Почитувани, Веруваме дека воопшто нема да претераме ако кажеме дека новата објава на ревидираните резултати за Годишната програма на Министерството за култура предизвика шок и неверување не само кај организаторите на фестивалот „Денови на македонска музика 2019“, меѓу членовите на СОКОМ, туку и кај пошироката културна јавност и редовните посетители на овој фестивал.
Имено, и покрај уверувањето дека со ревизијата ќе се корегираат само резултатите за оние апликанти кои не добија средства во првата објава (со која на СОКОМ како организатор на ДММ му беа доделени 1.500.000 денари, што е за повеќе од половина помалку од побараните, иако проектот беше оценет со висока оценка – 97%), во втората објава Комисијата решила тоа свое првично решение да го поништи, во целина да му ги одземе веќе објавените средства и со тоа практично да го укине фестивалот кој годинава треба да го доживее своето 42-ро издание.
И двете одлуки на Комисијата, само ги потврдуваат нашите повеќепати искажани мислења дека Комисијата се раководи исклучиво од субјективни наместо од професионални стандарди, па дури ни во таа своја пристрасност не е доследна. Истовремено, и двете одлуки потврдуваат дека членовите на Комисијата ни од далеку немаат поим како се организира еден реномиран меѓународен фестивал, и што значи буџетот на таков фестивал, намален за повеќе од половина, прво да се дознае на само два месеца пред неговиот почеток, а потоа, на само неполн месец истиот и сосема да се укине.
Во првата објава на резултатите од Конкурсот, поради намалениот буџет, но и поради доцната објава на истиот, СОКОМ беше принуден да го смени форматот на фестивалот и да донесе одлука во првата етапа да се реализираат најпрвин проектите со странските уметници кои беа договарани со месеци наназад. Тоа се проекти кои е незамисливо да се откажат, од проста причина што во нив финансиски учествуваат бројни странски партнери, авионските билети се веќе купени и се превземени низа дополнители обврски. Та нели самото Министерство бараше од нас како апликанти уште во ноември да поднесеме и документација преку која се потврдува дека договорите и сумите со кои аплицираме не се само фиктивни?!
Првиот концерт на ДММ 2019 е веќе закажан за 6 април и за истиот се веќе преземени сите потребни чекори за негова реализација. Само за пример, тој проект, кој е реализиран во соработка со Австриското друштво за современа музика, е поддржан од уште седум австриски институции. Од македонска – ни една! Дали е ова претставата на нашата држава како треба да се негува националната култура и кој треба да биде заинтересиран за неа?
Комисијата не знае, но ние знаеме кое е и какво е реномето на ДММ. Тоа го потврдуваат врвните светски уметници кои сакаат да настапуваат на ДММ, кои за ДММ имаат само најубави зборови во секоја смисла и таа слика за ДММ и македонската музика најсрдечно ја шират во светот. Тоа го потврдуваат и странските институции кои редовно секоја година финансиски ги поддржуваат проектите на ДММ. Оттаму, исто така, Комисијата не знае, но ние знаеме колкав е срамот што овојпат ниту ДММ ниту СОКОМ, туку државата ќе треба да го поднесе пред меѓународните институции!
Се разбира дека, во однос на одлуката на Комисијата, СОКОМ ќе поднесе соодветен приговор во кој ќе укаже на опасностите од оваа одлука на Комисијата со која се нанесува повеќекратна и далекусежна штета врз севкупната современа македонска музичка култура, творештво, уметност, но и врз меѓународниот углед кај нашите овогодинешни меѓународни партнери кои оваа година треба да гостуваат од Германија, Австрија, Швајцарија, Шпанија и Албанија. Доколку одлуката остане негативна, за понатамошната судбина на ДММ ќе решава највисокото тело – Собранието на СОКОМ.
Претседателство на СОКОМ