47-ми ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА
22 март – 17 април 2024
(прва сезона)
КОНЦЕРТ НА
ВОЕНИОТ ОРКЕСТАР НА АРМИЈАТА
Диригент: Мајор Горан Илијевски
Петок, 22 март 2024
Голема сала на Филхармонија, 20 часот
Со особена радост го најавуваме почетокот на 47-мото издание на фестивалот на современа музика „Денови на македонска музика“, во неговиот традиционален пролетен термин, со концертот на Воениот оркестар на Армијата, под диригентско водство на мајор Горан Илијевски.
На програмата на свеченото отворање се дела за воен оркестар од македонските автори Благој Цанев, Горан Илијевски, Живојин Глишиќ, Михајло Штерјев, Томе Манчев, Илија Илиевски, како и композиција за дувачки оркестар од Густав Холст.
За ансамблот
Воениот оркестар во состав на баталјонот за Почести е единствен професионален дувачки оркестар од ваков карактер во државата, чија мисија е учество на протоколарни активности и воени свечености во организација на Армијата и на највисоките државни институции. Формиран е во 1944 година, во првите децении опстојува во рамките на поранешната ЈНА во состав на третата армиска област во Скопје, а по осамостојувањето на државата прераснува во голем дувачки оркестар и претставителен сегмент на Армијата. Оркестарот реализира повеќе концерти во склоп на активностите на Армијата и во соработка со локалните самоуправи во во повеќе места во државата, но и редовно ја претставува на меѓународен план.
47-ми „Денови на македонска музика“
„Деновите на македонска музика“ претставуваат уникатен фестивал на нашите простори, кој овозможува македонското музичко творештво да се одржува и развива континуирано, како сведоштво за минатото, сегашноста и иднината. Овој фестивал ги промовира и слави трудовите на различни генерации музички уметници, со основна цел – премиерна изведба и презентација на новосоздадените музички дела.
Во духот на долгогодишната традиција, „Деновите на македонска музика“ и оваа година ќе се одржат во соработка со најзначајните музички институции во државата. Националната опера и балет, Филхармонијата и Националната установа „Танец“ ќе бидат дел од фестивалот, исто како и камерните ансамбли „Профундис“ и „Алтус“, кои со свои концерти ќе ја збогатат програмата. Понатаму, истакнати солисти и музички уметници од Македонија и странство ќе учествуваат во настаните, со што фестивалот продолжува да ја зацврстува својата позиција на меѓународната мапа на фестивали посветени на современата музика кои имаат долга и богата традиција.
Програмата на фестивалот е внимателно конципирана од уметничкиот одбор, во чиј состав се композиторите Валентина Велковска – Трајановска и Филип Иванов. Автор на плакатот и уметничкото решение на фестивалот е реномираниот уметник Владимир Лукаш.
Влезот на свеченото отворање, како и на сите останати настани во рамките на програмата на „Деновите на македонска музика“, е слободен.