За СТРУШКА МУЗИЧКА ЕСЕН

"Струшка музичка есен" е научно-културна манифестација која Сојузот на композиторите на Македонија ја покрена во 1975 година со цел за систематизирано презентирање на македонската научна музичка мисла. Од тогаш до денес Струга беше домаќин на многу наши автори и изведувачи, и на наши и странски музиколози. Имено, првите години "Струшката музичка есен" беше изведувачко‐творечка и научна манифестација. Во нејзини рамки беа претставени голем број од новосоздадените композиции на македонските автори, а на музиколошките сеанси започна расветлувањето на македонското музичко минато и беа анализирани современите текови на македонската творечка мисла.

"Струшка музичка есен" е единствена манифестација во земјава која своите содржини ги насочува кон научното истражување на, пред се, македонското музичко минато и сегашност и која го негува старото македонско црковно пеење. Акцентот на манифестацијата е ставен врз научно-истражувачкиот дел каде свои научни трудови излагаат бројни видни медиевисти, византолози, музиколози, етномузиколози и педагози од земјава и од странство. Манифестацијата пред се, се однесува на промоција и развој на македонското музичко творештво и на македонската музичка мисла. Иако акцентот е ставен на македонската музичка култура, сепак, СМЕ (Струшка музичка есен) е меѓународна манифестација на која настапуваат научници и ансамбли од поширокиот Балкански регион, Европа, Русија и УСА. Манифестација опфаќа два дела: концертен и научен. Во концертниот дел се опфатени концерти на македонска духовна музика, македонската современа музика, македонска традиционална музика и концерт на хорска музика со дела од композитори на Југоисточна Европа. Научниот дел претставува меѓународна конференција со теми од следните области: медиевистика (средновековно духовно и световно пеење), современа музикологија (презентација на анализи и реферати од областа на македонското музичко творештво и пошироко од регионот), музичка педагогија, етномузикологија и музика и медиуми.
Со оглед на континуитетот и успешната реализација во изминатите години, СМЕ стана веќе реномирана манифестација на интернационално ниво.

Целта на манифестацијата од нејзиното основање до сега е:

- креирање на нови можности за изразување, истражување и промоција на традиционалните и современи музички вредности;

- стимулација на компаративните музиколошки, етномузиколошки и етнокореолошки истражувања, како и развој на балканската истражувачка мрежа како сервис за промоција на културната размена;

- отворање можности за дебата на полето на културните различности на балканскиот простор од доменот на музичката уметност;

- обезбедување на соодветна стручна и научна платформа за размена на искуства на високо стручни и научни работници од земјата, регионот и светот;

- создавање на атмосфера на доверба кон регионални и европски асоцијации како Балкански музички форум, ICTM (Интернационалниот совет за традиционална музика) Централно европската иницијатива и сл.

- создавање на база за информатичка размена  на податоци од полето на музиката и дисциплините кои ја истражуваат;

- етаблирање на музиколошките и етномузиколошките истражувања во сервис за разбирање и креирање на нова истражувачка клима во државата и регионот;

- мотивирање и охрабрување за создавање на регионални културни политики и нивно насочување кон развој на дејностите поврзани со истражувањето, заштитата и промовирањето на трајни вредности од традиционалната и современата музичка култура.

 

За Струшка музичка есен

Струшка музичка есен е традиционална манифестација организарана од Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ, секоја година во Струга.

повеќе

Реферати

Овде можете да најдете голем дел од рефератите кои биле изложени на СМЕ во изминатите години. Рефератите се организирани по автори и наслови.

повеќе

СМЕ 2014

Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ упатува повик за учество на 39. меѓународна манифестација „Струшка музичка есен“...

повеќе