Новости

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА 2024

ОД АРХИВИТЕ НА МРТ

Концерт на оркестарот на Танец по повод 80 години од основањето на МРТ, 75 години од основањето на Танец и Народниот оркестар на МРТ и 70 години од раѓањето на Тодор Трајчевски

3 април 2024, 20 часот

Мала сала на Филхармонија

„Од архивите на МРТ“ е концерт кој во себе обединува неколку јубилеи – 80 години од основањето на МРТ, 75 години од основањето на Танец и на Народниот оркестар на МРТ, како и 70 години од раѓањето на Тодор Трајчевски, член на СОКОМ и автор, инструменталист и раководител на Народниот оркестар на МРТ. Всушност, самиот наслов ја открива содржината на овој ексклузивен настан, со кој оркестарот на Танец, раководен од маестро Дарко Илиевски ќе возобнови дел од богатата архива на Македонската радио телевизија, односно ќе отсвири партитури кои се неотуѓив дел од македонското наследство, композиции од врвните мајстори кои создавале за Народниот оркестар за време на неговото постоење. Концертот ќе започне со кус пригоден разговор со господинот Благоја Десковски, последниот раководител на Народниот оркестар, а потоа ќе биде изведена целовечерна програма составена од  композиции од најзначајните автори на аранжмани и творби за Народниот оркестар, и тоа од речиси од сите периоди на постоењето на оркестарот.

ПРОГРАМА:

* Воведен разговор во програмата со последниот раководител на Народниот оркестар на МРТ, маестро Благоја Десковски. Разговорот ќе го води Бранка Костиќ-Марковиќ.

* Брегалнички бисери – Никола Галевски

* Скопско оро – Ангел Нанчевски

* Битолско оро – Тале Огненовски

* Ситна лиса – Пеце Атанасовски

* Ратевка – Иван Терзиев

* Соборско оро – Кочо Петровски

* Десково оро – Благоја Десковски

* Фолклорен јазол – Петар Лукиќ

* Бојанино оро – Илчо Јованов

* Тинино оро – Тодор Трајчевски

* Пајдушка игра – Тодор Трајчевски

* Повардарско оро – Тодор Трајчевски

* Тинина приказна – Тодор Трајчевски

(Предистражувањето во архивите на МРТ го направија Бранка Костиќ-Марковиќ и Мери Попова, а изборот, адаптацијата и подготовката на композициите ги направи Дарко Илиевски, во соработка со Благоја Десковски)

Претседател на претседателството на СОКОМ: д-р Валентина Велковска-Трајановска

Претседател на собранието на СОКОМ: д-р Јане Коџабашија

Директор на Прв програмски сервис на МТВ: м-р Анета Андонова

Уредник на културно-уметничката програма на МТВ 1: Мери Попова

Директор на НУ Танец: м-р Мартин Вучиќ

Уметнички раководител на сценско-уметничка дејност во НУ Танец: м-р Бранка Костиќ-Марковиќ

Уметнички раководител на оркестарот на НУ Танец: м-р Дарко Илиевски

ТАНЕЦ – 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД

Основан во март 1949 година во Скопје, ансамблот Танец веќе 75 години е еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура, и недвосмислено, еден од главните темели на македонската државност. Формиран со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните инструменти и носии носии, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претстави највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ, тој е денес една од најблескавите страници на македонската културна историја. Благодарение на сите генерации што ја градеа и реализираа јасно поставената програмската активност на основачите, ансамблот низ годините се развиваше и прерасна во институција за почит, издигнувајќи се на нивото на уметничка извонредност и симбол на културна раскош пред публиката ширум светот. Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот во текот на овие 75 години остави белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа, настапувајќи во престижни полни сали на повеќе од 5000 концерти во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто, Аделаида и многу други светски метрополи. Репертоарот се состои од повеќе од 90 кореографии и неколку стотици вокални и инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува разновидните музички и кореографски традиции од сите региони каде што се создавал богатиот македонски фолклор. Во својот фундус поседува уникатна збирка на повеќе од 3000 автентични носии со исклучителна вредност и убавина, па оттука, секој настап на Ансамблот е посебно аудио-визуелно доживување. Денес, НУ Ансамбл за народни игри и песни Танец е модерна институција со приближно 100 вработени, каде функционираат повеќе оддели, а Ансамблот, покрај тоа што редовно концертира во својот комплексен полн состав, тој развива и богата концертна дејност на хорот, оркестарот и играорниот кор.

МАКЕДОНСКА РАДИО ТЕЛЕВИЗИЈА И НАРОДЕН ОРКЕСТАР НА МРТ

Во периодот по Втората светска војна, по добивањето на слобода, сопствен јазик и сопствена државност, започнало формирањето и на институциите и ансамблите во Македонија.  Тогаш, се поставуваат и темелите на „Радио Скопје”, како политичко- информативна и научно-уметничка програма, во чии рамки беа застапени и другите дејности. На Живко Фирфов во тој период му била поставена одговорна задача – да ја организира и оформи радио програмата на македонската народна музика. Полека и со голема грижа за зачувување на карактеристиките на македонскиот автентичен фолклорен израз, тој прво го создал „Чалгискиот оркестар од Велес“ (познат уште како „Велешка четворка“), а потоа во 1949-та година, назначувајќи го Никола Галевски за одговорен раководител, го основал и „Народниот оркестар“  на МРТ. Живко Фирфов е воедно и еден од основачите и прв уметнички раководител на Ансамблот за народни песни и игри на НРМ „Танец“ и еден од создавачите на „Фолклорниот институт на НРМ“.

Македонската радио и телевизија е најстариот електронски медиум во земјава, со најголема терестријална покриеност и со програмски содржини за сите сегменти во земјава. МРТ ја има единствената аудиовизуелна архива во Македонија со таков обем, форма и содржина, и таа претставува непроценлив извор на снимки, партитури и факти за развојот на македонската музичка култура, но и на македонската културна историја во целост. Архивата и фонотеката на МРТ се најстари во државата и претставуваат вистинско национално богатство. Голем дел од драгоцените архивски материјали се произведени од ансамблите кои долги години делуваа во рамките на телевизијата, а тоа се: Големиот народен оркестар, Оркестарот на народни инструменти, Чалгискиот оркестар, Камерниот оркестар, Радио хорот, Детскиот хор и Биг-бендот.

ТОДОР ТРАЈЧЕВСКИ (1954 – 2021) е познат македонски композитор, аранжер и хармоникаш. Студирал на факултетот за музичка уметност во Скопје, а во 1983 година се вработил во Народниот оркестар на МРТ, каде во 1988 година станал и  негов раководител.

Автор е на повеќе од 200 песни од различни жанрови, создал над 400 аранжмани, а компонирал бројни инструментални композиции за голем народен оркестар („Фолк загатка“, „Чие е она девојче“, „Изникна ми бадем дрво“,„Кинисала Роса“, „Повардарско оро“ и др.), инспирирани од фолклорното наследство на Македонија. Некои од нив се вбројуваат во антологиските бисери на поновата музичко-фолклорната литература. Соработувал со бројни македонски ѕвезди од областа на народната музика, учествувал речиси на сите македонски фестивали, а пишувал и класични композиции главно за тромбон и клавир, во соработка со „Дуо Рибарски“. Беше член на Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ.

Тодор Трајчевски почина пред три години, на 67-годишна возраст, од компликации поврзани со коронавирусот.

СОКОМ