Членови, Композитори

ГОРАН НАЧЕВСКИ

(Скопје, 1978)
композитор, музички уметник

Како исклучителен талент, без претходно нижо музичко училиште е примен во Средното музичко училиште во Скопје (МБУЦ) кое потоа го завршил и на два оддела: инструментален (соло пеење) и наставнотеоретски (композиција учел кај проф. Томе Манчев). Потоа ги започнува паралелните студии (соло пеење и композиција) на прашкиот Факултет за музичка уметност (Чешка) на кој во 2000 година магистрирал композиција во класата на проф. Милан Славицки со највисока оценка, а во 2001 година магистрирал соло пеење на истиот факултет кај проф. Рене Тучак (исто така највисока оценка – 10). Во 2001 год. запишува редовни докторски студии на отсекот Теорија на музика со област Теорија на композиција кај проф. Милан Славицки. Во јануари 2006 успешно ја одбранил докторската дисертација „Развојот на композициската техника на Витолд Лутославски и нејзиното влијание врз музиката во втората половина на XX век“. За време на докторските студии Начевски посетува предавања и семинари на отсекот по музикологија на Филозофскиот факултет при Карловиот Универзитет во Прага, а како дополнително уметничко дело ја пишува композицијата „Решение“ за симфониски оркестар. За време на престојот во Прага вниманието на стручната јавност го привлекува со повеќе свои композиции, а за делото „Елегија“ за гудачки оркестар ја добива престижната награда „Гидеон Клајн“ што во Чешка се доделува за музичка композиција. За време на десетгодишните студии во Прага, се оформува како уметник, кој успешно ги синтетизира двете, навидум неповрзани сфери – оперското пеење и музичкото творештво. Неговите дела се изведувани на сите концерти на Катедрата по композиција при ФМУ во Прага. Како студент, настапува во рамките на Оперското студио, а реализирал и неколку целовечерни рецитали, меѓу кои и магистерскиот рецитал во април 2001. По враќањето во Македонија, Начевски се вработува како солист – баритон, носител на најсложени улоги при Македонската опера и Балет – Скопје, а настапува и како концертен пејач со повеќе целовечерни рецитали во организација на најафирмираните домашни фестивали и концертни дирекции. Неговите дела редовно се изведуваат на фестивалот „Денови на македонска музика“, а на него често настапува и како вокален солист, промовирајќи го македонското вокално музичко творештво.

Главниот стремеж на Горан Начевски е во неговите композиции да одржи рамнотежа меѓу дијаметрално спротивните светови кои како такви ги наложи искуството од музиката на XX век, преку конфронтација, но и синтеза на радикалната со традиционалната организација на музичкиот материјал. Сепак, притоа тој не отстапува од базичниот тонален амбиент со користење редуцирани хармонски средства, избор на интервали итн. На пример, во симфониското дело „Решение“ основен формообразувачки фактор и драматуршки двигател е редукцијата (прочистувањето) на вертикалата: кластер-тритонус-унисоно (форма а-б-ц, сонорност-конфронтацијастабилизација). Генерално, според стилските карактеристики, творештвото на Начевски се одликува со елементи на умерен експресионизам. За некои од неговите композиции критиката напиша: „ … Премиерната изведба на Елегијата уште при првите тактови предизвика силна емотивна напнатост, постапно развивајќи се преку полифоно распространување на мелодиските линии, слично на контеплативните „Mалеровски адаџа“. Карактеристичните мелодии со македонски призвук беа предводени од строго временски организирана хармонска подлога…Во целост, се работи за забележително чиста, непосредна и длабоко сугестивна исповед.“ (Милош Покора, списание „Худебни розхледи“, Прага 1999); „ … „Решение“ од Горан Начевски … имаше најдобро осмислена музичка содржина во која доминираа минимализмот и бавното градење на мелодиската линија. Звучеше доста моќно, на моменти дури и хипнотички. Одлична композиција, создадена со многу деликатно промислување и на формата и на содржината.“ (Кон концертот на Македонска филхармонија на ДММ 2011, автор Ангелина Димоска, Нова Македонија, 26.3.2011) Од своето прво деби како солист во МОБ – Скопје во 2006, за краток период од три години остварил 15 главни улоги: Шарплес, Марчело, Жермон, Амонасро, Гроф Луна, Ренато, Белкоре, Енрико, Тадео, Дон Естобан, Црнољуб, Алфио, Тонио, Карлос, соло во Кармина Бурана, а забележително е неговото гостување во Хрватско народно казалиште – Загреб како Марчело во операта Боеми, на 3 март 2010 год. Два пати учествува на отворањето на Денови на македонска музика, а остварува и три целовечерни рецитали во рамките на Есенски музички свечености 2006, Охридско лето 2009 и во Музеј на град Скопје (КИЦ, сезона 2009).


За овој релативно краток период Начевски, освен композиторската и уметничката дејност оствари и забележителна педагошка активност. Во академската 2003/2004 год. Начевски е демонстратор по предметот Композициска практика (композиција, хармонија, полифонија) за студентите по музичка режија на Факултетот за музичка уметност во Прага, како дел од докторските студии. Од 2007 година Начевски е асистент по група предмети од областа на теоријата на музиката со композиција (Музички форми со анализа, Полифонија, Полифона композиција и Солфеж) на Факултетот за музичка уметност, а од 2010 е доцент по група предмети од областа на теоријата на музиката со композиција и соло пеење.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Увертира „Храдебни“, – за симфониски оркестар, (1997); Елегија, – за гудачи, (1998); Решение, – за симфониски оркестар, (2003);

КАМЕРНО: Три минијатури, – за виолина и пијано, (1992); Трио, – за флејта, обоа и виолончело, (1995); Дувачки квинтет, (1996); Гудачко трио, (1996); Свита, – за удиралки, виолончело и пијано, (1998); Пет етиди, – за труба и харфа, (1998); Шест неформални разговори и фуга, – за виолина и пијано, (2003); Шест разговори и фуга, – за виолина и пијано, (2004); Еден став, – за гудачки квартет, (2008); Три религиозни соло песни, – за баритон и пијано, (2009); Пет скици, – за виолина и виолончело, (2010); Пиеса, – за хорна и пијано, (2011); ГГ, – за камерен ансамбл, (2012); Фуга и корал, – за виолончело и пијано, (2012);

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: Како молитва, – кантата за баритон и симфониски оркестар, (1999); Кажи либе Стано, – за сопран и симфониски оркестар, (2007); „Молитва“ од Скаловски (оркестрација), – за солист и симфониски оркестар, (2009); Аurora musis amica est (Зората е пријателка на музите), – за баритон и гудачки оркестар, (2011);

СОЛИСТИЧКО: Три минијатури, – за пијано, (1992); Скерцо, – за пијано, (1993); Фантазија, – за оргули, (1997); Седум афоризми, – за пијано, (1999); Стара свита, – за пијано, (2000);


СОЛО ПЕСНИ: Циклус 3 песни „Балада за времето“, – за глас и пијано, (1994); Песна за мојата земја, – за баритон и пијано, (1995); Циклус 3 песни „Есенска молитва“, – за баритон и пијано, (1996); Три религиозни соло песни, – за глас и пијано, (2009); ХОРСКО Господи помилуј, Амен, – за мешан хор, (1998); Вокална кантата „Псалми“, – за мешан, детски хор и солисти, (2007); Нахвалитехслава, – за мешан хор и солист-баритон, (2007).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ