Новости

Јана Андреевска избрана за потпретседател на комитетот за сериозна музика на Европската алијанса на композитори и сонграјтери – ECSA

На последното Генерално собрание на Европската алијанса на композитори и сонграјтери (ECSA-European Composer and Songwriter Alliance) кое се одржа во Брисел од 18-20 февруари оваа година, македонската композиторка Јана Андреевска е избрана за потпретседател на комитетот за сериозна музика (еcf) и за член на Управниот одбор на алијансата со мандат од три години.

Јана Андреевска е делегат на СОКОМ во Европскиот композиторски форум од 2008 година, а од 2013 до 2018 година во рамките на ЕCSA делува и како раководител на Уметничкиот одбор на Оркестарот на европските современи композитори (ЕССО – Еuropean Contemporary Composers Orchestra). Нејзиниот неодамнешен избор во највисоките тела на Европската алијанса на композитори е резултат на нејзиниот долгогодишен успешен ангажман и редовна активност, како и на угледот со кој Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ се стекна како најистакната членка на ЕСЅА од регионот. Генералното собрание на ЕСЅА кое СОКОМ го организираше во септември 2014г. во Скопје се уште се спомнува како едно од најуспешните во историјата на асоцијацијата.

Изборот на Андреевска беше дополнително поздравен од членовите и како „историски“ од аспект на родова застапеност, бидејќи ова е првпат жени да бидат избрани во Управниот одбор на асоцијацијата. Воедно, Македонија е единствената земја застапена во управниот одбор, а не е членка на ЕУ.

Членови на Управниот одбор на ЕСЅА се: Алфонс Карабуда – претседател (Шведска), Јорген Карлстром – потпретседател (Норвешка), Бернар Грималди – потпретседател (Франција) и членовите Естер Готшалк (Холандија), Јана Андреевска (Македонија), Луис Иварс (Шпанија), Ариен Молема (Холандија), Вали Бадару (Франција) и Џон Гроувс (Германија).

Европската алијанса на композитори и сонграјтери ги обединува композиторите во Европа од сите жанри (сериозна, популарна и филмска), ги брани и промовира правата на музичките автори на национално, европско и меѓународно ниво преку сите достапни правни средства, како и преку низа значајни културни проекти со кои се зголемува нејзината видливост.

Фото: одборот на ecf: Јана Андреевска – потпретседател, Јорген Карлстром – претседател, Естер Готшалк – потпретседател.

СОКОМ