Членови, Композитори

АНА ПАНДЕВСКА

(Скопје, 28.11.1985), композитор

Музичкото образование го завршува во Скопје. По завршувањето на средното образование во ДМБУЦ „Илија Николовски Луj“ добива стипендија за двомесечен престој во САД, во „Interlochen Arts Camp“ на отсекот за композиција. Студиите по композиција ги започнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Гоце Коларовски, а продолжува кај проф. Јана Андреевска во чија класа дипломира во 2010 година. По завршувањето на студиите, како волонтер е ангажирана е во Националната установа „Танец“, а подоцна работи и како наставник по пијано во музичкото училиште „Credo School of Music“. Долгогодишна членка е на повеќе хорски состави: „Пиколо“, „Св. Злата Мегленска“, „Танец“.

Пандевска преку своето досегашно творештво е своевиден егземплар дека уметникот треба да биде, како и секој човек всушност, политичко битие. Таа не може да ја оддели од својот уметнички хабитус социјалната и политичката хоризонтала, и спојувајќи ја со вертикалата на романтичарскиот сензибилитет, се создава навистина впечатлива музика која не може, а да не го привлече вниманието. Ана Пандевска е авторка која понекогаш тенденциозно ја разнебитува суровата реалност и ја става во рамки на една звучна форма, а понекогаш ја пласира и директно, удирајќи силен шамар или покажувајќи со прст кон одредени општествени случувања. Бидејќи, Пандевска се стреми да ги дофати современите музички и воопшто уметнички струења од западните кругови, и да ги соедини со свои, индивидуални размисли кои неретко се дел од овдешните, локални случувања. И токму тој спој, во кој се очитуваат и одредени влијанија од широката уметничка палета која го зазеде звучниот простор особено во еклектичниот 20. век, создава навистина импресивен креативен мозаик по чии форми, бои, контури веќе се препознава музичкиот израз на оваа наша композиторка. Пандевска, како што и самата вели, постојано трага кон непознати, за неа неоткриени патеки кои во различната фаза од нејзиниот животен и креативен развој добива и поинаков гест. Не ги крие ниту референците, влијанијата од кои уште повеќе ја црпи енергијата за творештво, воодушевувајќи се на автори од областа на сериозната музика, но и од сферата на други жанрови како џезот, амбиенталната музика, т.н. „нов бран“, експерименталната музика. За Пандевска, во процесот на создавање на едно дело подеднаква важност имаат и формата, и инструментацијата, и содржината, и филозофијата, кои се менуваат во зависност од појдовната идеја. Доколку се работи за некоја вонмузичка мотивација, тогаш изборот на форма, инструментален состав, хармонија, карактер, фактура, ги адаптира во слуга на реализација на одредената вонмузичка идеја, со цел да ја преслика во соодветен звук. Филозофијата на една композиција не значи ништо, ако не е соодветно реализирана барем преку некои од музичките елементи – форма, хармонија, оркестрација, тембр, карактер, манир, гест… Пишува музика каква што сака да слуша, без притоа да создава стилски ограничувања. (Тина Иванова, Разговор со Ана Пандевска)

Осврнувајќи се кон досегашното творештво на Ана Пандовска, музикологот Марко Коловски ќе запише: „Во своите многубројни композиции Пандевска се претставува како автор кој преферира полистилистика и мултижанровост и кој ниту има комплекс ниту пак посебно преферира кој и да е стил што ја обележал музичката историја. Оттаму и нејзиниот интерес за фолклорот, за џезот, последните години – за електроакустичната музика и за многу други стилски и изразни насоки. Ако сака да се извлече некоја заедничка црта за сите нив – тогаш тоа би бил заклучокот дека таа не тежнее кон празни ефекти, кон шокантни звучни склопови и решенија карактеристични за авангардата од почетокот на втората деценија од минатиот век. Спротивно на тоа, без оглед дали станува збор за музика за деца, за солистички, камерни или оркестарски дела, кај неа ефектот речиси секогаш е во функција на смислата на композицијата. Каде што слушателот ништо не препознава како случајност, ами како намера насочена кон тоа да предизвика естетско задоволство.“

Како редовна членка на СОКОМ, Пандевска добитничка е на повеќе награди за класична композиција. Во 2015 година учествува како авторка на фестивалот „Златна лира“ со две композиции на концертот насловен Е – кустика. Во рамки на манифестацијата „Европски денови на културното наследство“ во Даут пашин амам во 2016 година како авторка учествува со три композиции во изведба на Дуња Иванова, на концертот насловен „A Part of Glass”. Во 2015 година реализира авторски целовечерен електро-акустичен концерт. На 15-ти декември 2017 година беше авторка на музиката во рамките на мултимедијалниот концерт одржан во Камерната сала на Македонска Филхармонија. Соработувала и со уметници од други области меѓу кои – Ели Чочова – ликовна уметница и бендовите „Поган Паган“ и Архангел – како авторка на оркестрации.

Концерти, изведби на дела, признанија, професионални ангажмани (хронологија)

Во 2015 година е номинирана во категоријата најдобар композитор за манифестацијата „Виртуози“.

Во 2018 година е селектор за програмата на фестивалот „Skopje Street Music Festival”.

Во 2018 година Пандевска одржа и две работилници за деца во склоп на манифестацијата „Остави го таблетот и симни се пред зграда“ со богата музичка едукативна програма.

Во 2018 година во паркот на франкофонијата Пандевска одржа целовечерен мултмедијален концерт (изложба на уметнички слики и електроакустична музика), проект „Млади Европејци“, поддржан од Министерството за култура.

Во 2018 година во склоп на манифестацијата „Бела ноќ“ пијанистката Дуња Иванова одржа целовечерен концерт во Музеј на Современа уметност – Скопје, со премиерна изведба на делото „Суита за Скопје“ за пијано и трака од Ана Пандевска.

Во 2019 година во КИЦ се одржа концерт со премиерна изведба на делото „Во светот на чудата“ музика за деца за пијано и трака, за прв пат кај нас децата имаа можност да изведуваат електроакустична музика, целовечерен авторски концерт со музика од македонски автор.

Во 2019 година летонската пијанистка Лаума Скриде, изведе композиција на Пандевска во склоп на „Денови на македонска музика“, во Музејот на македонската борба.

Во 2019 година се одржа и концертот „Квази бурлеска“ премиерна изведба на дело за бенд и пијано „Светлост“ и Дуња Иванова – пијано, во склоп на „Скопско лето“ во паркот Ибни Пајко, поддржан од Министерството за култура и Општина Центар.

Во 2020 година пијнистката Ема Попивода со својата пијано класа одржа целовечерен концерт со музика на Ана Пандевска, со изведба на циклусот „Во светот на чудата“ музика за деца за пијано и трака, кој беше стримуван онлајн.

Во 2020 година на платото пред МКЦ пијанистката Дуња Иванова одржа електроакустичен концерт каде во втората половина од концертот се изведуваше музиката за пијано и трака на Ана Пандевска, концертот беше стримуван онлајн.

Во 2020 година на фестивалот „Денови на македонска музика“ се одржаа три изведби на нејзини композиции од страна на домашни изведувачи и францускиот гитарист Роман Петиот.

Истата година имаше светска премиера на нејзината композиција „Carousel“ за пијано и трака во Детмолд, Германија од пијанистката Хајди Елзесер.

На почетокот од 2021 година Пандевска е селектирана со нејзината композиција за пијано и трака „Кристални капки“ од страна на „Bold City Contemporary Ensemble” за изведба во MOCA (The Museum of Contemporary Art) во Jacksonville Gallery, Флорида, САД.

Во 2021 исто така беше избрана на натпревар по композиција меѓу трите најдобри од страна на NIZCO MUSIC.

Во март 2021 нејзината композиција Електроакутична симфониска поема „Скопје“ ја доживеа премиерната изведба со Оркестарот на Македонската филхармонија и диригентот Тимоти Редмонд.

2021 година беше промовирано нејзиното прво авторско ЦД во издание на СОКОМ.

Концертната агенција, издавачка куќа и радио шоу „Поп депресија“ од Белград, на конкурсот „Клавирско небо 4“ ја селектираше нејзината композиција „Bells on My Piano” во изведба на пијанистката Дуња Иванова како дел од дигиталната компилација на нивната издавачка куќа од вкупно 56 пристигнати композиции од регионот.

Истата година малите пијанистки Ана и Ивана Мазнејкови го изведоа циклусот Електроакустична музика за деца „Во светот на чудата“ во Валандово.

Во 2021 во Музејот на македонската борба се одржа целовечерен концерт со премиерна изведба на електроакустична музика за флејта во изведба на Билјана Камчева.

Ана Пандевска е авторка на солистички, камерни и оркестарски композиции. Изведувана е редовно во земјата и странство. Моментално e вработена во Град Скопје, Одделение за култура, Сектор за Јавни дејности.

ТВОРЕШТВО: Moon Fire (пијано, 2002); Steps (пијано, 2003); Часот под скалите (пијано, 2003); Summer Breeze, Tornaro Wind (соло флејта, 2003); White Wings (флејта, виолина и виолончело, 2004); In the Distance (симфониска поема, 2004); Три пиеса (пијано, 2006); Ангел, Кокодак, Коњче и воз (детски хор, 2006); Три пиеси (флејта, 2006); Вдахни ми живот (соло песна, 2006); Музика за гудачки (гудачки квартет, 2007); Лудило (мешан хор, 2007); Варијации (пијано, 2008); Who Cares (дувачки квинтет, 2007/08); Фантазија (симфониски оркестар, 2010); Цивилизиран примитивизам (гудачки квартет и трака, 2013); Ехо илузии (електрична гитара и трака, 2013); Хакуна Матата (гудачки квартет и трака, 2014); Дуња и Дарин (пет пиеси за пијано и трака, 2014); The Spacetime Traveler (хорна и трака, 2014); Marionettes (вибрафон, пијано и гудачки квартет, 2014); Winter Game (флејта, фагот, вибрафон, пијано и контрабас, 2015); Milky Way (пијано, вибрафон и трака, 2015); Life in a Box (пијано и трака, 2015); 09.05.2015 (четирирачно пијано и трака, 2015); Landscape Atmosphere (2015); On the Road (гитара, 2016); Minimal Expectations (алт саксофон, фагот, пијано, 2016); Imagine Infinity (пијано и трака, 2016); Pagliaccio (камерен ансамбл, 2016); Artifacts (симфониски оркестар, 2017); Walking Home (камерен ансамбл, 2017);  Суита за Скопје (пијано и трака, 2018); Во светот на чудата (циклус пиеси за пијано и трака – музика за деца, 2019); Квази бурлекса (џез трио и пијано, 2019); Скопје (електроакустична симфониска поема за симфониски оркестар и трака, 2020); Carousel (пијано и трака, 2020); Macedonian Dance (соло виолончело, 2021); The Pulsating City (за шестрачно пијано и лента, 2021); Музика за гудачки оркестар и трака (2021); Folk Pulsations (дуо гитара, 2021); Butterfly Effect (флејта и трака, 2021); Perseid Meteor Rain (флејта и трака, 2021); Seeking Place (флејта и трака, 2021); Dystopian Illusion (флејта и трака, 2021); Urban Pulse (харфа и трака, 2021).




СОКОМ