Новости

Кон концертот на хорот ПРО АРС на „Деновите на македонска музика“ 2022

Во рамките на Фестивалот „Денови на македонска музика 2022“ (ДММ), на 11ти април, во Фоајето на Националната опера и балет, концерт одржа професионалниот хор ПРО АРС, под диригенство на проф. м-р Сашо Татарчевски. На овој концерт беше претставен мал дел од македонската хорска творечка мисла која е една од најекпонираните форми на музичкиот израз на нашите автори. Програмата опфати дела од опусот на различни генерации на македонски композитори. Настапи женската секција на хорот ПРО АРС со Македонско оро од Тодор Скаловски, Полноќ од Димче Николески, Четири пиеси од Ристо Аврамовски, Калиштанска од Михајло Николовски, Од камен создаде роза од Тома Прошев, Орал дедо од Драган Шуплевски, Три коледарки од Јане Коџабашија, Лазаренки од Гоце Гавриловски и Кољо гидија од Александар Лековски. Во композицијата Роса од Трајко Прокопиев како солист се претстави Ана Михајлова, сопран. Коралните мотети од Стојче Тошевски, ги изведе мешан состав, а во композицијата Забувале тапаните од Кирил Македонски ја слушнавме само машката секција на хорот.

Иако делата се создадени со различни инспиративни пристапи, од обработка, стилизации, до оригинални пресоздавања на идиомот на македонскиот музички фолклор, како и дела блиски на западно-европските музички ориентации со современ третман на хорскиот слог, сепак хорот со нивната интерпретација под водство на диригентот Сашо Татарчевски вешто ги обединија во едно монолитно музичко доживување.

Диригентот Сашо Татарчевски со овој концерт уште еднаш го потврди своето огромно искуство, знаење и ентузијазам, со кој испишува сопствен белег и се издвојува во македонската диригентска хорска уметност. Всушност и самото формирање на овој професионален мешан хор „Про Арс“ (2011) е  резултат на неговото повеќегодишно делување во сферата на хорската уметност, поставување на високи професионални стандарди и огромната посветеност на овој вид творештво, особено во време кога се менува уметничкото валоризирање и практикување на хорската уметност кај нас.

И овој концерт покажа дека е многу значајно да се одржува континуитет кој ќе придонесува да се ревитализира хорската традиција, како една од клучните столбови во севкупното македонско музичко творештво. Оваа констатација ја потврди и многубројната публика која создаде една емоционална интеракција со хорот преку долгите и  искрени аплаузи. Останува отворена мислата дека вакви хорски музички доживувања би требало да се организираат почесто, како редовна практика за презентација на делата на македонските композитори, а воедно и како можност на младите хористи со својот израз и младештво да внесат свежина при секоја нова изведба.

Стефанија Лешкова – Зеленковска, музиколог

СОКОМ