Новости

45.ДММ: Доделување на наградите на СОКОМ на Љупчо Константинов, Владимир Костов и Марија Вршкова на КОНЦЕРТ на гудачкиот оркестар АЈГА со солисти

ЉУПЧО КОНСТАНТИНОВ за своето обемно творештво, за филмска и театарска музика ја добива наградата „Трајко Прокопиев“  што е највисоко професионално признание кое го доделува СОКОМ на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата. На концертот ќе бидат изведени фрагменти од неговата музика за играниот филм „ЦРВЕНИОТ КОЊ“ и ТВ филм „ЗАМИНУВАЊЕ ОД ПАСКВЕЛИЈА“.

Наградата „Георги Божиков“ која Сојузот  на композитори на Македонија – СОКОМ  ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година, за 2021 година се доделува на Камерното дуо

ВЛАДИМИР КОСТОВ – ВИОЛИНА
МАРИЈА ВРШКОВА – ПИЈАНО

45-ти ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

Понеделник, 31 октомври
Камерна сала на Филхармонија, 20 часот
Модератор: Татјана Грковска

Диригент: Ана Спасовска
Солисти: Маја Чаначевиќ – англиски рог, Горан Јанев – хорна, Владимир Костов – виолина

За програмата
Во рамките на втората сезона на фестивалот „Денови на македонска музика“, новоформираниот гудачки оркестар „Ајга“ под диригентско водство на младата диригентка Ана Спасовска ќе изведе дела од Љубомир Бранѓолица, Љупчо Константинов, Александар Пејовски, Стојан Стојков и Тодор Скаловски (оркестрација Ристо Аврамовски). Како солисти ќе настапат Маја Чаначевиќ – англиски рог, Горан Јанев – хорна и Владимир Костов – виолина. Идејата за формирање на ансамблот „Ајга“ произлезе од неопходноста да се оформи гудачки оркестар, што ќе го проследи во својот опус творештвото од музичкиот барок до денес, со особен акцент на современите автори. Составен е од млади, но веќе добро познати имиња на класичната музичка сцена во Македонија, со што ќе дојде до израз нивната енергија, полетност, но и исполнителска зрелост.

По повод премиерниот концерт на оркестарот на 3-ти октомври оваа година, критиката ќе напише:

„Оркестарот АЈГА, составен од млади и поискусни музичари одлично ја пренесе магијата на барокната музика која ја чувме на овој концерт, но и делата на македонските композитори Благој Цанев, Александар Лековски и Властимир Николовски кои се инспирираат од различни аспекти блиски на барокниот стил.“

„…изведбата на камерниот оркестар „Ајга“ беше навистина впечатлива, зошто на површина извади некои аспекти од делото кои досега не биле потенцирани на изведбите кои сме ги чуле. Музичарите од овој оркестар покажаа дека имаат извонредно деликатно чувство за креирање на атмосфера и бои и потенцијал да ја извадат есенцијата на музичкото дело на површина.“

За уметниците
Ана Спасовска започнува да свири виолина на 9 годишна возраст. Нижото и средно музичко образование ги завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ во Скопје (класа на проф. Александра Младенова). Студиите ги продолжува на ФМУ во Скопје (класа на проф. Олег Кондратенко). Во текот на школувањето се стекнува со бројни награди на државните натпревари по виолина во соло категорија и категорија камерна музика. Како солист учествувала на голем број, концерти, музички манифестации и фестивали („Охридско лето“, „Скопско лето“, „Виолин фест“, „Денови на македонска музика“, а како дел од оркестарот на ФМУ настапува на фестивалот „ФИМУ“ во Белфор, Франција. Во 2015 година е членка на „Младинскиот супер оркестар“ со кој реализира концерти во Љубљана и Белград. Од 2016 година редовно настапува со камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“. Од 2018 година е дел од оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S. Во 2018 година Ана ги започнува студиите по оркестарско диригирање на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борјан Цанев). Од 2019 е активна учестничка на семинарите по диригирање на маестро Урош Лајовиц во Дубровник и Пловдив. Во 2019 година дебитира со Дубровничкиот симфониски оркестар, а подоцна застанува на диригентскиот пулт на Државната опера во Пловдив. „Ана Спасовска е една од моите најдобри студенти, таа е роден диригент.” – напиша Маестро Урош Лајовиц за неа. Во 2021 година, Ана за прв пат диригира со оркестарот на Музичка младина на Македонија. Настапува како диригент на првиот „Скопски брас фестивал“, а потоа како диригент настапува на концертот „Звукот на идната генерација“ на Филхармонија. Во 2021 година за првпат диригира со оркестарот на Музичката младина на Македонија. Таа е диригент на „Скопски брас фестивал”, каде настапува со Македонскиот брас ансамбл и светски познатите солисти Ѓорѓи Гивичан, Младен Ѓорѓевиќ и други. На 22 години Ана дебитира и остварува неколку концерти со оркестарот на Македонската филхармонија како студент. Како виолинист и диригент е дел од European Performing Instutute FAMES, и воедно беше асистент диригент на познатиот британски диригент Тимоти Редмонд. Ана е победник на првиот интернационален семинар и натпревар за диригенти во Сегед, Унгарија од каде добива покана за соработка во сезоната 2023/2024. Во октомври 2022 беше дел од Алегра фестивалот во Софија, Бугарија остварувајќи соработка со професорот Рудигер Бон (Дизелдорф) и оркестарот составен од музичарите на Софиска филхармонија и Оркестарот на бугарското национално радио.


Владимир Костов е роден во Битола, а дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Михајло Куфојанакис. Усовршувањето го продолжува кај повеќе истакнати педагози, меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко. Членувал во Светскиот симфониски младински оркестар и оркестарот „No Borders”. Покрај солистичите настапи, особен афинитет негува кон камерната музика, членувајќи во ансамблот за современа музика „Алеа“, камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“. Настапува како солист со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска и др. Основач е на клавирското трио ВАМ, а свирел и во ансамблот за современа музика „КонТемпора“, и во многу други камерни формации. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“. Моментално работи и како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Маја Чаначевиќ е родена во Скопје каде што го завршува средното музичко образование и Факултетот за музичка уметност. Дипломира обоа во класата на проф. Гордана Јосифова-Неделковска на ФМУ во Скопје. Веднаш по дипломирањето, ги завршила и постдипломските студии по културен менаџмент, a магистрирала и во областа на музичката уметност во класата на проф. д-р Владимир Лазаревски. Инструментот обоа го усовршувала и кај светски признатите обоисти Пол Домбрехт и Давид Валтер. Почнувајќи од периодот на студиите па сè до денес, настапувала како солист или, пак, како член на камерни оркестри на сите фестивали во Македонија, но и надвор од неа. Како солист настапувала во Холандија, Украина, Босна и Херцеговина, Турција, Унгарија, Косово, Бугарија, Србија, САД итн… Има остварно и повеќе аудио и видеоснимки. Постојан член е на камерното студио „Бахус“, камерниот ансамбл „Консонанс“, оркестарот F.A.M.E.’S.итн.

За нејзината успешна работа како лидер, но и како уметник, одликувана е и со највисоки меѓународни и национални признанија. Во 2011 година, беше одликувана со Медал за посебни заслуги во областа на културата и уметноста, доделен од државата Полска, медал кој многу ретко се доделува на странци. Одликувана е и со националниот Медал за посебни заслуги и придонес кон македонската култура, доделен од Бигорскиот манастир.Во 2018 година, по предлог на француското Министерство за култура, одликувана е со највисокото признание кое го доделува Франција во областа на културата и уметноста –Витез од редот на уметноста и книжевноста.

Вработена е повеќе од 20 години како обоист и солист на англиски рог во Македонската филхармонија. Во рамките на својата уметничка дејност, продолжува да твори и да ја промовира камерната музика и музиката пишувана за овој редок инструмент (англиски рог). Во периодот 2007 – 2017 година, во три мандати беше директор на Македонската филхармонија.

Горан Јанев е роден во Гевгелија, а дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Магистерски студии посетува на факултетот „Франц Лист“ во Вајмар, Германија. Од 2002 до 2006 година работи како хорнист во Турингскиот симфониски оркестар во Германија. Од 2006 година е прва хорна во Националната опера и балет. Горан е редовен хорнист во оркестарот за филмска музика – F.A.M.E.S., уште од основањето на истиот. Повеќе од 10 години паралелно свири и во Филхармонија како прв хорнист. Дел е од многу камерни состави како Брас квинтет на „МОН”, дувачкиот квинтет на ансамблот “КонТемпора” и многу други со кои настапува активно во и надвор од Македонија.

Влезот е на концертот е слободен. 

СОКОМ