. Низ нив јасно се согледува рационалниот пристап што резултира со сосема чисти, јасни и прегледни композиции. Понекогаш дури и со користење на композиторските техники и постапки типични за определени форми од минатите епохи – барокот. („… На годишната Трибина на Југословенското музичко творештво во Опатија, концерт на Камерниот оркестар на РТС, значеше натамошна афирмација на македонската музичка мисла и репродуктива. Под диригентство на Младен Јагушт оркестарот прозвучи со сиот респект кон делата … со необарокни елементи прозвучи делото БАРОКНИ ВАРИЈАЦИИ ,,Пасчакона“ за гудачки оркестар на Благој Цанев, напишани во чест на годишнината од раѓањето на Ј. С. Бах…“. (Костадин Костадиновски, Нова Македонија, 18 Ноември 1987). Некои од неговите најпопуларни и најизведувани дела, исто така, делумно извираат од традицијата ( „ …Додека пак, СОНАТАТА ин Ес од Благој Цанев компонирана и надградувана на добрата француска традиција за дувачки инструменти беше претставена допадливо и прецизно…“ Владо Чучков, Вечер, 7 Ноември 1980). Иако сведок и добар познавач на авангардните струења од втората половина на дваесеттиот век, тој во своите дела не тргна по патот на неизвесното експериментирање, туку остана трагајќи по „музичкото во музиката“ („…И овој пат со изведбата на СИМФОНИЈАТА 79, останавме со уверување дека се работи за талентиран и вреден автор кај кого, веќе во овој момент, може да се забележи дека е повеќе наклонет кон мисловната страна на работите одколку кон експериментот…“, Јане Коџабашија, Нова Македонија, 21 Ноември 1981). Цикличноста како формално обликување најприсутна е во неговите помали форми, а обемниот хорски опус во најголем дел извира од македонската мелопоетска фолклорна почва. За некои од неговите соло песни, пак, критиката најчесто се изразуваше со супрелативи („… Двете лирски соло песни („СОНАТИНА“ и „ХАЛУЦИНАЦИЈА“), особено композицијата СОНАТИНА е творба со антологиска убавина…“ Јане Коџабашија, Нова Македонија 21 Ноември 1978). Речиси сите дела од Благој Цанев се изведени и снимени во Македонија и во странство (сите поранешни југословенски републики, Австрија, Албанија, Бугарија, Италија, Норвешка, САД, Турција, Украина, Франција, Шпанија и др.)
ТВОРЕШТВО
ОРКЕСТАРСКО: Симфонија ‘79,(1979); Барокни варијации „Пасчакона“, – за гудачки оркестар, (1985); Илинденски маршеви, – за дувачки симфониски оркестар, (1985); Секвенци, – за гудачки оркестар, (1989); Песна за пеперутката, – за хор и мандолински оркестар, (1993); Ленто, – за гудачки оркестар, (1996); Концертен став бр.1, – за пијано и гудачки оркестар, (1999); Концертен став бр. 2, – за пијано и гудачки оркестар,
(2000); Девет Минијатури, – за гудачки оркестар, (2002); Ала валс, – за гудачки оркестар, (2003); Концертен став III, – за пијано и гудачки оркестар, (2003-04); Тажен марш, – за гудачки оркестар, (2004); Девет
минијатури, – за оркестар флејти, (2004); Пасакаља и пајдушка, – за
гудачки оркестар, (2007);
КАМЕРНО: Контрасти, – за виолина и пијано, (1970); Соната ин Ес, – за кларинет и пијано, (1972); Гудачки квартет ин Ге, (1976); Суита „Фолклорни канони“, – за дувачки квинтет, (1982); Дувачко трио ин Ас, – за дувачко трио, (1991); Илинденски маршеви, – за лимен дувачки квинтет, (1996); Концертен став бр.1, – за две пијана, (1999); Концертен став бр.2, – за две пијана, (2000); Концертен став бр.3, – за две пијана, (2003); Концерт за две пијана, (2003); Фолклорни канони, – за флејта, виолончело и пијано, (2004); Пасакаља и пајдушка, – за хеликон (туба) и пијано, (2005); Бахофонија, Прелудиум и Фуга ин де, ин Це, ин Е, – за обоа, кларинет, фагот, виолина, виола, чело, контрабас и тапани, (2007); Балада без зборови, – за гудачки квинтет, (2010); Девет минијатури, за две виолини, (2014)
СОЛИСТИЧКО: Игра, – за пијано, (1952); Песна, – за пијано, (1953); Игра, – за пијано, (1956); Фолклорна суита „Овчеполка“, – за пијано, (1956); Песна и игра, за пијано, (1957); Три пиеси, – за пијано, (1970); Суита интермеца, за пијано, (1971); Варијации, – за пијано, (1972); Додекафонски варијации, – за пијано, (1972); Фолк Чакона, – за соло гитара, (2008);
ХОРСКО: Друже Тито, – за детски хор, (1957); Стани ми Геле, Ангеле, – за еднороден хор, (1957); Јаз‘к јаз‘к, – за мешан хор, (1970); Ноќи, – за мешан хор, (1971); Тутуноберачите, – за мешан хор, (1972); Хумореска „Тиквешанки“, за женски хор, (1977); Јуначка, – за женски хор, (1977); Македонски епос, – за мешан хор, (1981); Ѕвона, – за женски хор, (1982); Камбани, за мешан хор, (1983); Тишина, – за женски хор, (1983); Фолклорна кантата „Кумановки“, – за сопран, тенор и мешан хор, (1988); Рамнина, за машки хор, (1989); Капка роса, – за женски или детски хор, (1989); Песна за пеперутката, – за детски (женски) хор, (1993)
СОЛО ПЕСНИ: Сонатна, – стихови: Гане Тодоровски, (1970); Халуцинација, – стихови: Васил Икономов, (1971); Цветови, – стихови: Славко Јаневски (1974); Бдеење, – стихови: Блаже Конески, (1984)
ВОКАЛНИ МИНИЈАТУРИ ЗА ГЛАС И ОРКЕСТАР: Секој нешто знае, (1972); Зимска гатанка, (1972); Тандара бош, (1972); Мама, (1973); Срничка, (1973); Пролетни гости, (1973); На нишалка, (1974); Градинката наша, (1974); Нани, нани, (1974); Игра, (1975); Навредени од жаборок, (1975); Пранвера, (1975); Цвеќенце драго, (1976); Вртоглавица, (1976); Птиците на мирот, (1976); Ешко, (1978); Запеј птицо, (1979); Порака на војникот, (1980); Љубов за Скопје, (1984); Како сум се родил, (1988); Лоша игра, (1989)
УЧЕБНИЦИ: • Музичко воспитание за петто одделение „Музички семафор“, Просветно дело, Скопје, 1982, • Muzik egizimi sinif V „Muzik semaforu“, Просветно дело, Скопје, 1985, • Edukatu muzikore per klasen 5 „Semaforu muzikor“, Просветно дело, Скопје, 1985, • Музичко воспитување за трета година просветна структура, Просветно дело, Скопје, 1987, • Солфеж, за прва година уметничка струка – музичка насока, Просветно дело, Скопје, 1987, • Солфеж за втора година, музичка струка, Просветно дело, Скопје, 1987, • Музичка култура, за втора година културолошко-педагошки смер, Просветно дело, Скопје, 1990, • Солфеж за трета година, музичка струка, Просветно дело, Скопје, 1993, • Солфеж за подготвително одделение – основно музичко образование, Просветно дело, Скопје, 1993, • Солфеж за четврта година, музичка струка, Просветно дело, Скопје, 1995; РАБОТНИ ТЕТРАТКИ • Muzik egitimi defteri sinf V, „Semaforu muzikor“ (Просветно дело, Скопје),
(1982) • Edukatа muzikore per klasen 5 „Muzik Semafori“ (Просветно дело, Скопје), (1982) • Тетратка по музичко воспитание за V одделение (Просветно дело, Скопје), (1982).
Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)