Новости

ДММ 2022: Концерт на Женскиот хор ПРО АРС

45-ти ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

Понеделник, 11 април
Фоаје на Националната опера и балет, 20 часот

Концерт на Женскиот хор ПРО АРС
диригент: Сашо Татарчевски

За програмата
На концертот во рамките на „Деновите на македонска музика“, професионалниот камерен хор „Про Арс“ ќе настапи со својата женска секција, претставувајќи ја македонската хорска творечка мисла како една од најекпонираните форми на музички израз на нашите автори преку избор од опусот на композитори од неколку различни творечки генерации. Овој состав на „Про Арс“ на публиката ќе ѝ понуди можност да ужива во креациите на хорски дела од Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Драган Шуплевски, Томе Прошев, Димче Николески, Михајло Николовски, Стојче Тошевски, Јане Коџабашија, Томе Манчев и Гоце Гавриловски. 

За хорот ПРО АРС
Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран 2011 година од страна диригентот Сашо Татарчевски по негово повеќегодишно делување во сферата на хорската уметност и анализа што укажа на недостатокот од еден ваков ансамбл, кој професионално и пред сѐ квалитетно би одговорил на потребите на музичката сцена во Македонија.

Предностите на хорот станаа видливи уште во првата година од неговата активност, презентирајќи висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика. Во своето десет годишно делување, хорот оствари самостојни концерти со уметничка хорска музика, концерти на „Деновите на македонска музика“ со праизведби на композиции од македонски и странски автори, концерти на реномирани фестивали како Охридско лето, Денови на македонска музика, Есенски музички свечености, соработка со разни фондации и здруженија во реализирање концертни програми со хетерогена жанровска определба. Од 2018 година хорот е редовен гостин на концертите со вокално-инструментална музика на Македонската филхармонија, настапувајќи не само со местро Татарчевски, туку и со диригенти како Густав Кун, Емил Табаков, Габриел Бебешелеа и др. Про Арс во последните шест години реализирал огромен број студиски снимки за едукативни програми,  солистички албуми, како и филмска музика за високобуџетни интернационални филмски остварувања во студиото F.A.M.E.S. Од 2017 година хорот ја започна и својата меѓународна афирмација со настапите на престижни сцени во Солун, Софија и Виена.

Во креациите на дела од македонски автори хорот „Про Арс“ музичката критика редовно го истакнува „потенцијалот на хористите за отсликување на тонскиот квалитет на делата, конзистентно мелодиско фразирање и хармонски спој, јасно дефинирање на естетиката и експресијата на музичката партитура“. 

Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на ФМУ во Скопје, работејќи со Драган Шуплевски, Фимчо Муратовски и Саша Николовски. Посетува и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург. Настапувал со голем број ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Камерниот оркестар на Битола, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“ и други камерни и симфониски состави. Редовно снима со различни ансамбли во студиото F.A.M.E.S.

Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Интерфест“, „Скопско лето“ и многу други, има настапувано и освоено награди со повеќе ансамбли во голем број европски земји. Во моментов работи на ФМУ во Скопје како професор по група предмети од областа на диригирањето, хорот „Драган Шуплевски“ и камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“. Освен тоа, Татарчевски е уметнички раководител на професионалниот хор „Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ. Редовен член е на неколку жири комисии на интернационални хорски натпревари како и раководител на Меѓународниот хорски форум во Струга.

Влезот е на концертот е слободен. 

СОКОМ