Членови, Композитори

ТОМИСЛАВ ЗОГРАФСКИ

(Велес, 29.03.1934 – Скопје, 14.01.2000)
композитор

Израснал во семејство со длабока уметничка традиција, главно во ликовните уметности, но и во градителството. Токму затоа првиот допир со уметноста бил преку неговиот дедо Ѓорѓи Зографски, низ детското набљудување на неговото сликарство и уметничкиот чин: „…Како сега да го гледам. Замижан, често и загледан некаде настрана, … и долго ќе разммислува пред да ја допре четката или до сликата или до палетата… Сум седел покрај него занемен, зашеметен…“. (Зографски, сеќавања) Свртувањето, пак, кон музиката, било ненадејно и многу силно. Се случило во моментот кога како дете за подарок од неговиот, исто така, со многу дарби даруван татко Јован, за десеттиот роденден го добил првиот инструмент (хармоника) и кога веднаш се вљубил во неа: „… уште првата вечер лека-полека ме научи да отсвирам една лесна песничка…“.

Фасцинацијата од музиката придонесува паралелно со основното образование да учи пијано и виолончело, а во 1947 година да се запише како редовен ученик во музичкото училиште. Како битни моменти во неговата определба за музиката треба да се спомнат членувањето во Пионерскиот дом „Карпош“ од 1947 година, учењето пијано кај професорот Ладислав Палфи кога ги прави првите композиторски обиди („Тага“ – за глас и пијано) и препораката од прочуениот диригент Ловро Матачиќ кога ги видел првите композиторски обиди на Зографски и Лековски: „… Дечки, одлично. Само ќе морате да одите што побрзо од тука за да го продолжите своето школување…“. Во Белград Зографски заминал во 1952 година и го продолжил средното музичко училиште (трета година). Фасциниран од можностите на дванаесетте тонови за нивно „комбинирање“ (изразот намерно го употребува Зографски за да го опише својот однос кон творештвото во тоа време), тој создава неколку композиции од кои некои биле јавно изведени (Скопје, 28.1.1953), а во својот осврт во Нова Македонија (2.1.1953) Кирил Македонски за неговите пиеси, меѓу другото, забележува дека тој „ … даде две логично развиени композиции, плод на неговото природно музикално чувство и инвенција …“. Во 1954 година Зографски се запишува на Музичката академија во Белград, на Одделот по композиција во класата на професорот Миленко Живковиќ. За приемниот испит ја подготвил хорската композиција, а за неговата тогашна зрелост сведочи и фактот што таа и до денес е интензивно присутна на репертоарот на многу хорски ансамбли. Дипломирал во 1961 година со оркестарската композиција „Фантазија корале“, која ја имаше ретката привелегија да биде поставена на пултот на Македонската филхармонија пред да биде одбранета на дипломскиот испит (изведена на 22 јуни, одбранета со одличен успех на 27 јуни). Освен оценките на испитната комисија значаен е и судот што по повод изведбата го дава Владо Чучков (Нова Македонија, 26.06.1961): „…несомено крупен придонес кон музичката продукција … преполнето со еден драмски сублимат на единствената тема … сериозен напор да се тргне по патот на изборување на сопствениот креативен профил, самостоен, суштествен и длабоко негов…“

Уште во текот на студирањето Зографски работел еден период во Радио Скопје, потоа како наставник во Средното музичко училиште, а од 1967 година до својата смрт бил професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од неговата композиторска класа излегле автори што денес се носители на творештвото во Македонија, па и низ Европа (Димитрије Бужаровски, Живојин Глишиќ, Јана Андреевска, Никола Коџабашија, Мирослав Спасов, Панде Шахов, Евдокија Данајловска и др.). Бил декан (директор) на Факултетот (тогаш Висока музичка школа) во 1970/71 година и во 1977-1979 година.

Творештвото на Томислав Зографски најчесто се опишува како многу блиско до стилските карактеристики на неокласицизмот. Од овој „магистрален правец“ во кој главно се движат неговите дела, отстапките биле само минимални (крајот на шеесеттите со композициите „Горчливо езеро“, „Гудачки квартет“ и уште некои) и сведочат само за творечката љубопитност на авторот. Како што вели Енрико Јосиф, (Билтен на Универзитетот „Св. Кирил и Методи“, 448, 1984 година) тој никогаш „… не се препуштил на разурнувачките крајности и експериментирања…“ во своето творештво. Освен доминантниот неокласицизам, во неговото творештво постојана нишка е и фолклорот, но употребен, применет, обработен на нему својствен начин (меѓу другото, и со одбегнување на сѐприсутните нерамноделни тактови), како и македонската духовна традиција („Записи“, „Похвала Кирилу и Методију“ и др.). Во неговите над 140 дела се содржани речиси сите форми и жанрови на класичната музика.

ТВОРЕШТВО

МУЗИКА ЗА СИМФОНИСКИ ОРКЕСТАР: Си заљубив едно моме, – за симфониски оркестар; Девет минијатури за симфониски оркестар, (1957/58); Fantasia corale, – за симфониски оркестар а tre, проширен, (1959/61); Симфониета ин Си (нова верзија), – за симфониски оркестар, (1972-94.); Passacaglia – на тема од Божидар Апих, – за симфониски оркестар а quatro, проширен, (1980); Scerco – на теми од Тихомир Карапанчев (1923-1950), – за симфониски оркестар а quatro, (1985); Концертантна симфонија, – за симфониски оркестар а tre, (1990); А бре македонче, – за симфониски оркестар а tre (1991); Недовршена рапсодија, – за симфониски оркестар, (1994); Интрада, – за симфониски оркестар, (1997/98); Древниот ѕид – поема за симфониски оркестар, – за симфониски оркестар, (1998

МУЗИКА ЗА КАМЕРЕН ОРКЕСТАР: Класична суита, – за флејта, обоа и гудачки оркестар, (1957); Септет, – за флејта, кларинет, фагот и гудачки квартет, (1957/58); Симфониета ин Ес, – за флејта, кларинет, фагот, пијано и гудачки оркестар, (1958/59); Cantus coronatus, – за флејта, пијано и гудачки оркестар, (1966); Патување, – за гудачки оркестар, (1968); Горчливо езеро, – за сопран, препарирано пијано и гудачки оркестар, (1968); Гудачки квартет, (1968); Cantigas, – за флејта и гудачки квартет, (1968); Суита за гудачки оркестар, (1968/82); Croquis, – за гудачки оркестар, (1969); Симфониета ин Си, – за флејта, кларинет, фагот, две хорни, пијано и гудачки оркестар, (1972); Два танца, – за дувачки квинтет, (1972); Монолог за Гоце, – за бас (баритон), пијано и гудачки оркестар, (1984); Скици – за дувачки квинтет, (1985/86); Марика мома убава (Homage to P. I. Tchaikovsky), – за висок глас и гудачки оркестар, (1993); Lasciate me, – за дувачки квинтет, (1996/97); Concerto grosso, – за удиралки и два гудачки оркестри, (1996/99); Archi percussioni, – за гудачки оркестар и удиралки, (1997); Archi percussioni, – за гудачки оркестар и удиралки, (1997)

ГЛАС И ОРКЕСТАР: Малино моме (прва верзија), – за бас (баритон) и камерен оркестар, (1966); Похвала Кирилу и Методију, – за бас (баритон), рецитатор, три мешани хора и симфониски оркестар, (1969); Стари дедо, – за бас (баритон), мешан хор и симфониски оркестар, (1971/72); Малино моме, – за бас (баритон), мешан хор и симфониски оркестар, (1972); Собрале ми се набрале…, – за бас (баритон), мешан хор и симфониски оркестар, (1972); Балада, – за бас (баритон), симфониски оркестар, (1972/92); Дојдовме, – за баритон и гудачки оркестар, (1979); Две неесте…, – за бас (баритон) и камерен оркестар, (1980); Ајде сонце зајде…, – за бас (баритон) и камерен оркестар, проширен, харфа, (1980); Дојдовме, – за машки хор и симфониски оркестар а tre, проширен, (1981); Стари дедо овци пасе, – за бас (баритон), симфониски оркестар а tre, (1990); Ми заплакало селото Ваташа, – за мешан хор и камерен оркестар, (1993); Марика мома убава (Homage to P. I. Tchaikovsky), – за висок глас, симфониски оркестар а tre, (1993)

ХОР И ОРКЕСТАР: Патот кон сонцето – поетско-музички рецитал, – за мешан хор и симфониски оркестар, (1961); Хеј словени, – за мешан хор и симфониски оркестар, (1961); Марш на првата македонска ударна бригада, – за мешан хор и симфониски оркестар, (1966); Марш на третата македонска ударна бригада (ко челик сме ние), – за мешан хор и симфониски оркестар, (1966); Поздрав до татковината, – за мешан хор и симфониски оркестар, (1980); Само мир, – за мешан хор и симфониски оркестар, (1980);

ГЛАС И ИНСТРУМЕНТИ: Шум, – за глас (рецитaтор), кларинет и пијано, (1955); Есенски скици за глас, флејта, кларинет, пијано, удиралки, (1959); Црешов цвет, за глас (алт), обоа и пијано, (1960/61); Црна се чума зададе, – за глас, мешан хор и симфониски оркестар, (1961); Црнечки духовни песни, – за глас (сопран) и гудачки оркестар, (1997); Црешов цвет (нова верзија), – за глас (алт), обоа и пијано, (1999)

ГЛАС И ПИЈАНО: Три минијатури, – за глас и пијано, (1954/55); Шум, – за глас и пијано, (1955); Шум, – за глас (рецитaтор), кларинет и пијано, (1955); Есенски скици, – за глас и пијано, (1959); Записи, – за глас (бас, баритон) и пијано, (1963); Крвава лузна, – за глас (бас или алт) и пијано, (1968); Есеј за дождот, – за Висок глас и пијано, (1981/82); Песни за јакшини, – за глас (алт) и пијано, (1983); Три лирски напеви, – за глас (сопран) и пијано, (1985); Марика мома убава (Homage to P. I. Tchaikovsky), – за сопран (висок глас) и пијано, (1993); Тага, – за глас и пијано, (1951)

ХОРСКА: Хумореска, – за мешан хор, (1954/55); Трепетлика-седум навраќања кон мотивот „трепетлика“, – за женски хор и харфа (пијано), (1956); Шум, – за женски хор, (1956/57); Води, – за мешан хор, (1964); Магли, – за мешан хор, (1967); Езеро, – за мешан хор, (1967); Душе ми вздихни, за мешан хор, (1970); Молитва, – за мешан хор, (1970); Црно црни, – за мешан хор, (1970); Вижд моју скорб, – за бас (баритон), мешан хор и симфониски оркестар, (1972); Сијанием, – за мешан хор, (1972); Свјати боже, – за мешан хор, (1972); Фантазија или црно црни, – за мешан хор, (1974); Корал, – за мешан хор, (1978); Прелудиум, – за мешан хор, (1978); Прелудиум, Корал и Фантазија на тема ‘’Непокор’’ – интеграл, за мешан хор, (1978); Трепет, – за мешан хор, (1979); Караорман – кантата, – за мешан хор, (1979); Мадригали, – за женски хор, (1979); Вардар, – за мешан хор, (1980); Не гледај удолу во реката, – за машки хор, (1980); Дојдовме, – за мешан хор, (1980/81

СОЛИСТИЧКИ: Импровизација, – за пијано, (1951); Импромпти, – за пијано, (1952); Суита, – за пијано, (1953/54); Десет минијатури 1, – за пијано, (1954/55); Детска музика минијатури, – за пијано, (1954); Десет минијатури (2), за пијано соло, (1955); Варијации, – за пијано, (1955/56); Суита, – за пијано, (1960); Песна, – за виола соло, (1982); Песна, – за виолина соло, (1982/83); Пет пиеси, – за кларинет соло, (1997); Три концертантни пиеси, – за фагот соло, (1998);

ЗА ДВА ИЛИ ТРИ ИНСТРУМЕНТИ: Сонатина ин це, – за две пијана; Суита, – за виолина и пијано, (1955); Рондо, – за виолина и пијано, (1955/56); Соната, – за фагот и пијано, (1956/57); Суита, – за виолина и пијано, (1960); Allegro barocco, – за две виолини и пијано, (1973); Рапсодија, – за виола и пијано, (1983); Рапсодија, – за виолина и пијано, (1983); Dialogue (L`hommage a Claude Debussy), – за флејта и пијано, (1983); Соната, – за две пијана, (1990); Елегија, – за флејта, виолина и харфа, (1998/99); Сонатина – нова верзија, – за две пијана, (1999)

ОБРАБОТКИ НА НАРОДНИ ПЕСНИ: Марика на стол седеше, – за мешан хор a cappela, (1954); Ајде ќе те прашам бре донке, – за мешан хор, (1986-1990); Давај ме мила мамо, за мешан хор, (1986-1990); А бре македонче, – за мешан хор, (1986-1990); Во борба, – за мешан хор, (1986-1990); Сите појдоа, – за мешан хор, (1986-1990); Темен се облак зададе, – за мешан хор, (1986-1990); Таму ле мајко близу Битола, – за мешан хор, (1986-1990); Ваташа, – за мешан хор, (1986-1990); Ај што ми е мило, – за мешан хор, (1986-1990);

МУЗИКА ЗА ДЕЦА: Минијатури, – за пијано, (1954); Лага, – за гудачки оркестар и пијано, (1961); Пајацо, – за гудачки оркестар и пијано, (1961);

АРАНЖМАНИ: Интернационала, – за мешан хор и симониски оркестар, (1961); Црна се чума зададе, – за глас, мешан хор и симфониски оркестар, (1961); Денес над Македонија, – за мешан хор и симфониски оркестар, (1962); Козјак, – за машки хор и симфониски оркестар, (1966); Prelude во е-мол. Оп. 28 бр. 4, – за гудачки оркестар, (1966/67); Prelude во х-мол. Оп. 28 бр. 5, – за гудачки оркестар, (1966/67); Gavotte en rondo, – за гудачки оркестар, (1966/67); Allegro од Соната во Це дур Kv 545 (од В.А. Моцарт), – за гудачки оркестар, (1971); Контрапункт бр. 5 од “DIE KUNST DER FUGE”, – за симфониски оркестар а tre, (1985);

МУЗИКА ЗА ФИЛМ, ТЕАТАР И ТВ: „Шарпланинецот мургош“, – за камерен оркестар, (1961); Антигона музика за драмата од Софокле, – за флејта, харфа и машки хор, (1962); „Поетот изгнаник“ – музика за истоимениот краткометраен филм, – за камерен оркестар, (1963); Денови на искушение – музика за истоимениот филм, – за симфониски оркестар, (1964); „Под исто небо“ – музика за истоимениот филм, – за симфониски оркестар, (1965); „Охридскиот светилник“ – музика за истоимениот краткометражен филм, – за камерен оркестар, (1967); „Педаче“ – музика за детска пиеса за мешан хор, пијано, (1971); „Залез над езерската земја“ – музика за ТВ серија, – за мешан хор; гудачки оркестар; дувачки квинтет, (1972); Проколнати сме Ирина – Татко – музика за истоимениот филм, – за камерен оркестар, (1972); „Најдолгиот пат“ – музика за истоимениот филм, – за камерен оркестар, (1976); Илјада и седумстото шеесет и второ лето, – за четири труби, две хорни, четири тромбона, (1976); Пресуда – музика за истоимениот филм, – за симфониски оркестар, (1978).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ