Сабота, 30 април
Музеј на македонската борба, 20 часот
НАДЕЖ
Камерно-солистички концерт
За програмата
Крајот на првата, пролетна сезона на јубилејните, 45-тите „Денови на македонска музика“ ќе биде означен со камерно-солистичкиот концерт насловен „Надеж“. Фестивалскиот подиум, традиционално и оваа година ќе им биде отстапен на младите музички надежи, студенти и дипломанти на музичките универзитети во државата. Со ваквите иницијативи кои имаат за цел континуирана презентација како на новото музичко творештво, така и на новото исполнителство, фестивалот овозможува да се создаде компактна, генерална слика за патеката на движење на современата музика и исполнителство на нашите простори. Оваа вечер, на програмата ќе бидат дела од авторите Тодор Бојаџиев, Илија Пејовски, Маријана Јаневска, Стојан Стојков, Филип Иванов и Дамјан Темков кои ќе ги изведат младите уметници Ана Спасовска, Ивона Базгалоска, Памела Велкова, Маја Михајловска и Леона Кондратенко. Пијано придружба е Елена Атанасовска Ивановска.
За изведувачите
“ Ана Спасовска е една од моите најдобри студенти, роден диригент. ” – Урош Лајовиц
Ана Спасовска започнува да свири виолина на 9 годишна возраст. Нижото и средно музичко образование ги завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ во Скопје (класа на проф. Александра Младенова). Студиите ги продолжува на ФМУ во Скопје (класа на проф. Олег Кондратенко). Во текот на школувањето се стекнува со бројни награди на државните натпревари по виолина во соло категорија и категорија камерна музика. Како солист учествувала на голем број, концерти, музички манифестации и фестивали („Охридско лето“, „Скопско лето“, „Виолин фест“, „Денови на македонска музика“, а како дел од оркестарот на ФМУ настапува на фестивалот „ФИМУ“ во Белфор, Франција. Во 2015 година е членка на „Младинскиот супер оркестар“ со кој реализира концерти во Љубљана и Белград. Од 2016 година редовно настапува со камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“. Од 2018 година е дел од оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S. Во 2018 година Ана ги започнува студиите по оркестарско диригирање на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борјан Цанев). Од 2019 е активна учестничка на семинарите по диригирање на маестро Урош Лајовиц во Дубровник и Пловдив. Во 2019 година дебитира со Дубровничкиот симфониски оркестар, а подоцна застанува на диригентскиот пулт на Државната опера во Пловдив. Во 2021 година, Ана за прв пат диригира со оркестарот на Музичка младина на Македонија. Настапува како диригент на првиот „Скопски брас фестивал“, а потоа како диригент настапува на концертот „Звукот на идната генерација“ на Филхармонија. Минатата година на летниот камп на Музичката младина на Македонија е ангажирана како асистент на професорот Борјан Цанев, диригирајќи со оркестарот на јубилејниот концерт во рамките на фестивалот „Охридско лето“. Во ноември 2022 година по втор пат ќе застане на пултот како диригент на Филхармонија.
Ивона Базгалоска по завршувањето на средното музичко училиште во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје (класа на проф. Нина Костова Јаневска) каде работи и под менторство на професорите Романови, Ивона го продолжува своето образование на ФМУ во Скопје (класа на проф. Нина Костова Јаневска). Редовен учесник е на концерти, меѓународни и државни натпревари и семинари по пијано, а добитничка е на голем број награди и признанија, меѓу кои и седум специјални први награди. Music Prospect во Москва, Grand Piano in Palace во Санкт Петербург, Euterpe во Корато, Golden Classical Music во Њујорк, Grand Prize Virtouso во Лондон – се само дел од натпреварите на кои се стекнала со признанија. Редовно настапува солистички во државата, а меѓу позабележителните нејзини настапи се вбројува концертот во црквата „Св. Софија“ во Охрид во 2018 година, а токму на фестивалот „Златна лира“ е забележан настапот заедно со виолинистот Александар Иванов. Годинава, Ивона одржува и солистички рецитал во рамки на фестивалот „Concerti del Tempietto“ во Рим, Италија. Два пати (2015 и 2017 година) настапила како солист со оркестарот на Македонсакта филхармонија. Оваа година меѓу нејзините значајни настапи ќе остане забележан и настапот со оркестарот Санкт Петербург Камерата во Санкт Петербург, под диригентската палка на маестро Игор Манашеров.
Памела Велкова своето музичко образование го стекнува во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип (класа на проф. Борјанка Трајкова), а го продолжува на ФМУ во Скопје (класа на проф. Олег Кондратенко). Настапувала на бројни државни и меѓународни натпревари, на кои се закитува со бројни награди и признанија. Настапувала на повеќе концерти и манифестациии, меѓу кои се издвојуваат солистичките настапи со симфонискиот оркестар на Филхармонија во 2018 и 2021 година, како и концертите реализирани во рамките на манифестациите „Виолин фест“, „Охридско лето“, „Скопско лето“ и „Денови на македонска музика“. Како дел од триото „Divine“ настапила во Ларач, Мароко. Памела е членка на камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, оркестарот „Солисти на ФМУ“ и камерниот оркестар „Профундис“.
Маја Михајловска средното образование го завршува во ДМУБЦ „Илија Николовски – Луј“ (класа на Паскал Краповски), а дипломира CUM LAUDE на ФМУ во Скопје (класа на Живко Фирфов). Во 2012 година ја добива наградата „Франк Манинг“ од истоимената британска фондација за најдобар студент на генерацијата. Во 2015 година ги запишува магистерските студии на ФМУ во Скопје, работејќи под менторство на познатиот чешки виолончелист Микаил Канка. Во периодот 2025/06 година е дел од Yunge Orchester Akademie – YSO со кој реализира турнеи во Швајцаријаи на Балканот. Во сезоната 2006/07 и 2008/09 настапува со европскиот оркестар CEIYO на концертни турнеи во Италија, Австрија, Словенија и Романија. Во 2016 година членува во скандинавскиот оркестар Orkester Norden со којшто концертира во Данска, Шведка и Финска, под диригентската палка на Лоренс Фостер. Настапувала како солист со Филхармонија, оркестарот на ДМБУЦ и АРКО. Добитничка е на бројни награди и признанија. Редовно настапува со својата сестра-близначка Марија како дел од дуетот виолончела „Twins Cello“. Редовно учестува на мастерски курсеви и семинари работејќи со истакнати педагози и уметници (Астрит Селита, Имре Калман, Александар Књазев, Венцеслав Николов, Марк Купе, Детлеф Милке и Јоханес Мозер). Во 2012 година, на покана на тогашната селекторка на фестивалот „Охридско лето“, проф. Гордана Јосифовска – Неделковска, Маја настапи како гостин на концертот на познатиот виолончелист Енрико Диндо, на затворањето на фестивалот. Од 2015 година е дел од оркестарот на Филхармонија, а редовен учесник е и во проектите на филмскиот оркестар F.A.M.E.S. Маја еднакво комотно се чувствува во изведбата на класичен репертоар и други музички жанри. Таа е дел од бугарскиот кросовер квартет „Дестини“ со кој од 2019 година настапува во Бугарија и низ Европа.
Леона Кондратенко потекнува од признаена музичка фамилија. Виолина започнува да изучува на петгодишна возраст, во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ (класа на проф. Анна Кондратенко), а подоцна работи и со проф. Румен Димитриев. Средното образование во ДМБУЦ го продолжува во класата по виола, работејќи со проф. Фана Спиркоска и проф. Јован Бицевски. Леона е редовна членка на младинските оркестри и камерни состави во државата.
Влезот е на концертот е слободен.