Новости

СОКОМ го објави првиот авторски компакт диск на композиторката Ана Пандевска

Во издание на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, деновиве беше објавен првиот авторски компакт диск на композиторката Ана Пандевска. Аудио изданието опфаќа избор на електроакустични дела за различни состави (соло, камерни, оркестарски композиции) создадени во изминатите пет години. Во листата на изведувачи се запишани реномирани изведувачи и ансамбли: пијанистките Дуња Иванова и Ива Виденовиќ, хорнистот Никола Велковски, ансамблот за современа музика „КонТемпора“ и Македонската филхармонија под диригенство на британскиот диригент Тимоти Редмонд. 

Компакт дискот е дел од едицијата „Од композиторскиот опус“ на СОКОМ и истиот  е објавен со финансиска поддршка од Министерството за култура, а меѓу издавачите освен СОКОМ се потпишуваат и МРТ и Балканскиот музички форум. Фотографијата на обвивката е дело на фотографката Маја Аргакиева, а дизајнот на Графосет ДЛ. 

Во својот осврт кон авторското издание на Пандевска, музикологот Марко Коловски ќе запише: 

„Во своите многубројни композиции Пандевска се претставува како автор кој преферира полистилистика и мултижанровост и кој ниту има комплекс ниту пак посебно преферира кој и да е стил што ја обележал музичката историја. Оттаму и нејзиниот интерес за фолклорот, за џезот, последните години – за електроакустичната музика и за многу други стилски и изразни насоки. Ако сака да се извлече некоја заедничка црта за сите нив – тогаш тоа би бил заклучокот дека таа не тежнее кон празни ефекти, кон шокантни звучни склопови и решенија карактеристични за авангардата од почетокот на втората деценија од минатиот век. Спротивно на тоа, без оглед дали станува збор за музика за деца, за солистички, камерни или оркестарски дела, кај неа ефектот речиси секогаш е во функција на смислата на композицијата. Каде што слушателот ништо не препознава како случајност, ами како намера насочена кон тоа да предизвика естетско задоволство.“

По повод изданието на своето авторско првенче, Ана изјавува:

„Моето прво авторско ЦД е од посебно значење за мене како автор. Вложено е многу љубов и работа во самата изработка на дизајнот и идејното решение за истото, а самата музика ја работев во изминатите пет години. Идејата беше да се сублимираат композиции во различни состави со цел да се почувствува градација во самата форма на осумте парчиња кои се селектирани за издавање. Меѓу нив се наоѓаат дела за пијано, четирирачно пијано, хорна, камерни и оркестарско дело. Музиката е електроакустична, тоа е правецот во кој претежно работам изминатите години, така што сосема логично е дел од нив да се најдат на ова издание.

Првите пет композиции од ЦД–то беа премиерно изведени на мојот прв целовечерен авторски концерт во 2015, а во меѓувреме се изведуваа во повеќе наврати на други концерти и фестивали. Една од нив оваа година се изведе и во Америка. Композициите “Дуња и Дарин“, “Марионети“ и “Паљачо“ беа наградени на конкурси по композиција со први и втори места, така што ми е посебно драго што се дел од ова издание.

Особено сум благодарна на сите изведувачи кои се дел од ова ЦД, на СОКОМ, како и на музикологот Марко Коловски за големата поддршка и убавите зборови кои ги испиша на ова мое првенче. Се надевам дека очекувањата ќе ги исполнам и во иднина, особено што последниве неколку години со силен интензитет создавам нова музика, музика која допрва ќе се најде на изданијата што следат“ – истакнува Пандевска. 

Делата на Ана доживеале многубројни изведби во различни контексти, од страна на домашни и странски ансамбли и солисти, меѓу кои Bold City Contemporary Ensemble, гитаристот Роман Петиот, пијанистката Лаума Скриде, диригентот Тимоти Рејмонд, на подиумите во Македонија и во странство (Франција, САД). Во досегашната кариера, Ана е добитник на повеќе значајни награди и признанија. 

Соком