За програмата
Концерниот простор во Музејот на македонската борба вечерта на 5 април ќе го исполнат звуците на гудачкиот квартет „Атака“ кои ќе исполнат репертоар на македонски дела од автори – претставници на неколку творечки генерации: РАСПЕВИ на тема од Јован Кукузел од Гоце Коларовски, СОКОЛ ЛИ СУМ, БУРА, ИЛИ БЕСКРАЈНА ПЕСНА на Јана Андреевска и КАПРИЧО од Драган Шуплевски, а своја примиера оваа фестивалска вечер ќе доживее делото THE TRIUNE HYPOTHESESод Ангел Спироски.
45-ти ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА
Вторник, 5 април
Музеј на македонската борба, 20 часот
Концерт на гудачкиот квартет „АТАКА“
Ева Богоевска – виолина, Марија Трајковска – виолина, Илза Бафтиари – виола, Маја Михајловска – виолончело
За изведувачите
Ева Богоевска (1999) започнува да учи виолина на седумгодишна возраст (класа на Анна Кондратенко). Уште на самите почетоци нејзиниот талент доаѓа до израз со победата на Меѓународниот фестивал за класична музика „Охридски бисери“ после која добива покана да одржи два концерта во Братислава, Словачка. На 16 годишна возраст, како најмлад студент во Македонија, се запишува на ФМУ во Скопје (клас на Олег Кондратенко) каде дипломира во 2020 година. Добитничка е на бројни државни и меѓународни награди и признанија на реномирани фестивали и манифестации: Сан Ремо Јуниор во Италија (2012), Лауреат од прв степен на Меѓународниот фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Русија (2014), Grand Prix на Меѓународниот фестивал за класична уметности и култура во Ерусалим, Израел (2016 година), Прва награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк, САД, по кој како првонаградена добива можност да реализира концерт во Карнеги Хол (2017). Настапувала повеќепати како солист со Филхармонија и Националниот оркестар на операта и балетот на Хо Ши Мин, Виетнам, а како солист остварила настапи во Словачка, Малезија, Виетнам, Италија, Русија, Австрија, Чешка, Унгарија, САД, Израел, Франција, Португалија и се разбира на најзначајните фестивали кај нас (Скопско лето, Охридско лето, Денови на македонска музика, Златна лира). Во 2019 година со свој труд, како претставник на Музичката младина на Македонија учествува на Првата конференција за новите начини во изведбата на класичните дела, организирана од Интернационалната музичка младина во Берлин, Германија. Од 2017 година е членка на оркестарот F.A.M.E.S, а од 2020 година е и вработен во Оркестарот на Филхармонија. Од 2021 година е студентка на магистерски студии на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима под менторство на проф. Сергеј Островски, редовен професор по виолина на Музичкиот универзитет во Женева, Швајцарија.
Марија Трајковска (1992) своето образование го стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ (класи на Олег Кондратенко и Љубиша Кировски). Продолжува на ФМУ во Скопје (класа проф. Михајло Куфојанакис), а во 2013 година добива стипендија за додипломски студии на Конзерваторимот при Лин Универзитетот во Јужна Флорида (класа на Гијермо Фигероа). Во текот на своите студии во САД, Марија учествува на бројни мастеркласи, концерти, натпревари и фестивали. Во текот на студиите на Конзерваториумот за музика е дел од симфонискиот и камерниот оркестар, со кој настапува на повеќе концерти заедно со светски познати солисти, меѓу кои и со реномираниот Џошуа Бел. Дипломира со почести CUM LAUDE во 2017 година. Од 2019 година е вработена во секцијата втори виолини во Филхармонија. Од неодамна е дел од тимот на Трала апликацијата од Чикаго, наменета за онлајн изучување на виолина, а има и своја класа на ученици од целиот свет. Во своето слободно време создава креативна и едукативна содржина за социјалните мрежи Instagram, YouTube и вебстрана под името Violynning. Марија моментално работи со реномираниот виолинист и професор Роберт Степаниан.
Илза Бафтиари се школува во ДМУБЦ „Илија Николовски – Луј“ (класа на Јован Бицевски), а студиите ги завршува на ФМУ во Скопје во класата на проф. Фросина Балова. Одржала бројни концерти и рецитали со својот брат, пијанистот Шкељзен Бафтиари. Настапувала во повеќе камерни состави и како солист со Македонската филхармонија, со Камерниот оркестар на ДМУБЦ на турнеја во Италија, како и со Камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“. Била членка на неколку меѓународни оркестри (CEI Orchestra, Jugest Sinfonie Orchester) со кои реализирала концерти во Италија, Словенија, Австрија и Швајцарија, а веќе трета година е дел од германскиот оркестар Manheimer Philharmoniker со кого настапила во престижни концертни сали како ElbPhilharmony во Хамбург, Queen Elizabeth Hall во Антверп заедно со врни солисти, меѓу кои и Марта Аргерич. Илза е вработена во Косовската филхармонија, а од 2020 година и во Филхармонија. Веќе пет години е активна членка на Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, а редовно реализира и проекти со оркестарот на филмска музика F.A.M.E.S.
Маја Михајловска средното образование го завршува во ДМУБЦ „Илија Николовски – Луј“ (класа на Паскал Краповски), а дипломира CUM LAUDE на ФМУ во Скопје (класа на Живко Фирфов). Во 2012 година ја добива наградата „Франк Манинг“ од истоимената британска фондација за најдобар студент на генерацијата. Во 2015 година ги запишува магистерските студии на ФМУ во Скопје, работејќи под менторство на познатиот чешки виолончелист Микаил Канка. Во периодот 2025/06 година е дел од Yunge Orchester Akademie – YSO со кој реализира турнеи во Швајцаријаи на Балканот. Во сезоната 2006/07 и 2008/09 настапува со европскиот оркестар CEIYO на концертни турнеи во Италија, Австрија, Словенија и Романија. Во 2016 година членува во скандинавскиот оркестар Orkester Norden со којшто концертира во Данска, Шведка и Финска, под диригентската палка на Лоренс Фостер. Настапувала како солист со Филхармонија, оркестарот на ДМБУЦ и АРКО. Добитничка е на бројни награди и признанија. Редовно настапува со својата сестра-близначка Марија како дел од дуетот виолончела „Twins Cello“. Редовно учестува на мастерски курсеви и семинари работејќи со истакнати педагози и уметници (Астрит Селита, Имре Калман, Александар Књазев, Венцеслав Николов, Марк Купе, Детлеф Милке и Јоханес Мозер). Во 2012 година, на покана на тогашната селекторка на фестивалот „Охридско лето“, проф. Гордана Јосифовска – Неделковска, Маја настапи како гостин на концертот на познатиот виолончелист Енрико Диндо, на затворањето на фестивалот. Од 2015 година е дел од оркестарот на Филхармонија, а редовен учесник е и во проектите на филмскиот оркестар F.A.M.E.S. Маја еднакво комотно се чувствува во изведбата на класичен репертоар и други музички жанри. Таа е дел од бугарскиот кросовер квартет „Дестини“ со кој од 2019 година настапува во Бугарија и низ Европа.
Влезот на концертот е слободен.
Фестивалската брошура на ДММ 2022 е достапна на следниот линк.