Членови, Композитори

ИЛИЈА ПЕЈОВСКИ

(Велес, 07.07.1947)
композитор

Основното музичко образование го завршува во Скопје, во класата на Ладислав Палфи. Го продолжува во Љубљана, а дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во 1972 година. Во 1977 година дипломира на „Berklee College of Music’’, во Бостон, САД, во класата на професорите Michael Gibbs, Ken Pullig, Herb Pomerroy, Barrie Nettles и Richard Williams .

Уште многу рано, од 1959 година, а подоцна и за време на школувањето Пејовски е член на многу состави и ансамбли. Меѓу нив се: „Комбо“ (1959- 1963), „Скопско џез – трио“ (1962-1963), „Диксиленд состав“ од Охрид (1963-1965), Биг-Бенд при КУД „Мирче Ацев“ (1964-1966), Дувачки квинтет при работничкиот дом во Скопје, Комбо состав при Домот на градежните работници во Скопје (раководен од Драган Ѓаконовски Шпато) итн. Бил пијанист и во ансамблот „АБЦД“ и во Биг-Бендот на Македонската радиотелевизија (поопширно види: Новаковска, 2012). Најголем дел од својот работен век го минал во Македонската радиотелевизија. Подолг период како диригент, а во еден мандат и како главен и одговорен уредник на Музичката продукција на МРТ. Меѓу повеќето настапи како диригент, треба да се издвојат настапите на Првиот џез – фестивал во Скопје, како и на двата авторски концерти, – едниот (1998 година) со Биг-Бендот на МРТ, а другиот (2005) – со Македонската филхармонија. На последните два концерта е претставено неговото творештво од последната творечка фаза, како и дел од неговата филмска музика. Својот „официјален“ работен век Пејовски го заврши како професор на Факултетот за музичка уметност во Штип (2006-2013), каде што предаваше на Одделот за џез – студии од самото негово основање. Неговата педагошка активност, сепак, датира многу порано. Од 1980 до 1999 година во неколку наврати држи годишни семинари по џез- композиција и аранжирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од 1988 до 1991 година е визитинг-професор на „Synhrono Audio” – School of Contemporary Music во Солун, Грција. Исто така, држи семинари и во Сент Гален – Швајцарија (1990), Перуџа – Италија (1987), а е професор и на Одделот за филмска музика на Факултетот за аудио-визуелни уметности – ЕСРА во Скопје (2007).

Пејовски е автор на повеќе од осумдесет оригинални композиции, како и на над 400 аранжмани за Биг-Бенд и Симфониски оркестар. Како аранжер, освен со македонските автори, соработувал и со повеќе познати имиња од земјите на поранешна Југославија, како и со други истакнати имиња од целиот свет (Tad Jones, Graham Collier, Oleg Koken, Josef Mac Holm итн.). Автор е, исто така, и на музиката за над 40 документарни филмови во продукција на МРТ, повеќе играни филмови, театарски претстави и на особено значајната теориска книга „Хармонски основи на џезот“ (преведена и на англиски јазик). Главна нишка на целиот творечки опус на Пејовски е користењето на македонскиот музички фолклор. Притоа тој ги задржува основните белези на народните песни и ора, збогатувајќи ги со специфичниот хармонски јазик на џезот. Својот напор фолклорот да не ја загуби својата автентичност, тој ја манифестира и со употребата на народните инструменти. Делата во кои не се користат народни инструменти релативно ретко се сретнуваат во неговиот опус (на пример, „Не си го продавај Кољо чифликот“). Резултатот од сево ова најчесто е задржување на есенцијалните карактеристики на фоклорниот идиом, погледнат низ призмата на сопствениот композицискотехнички ракурс и сопствената „експресивна диоптрија“. Иако, и самиот, зборувајќи за џезот и неговите суштински карактеристики, вели дека тој „не подразбира читање, туку раскажување, каде што особено доаѓа до израз индивидуалноста на раскажувачот, односно музичарот, па оттука џезот е повеќе музика на интерпретаторот, отколку на композиторот…“ За своето творештво Илија Пејовски е добитник на многу стручни и општествени награди и признанија во земјава и во странство. Покрај наградите „Панче Пешев“, „Трајко Прокопиев“ итн., едно од најголемите признанија ги доби во 2000 година кога на „Деновите на азиската музика“ што се одржаа во Јокохама, Јапонија, беше вброен меѓу 100-те модерни композитори на дваесеттиот век.

ТВОРЕШТВО

КОМПОЗИЦИИ ЗА БИГ-БЕНД И ДРУГИ ИНСТРУМЕНТАЛНИ СОСТАВИ: Било каде; Гора; Дилема; Игар; Невреме; Ој голубе; Сеќавање; Шега; Старо македонско оро (19..); Брсјаци (1979); Трн (1979); Вагус (1981); Недоварено јајце (1981); Сега (1981); Тоб (1981); Трн (1981); Сеќавање (1982); Чула се прочула мома долномалка (1982); Гора (1983); Дамин гамбит (1983); Дожд (1983); Калајџија (1983); Маховина (1983); Фуга (1983); Бришан простор (1984); Интермецо (1984); Минијатура за машки кавал (1984); Тема на Евреите (1984); Тема на Никола (1984); Бришан простор (1986); Враќање во градот (1986); Дожд (1986); Изгубени (1986); Корал (1986); Лидиска атмосфера (1986); Магла (1986); Маховина (1986); Среќно (1986); Тема на детето (1986); Јонска атмосфера (1986); Љубовна тема (1986); Озрачување (1987); Невреме (1988); Ранлива птица (1988); Ѕвонце ѕвон (199); Нешто сосема трето (1990); Предел (1990); Сербез Донка (1990); Гора (1991); Од (1992); Галез (1993); Гора (1993); Некаде (1993); Сега (1993); Угар (1993); На бапчорките (1995); Русалија (1995); Ѕвонце ѕвони (1995); Допир (1996); Збег (1996); Некогаш (1996); Органум (1996); Стрето (1996); Фугато (1996); Комина (2001); Привид (2001); Талкачи (2002).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ