Понеделник, 4 април 2022, Фоаје на НОБ, 20 часот
диригент: Борјан Цанев
солисти: Гонца Богоромова – сопран, Злата Тошевска – сопран, Владимир Чадиковски – гитара
За програмата
На втората фестивалска вечер на 45. Денови на македонска музика, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ под диригентската палка на маестро Борјан Цанев ќе ги изведе делата АДАЃО за гудачки оркестар од Кирил Македонски, ЦИКЛУС за сопран и гудачки оркестар од Благоја Ивановски, ПОЕМА за гудачки оркестар од Драгослав Ортаков, ЗАПИСИ за глас и гудачки оркестар од Михајло Николовски, КОНЧЕРТИНО за гитара и гудачки оркестар од Јане Коџабашија и КАЛЕШ АНЃО за сопран и гудачки оркестар од композиторот Благој Цанев.
За изведувачите
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои три и пол децении и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска. Оркестарот реализирал преку 100 концерти и е добитник на бројни награди и признанија. Како признание за постигнатите успеси, во 1995 година оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската Федерација на музичката младина. Веќе 35 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 15 години, оркестарот е дел и од манифестациите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.
Диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во својата земја и во странство. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа, Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а ќе биде поканет да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис на Кралскaта оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Манс“ за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, Нови Сад, Загреб, Њујорк, турнеи во Полска и Казахстан). Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2005 година Цанев дебитира во Македонската опера и балет, каде што следната година ја поставува премиерата на „Волшебната флејта“ од Моцарт. Покрај гореспоменатите, Цанев диригирал и со Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина, „Синфониета“ – Софија, Хрватскиот камерен оркестар, Задарскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, со ансамблот за современа музика „Алеа“ и др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Иља Гринголц, Даниел Милер-Шот, Сајака Шоџи, Симон Трпчески, Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Алексеј Огринчук, Акико Суванаи, Роман Симовиќ, Зи Зи, Стјепан Хаузер, Евгени Божанов, Криштоф Барати, Моника Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Антал Залаи, Емануел Сејсон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други. Диригирал на сите реномирани фестивали во Македонија, како и на многу фестивали во странство вклучувајќи ги: Жорж Енеску, Котор арт, Загрепски летни вечери, Варненско лето, НОМУС, Светот на музиката – Загреб и др. Борјан Цанев како диригент се појавува во САД, Англија, Јапонија, Италија, Франција, Чешка, Полска, Хрватска, Србија, Бугарија, Црна Гора, Турција, Романија, Босна и Херцеговина, Казахстан, а има направено снимки за Македонската радио-телевизија, за Бугарското национално радио, како и за „F.A.M.E’S“ Македонија. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков“ за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“. Цанев е вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
За Злата Тошевска музичката критика вели дека „поседува топол спинтов глас кој ве води назад во златната ера на оперското пеење, поткрепен со неверојатна музикалност и сценичност“. Тошевска дипломира со CUM LAUDE на ФМУ во Скопје (класа на Славица Петровска – Галиќ), а магистрира оперско пеење на Академијата за музичка, танцова и ликовна уметност во Пловдив, Бугарија (класа на Лилија Илиева). Како уметница остварува бројни солистички концерти и гала концерти, соработувајќи со афирмирани македонски и странски диригенти меѓу кои Саша Николовски – Ѓумар, Бисера Чадловска, Иван Еминовиќ, Џанлука Мартиненги, Бруно Николи, Крис Росман, Енрико Довико. Својот музички талент, техника на пеење и актерска игра ги усовршува на бројни мастеркласи и академии во Италија, САД, Австрија, Црна Гора, Бугарија, Косово. Соработува со светски познати оперски уметници и професори меѓу кои Џералд Мартин Мур, Ерик Марџоре, Дејвид Оствалд, Ален Фишер од САД, Анамариа Попеску (Канада), Михаило Арсенски. Во 2019 година е наградена со стипендијата „Emerging Artist“ од страна на Premiere Opera Vocal Arst Institute и учествува на курс по оперско пеење и актерство во Трани, Италија каде добива можност да работи со светскиот сопран Барбара Фритоли, вокалниот педагог на подмладокот на Метрополитен Опера, Мајкл Пол, вокалниот педагог на реномираната Елина Гаранча, Дејл Фандлинг и диригентот на Ла Скала, Бруно Николи. Како солист во Националната опера и балет во Скопје, Тошевска во својот репертоар досега ги впишала улогите на Дона Елвира во „Дон Џовани“, Лиу во „Турандот“, Микаела и Мерцедес во „Кармен“, Берта во „Севилскиот бербер“, Првата и Втората дама во „Волшебната флејта“, Анина во „Травијата“, Џована во „Риголето“, Кејт Пинкертон во „Мадам Батерфлај“, Бабата во „Црвенкапа“, Јенте и Фрума Сара во „Свирачот на покривот“, Луси во „Телефон“.
Гонца Богоромова Краповски е македонска уметница која својот уметнички израз го афирмира преку забележителна концертна дејност на домашната и меѓународната музичка сцена. Уметница, која „одвнатре зрачи со силна харизматичност и емотивен набој, со вокал во кој се очитува длабока и искрена посветеност“, Богоромова е беспрекорно уверлива појава на музичката сцена, особено на камерните концерти и рециталите на кои секогаш одново ја фасцинира публиката со својот кристално чист и беспрекорно артикулиран вокал. Во нејзиното портфолио на солист и камерен музичар се запишани соработки со Филхармонијата, Камерниот оркестар на Филхармонија, Оркестарот на Пловдивската државна опера, Минхенскиот камерен оркестар, пијанистите Симон Трпчески, Милен Станев, Милица Шкариќ, Вјара Шуперлиева, Андреј Наунов, диригентите Томислав Шопов, Борјан Цанев, Саша Николовски – Ѓумар. Особен фокус во својата уметност, Богоромова придава на македонското музичко творештво и на сцената донесува премиерни изведби на композиции од Панде Шахов, Дамјан Темков, Бојана Петровиќ Алексова. На македонската оперска сцена дебитира со улогата на Ѕерлина во „Дон Џовани“, а на меѓународната сцена, на покана на Државната опера на Стара Загора дебитира во улогата на Магда во операта „La Rondine“ на Пучини. Своето меѓународно концертно деби го остварува со оркестарот Wien Klang Sinfonietta од Австрија на концертна турнеја низ Кина. Дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје (класи на Билјана Јакимовска и Ана Дурловски), а се усовршува кај реномирани уметници и педагози (Дарина Такова, Красимира Стојанова, Карло Коломбара, Лучана Д’Интино, Александрина Пендачанска). Работи како наставник по соло пеење во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Владимир Чадиковски дипломирал класична гитара на ФМУ во Скопје, а магистрирал џез гитара на ФМУ при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Чадиковски е мошне интересна појава на македонската музичка сцена на која е активен во повеќе жанри, состави и уметнички проекти. Бил дел од рок групата „Хелстрингс“, член е на оркестарот за современа музика „КонТемпора“ на СОКОМ, како и на Биг Бендот на МРТ (под диригентство на Кире Костов), соработувал со Македонскиот народен театар во претставата „Мама миа“, со НОБ во балетот „Клеопатра“. Како солист и камерен изведувач на сцената преставил бројни премиерни на дела од македонски композитори. Реализирал настапи на фестивалите „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Скопски фестивал“. Контиунирано одржува клупски поп, рок и џез свирки во државата и Европа, настапувајќи со својот бенд „Why Not“. Се јавува како автори и продуцент на музика за драми изведени од театарот „Скрб и утеха“ и како продуцент на музиката на повеќе детски драми на Љубомир Грбевски. Работи како професор по класична и џез гитара на Европскиот универзитет Еуропа Прима (поранешна ЕСРА) и како наставник по гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
Влезот на концертот е слободен.
Фестивалската брошура на ДММ 2022 е достапна на следниот линк.