Членови, Композитори

СТОЈАН СТОЈКОВ

(Подареш, Радовишко, 17.10.1941)

Музичкото образование го започнува во Средното музичко училиште во Скопје, каде што дипломира на отсекот пијано. Паралелно посетува часови по композиција кај проф. академик Властимир Николовски. По завршувањето се запишува на Музичката академија во Белград каде што дипломира композиција во класата на професорите Миленко Живковиќ и Енрико Јосиф. По враќањето во Македонија, паралелно со творечката ја започнува својата педагошка дејност. Најнапред во Средното музичко училиште во Штип (1967), потоа во Средното музичко училиште во Скопје (1968), а од 1980 година стана професор на Факултетот за музичка уметност, каде што остана до крајот на својот работен век предавајќи некои од главните стручни предмети (хармонија, полифонија, хармонска анализа и др.). Во еден период својата педагошка дејност ја проширува и на полето на композицијата работејќи на подготовка на неколку идни студенти, а потоа и истакнати композитори – Гоце Коларовски, Вања Николовски и Слаѓана Кавај. Во делот на неговото „педагошко досие“ спаѓа и придонесот во креирањето на наставните планови и програми за музичкото образование, како во средните музички училишта, така и за основните и средните училишта по предметот – Музичко образование. Оваа активност беше дел од неговите обврски како постојан стручен консултант. Својата плодна педагошка дејност и искуство ги заокружува и ги преточува во учебници по музичко воспитување за сите одделенија во основното образование (македонски, албански и турски паралелки), како и во подготовка на првиот учебник по Хармонија за ученици и студенти по музика што го работеше заедно со проф. Михајло Николовски и кој сè уште е во ракопис.

Како композитор Стојан Стојков вниманието го привлече уште како студент на Музичката академија во Белград со композициите „Рондо драматико“ за кларинет и пијано и „Варијации“ за пијано. Сепак, главниот пробив го направи во 1968 година со делото „Селска суита“ за женски хор, со којашто од една страна укажа дека фолклорот ќе биде негова трајна творечка преокупација, а од друга – дека неговата примена во неговите дела ќе има автентични и оригинални црти. Со својот специфичен пристап кон фолклорниот идиом, трансформиран во дотогаш невиден хармонски и контрапунктски стил, а произлезен од латентните созвучја содржани во темите од народниот гениј, „Селска суита“ остана единствен пример во македонската музичка литература и трајно се вгнезди во репертоарот на мнoгубројните хорски ансамбли во земјава и во светот. Битието на македонскиот музички фолклор е во фокусот и во најголемиот дел од неговиот богат творечки опус. Притоа неговиот композиторски пристап преферира активен однос во кој уметноста на народниот гениј се трансформира, најчесто со средствата на еден умерен јазик на техниките на современата музика, во дела што придобиваат, од една страна нови експресивни и уметнички квалитети, а од друга – универзалност што им овозможува да комуницира со публиката и изведувачите од различни културни кругови.

Творештвото на Стојан Стојков опфаќа широк жанровски круг во рамките на класичната музика: од помалите форми, до поголемите, оркестарски, вокално-инструментални и сценски дела. Во сите нив релациите со фолклорот се речиси неизбежни, а приклонувањето кон неговиот рустикален дел на авторот му овозможува, потпирајќи се најчесто на народната дијафонија, да употребува специфични хармонски и полифони решенија, повеќеслојни акордски созвучја и различни формални структури. Врзаноста за традицијата на сопствената земја Стојков го манифестира и со низа творби што произлегуваат од нашата духовна традиција („Огледала“, „Тропар на Св. Климент“, „Достојно ест“ и, особено – „Псалми“. Исто така – и со употреба на инструментариум во кој посебно место заземаат некои од народните инструменти (кавал, тамбура, ут, канон, тапан итн.), кои највпечатливо се присутни во балетот „Ташула – охридска робинка“, во кои се пренесени елементи и од нашата играорна фолклорна традиција. Делата на Стојан Стојков повеќе децении се присутни на сцените во земјава и во над триесетина светски земји, како и на најзначајните фестивали во Македонија, на Балканот и во некои европски земји. Некои од нив се печатени на носачи на звук (грамофонски плочи, аудиокасети, ЦД и ДВД).

Стојан Стојков, во сиот овој период остварува исклучително плодна општествена активност на полето на музичката организација со својот придонес учествувајќи во советите на многу фестивали во земјава и во странство, потоа како долгогодишен претседател (1997- 2007) на Сојузот на композиторите на Македонија, како основач и претседател на балканската музичка мрежа итн. За својата активност на сите полиња добитник е на највисоките државни и стручни награди и признанија.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Симфониска увертира, – за симфониски оркестар, (1968); Анданте, – за камерен оркестар, (1970); Концертантна музика, – за гудачки оркестар и удиралки, (1975); Ноктурно, – за мандолински оркестар, (1980); Ноктурно, – за мандолински оркестар, (1982); Концерт, – за виолончело и оркестар, (1983); Симфониска слика, (1985); Суита, – за мандолински оркестар, (1985); Суита, – за гудачки оркестар, (1986); Пролетен цвет, – за мандолински оркестар, (1986); „Млад Гоце, млади војвода“ и „Шени се горо“, – за хор, солист, камерен оркестар, (1993); „Прва Ракатка“, – за мешан хор со народен оркестар, (1996); „Јас“, – за гудачки оркестар, (1997); „Сумерски записи“, – за два сопрани и гудачки оркестар, (1999); Варијации, – за гудачки оркестар, (2000); „Просветление“, – за симфониски оркестар, (2000); „Суита“, – за симфониски оркестар, (2001); „Провиденија“, – за гудачки оркестар, (2001); Пред портите на пеколот, – за симфониски оркестар, (2008);

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: Ad libitum, – за женски хор, 2 кавали и 2 тапани, (1971); Писмо, – за мецо-сопран и камерен оркестар, (1974); Суита „Клетва“, – за висок глас, женски хор, камерен оркестар и удиралки, (1974); Пролетна песна, – за солисти, рецитатори, два детски хора, пијано и орфови инструменти, (1983); Циклус песни, – за мецо-сопран и симфониски оркестар, (1984); Мајка себидна, – за глас, рецитатор, електроника и гудачки оркестар, (1985); Огледало, – за детски, женски, мешан хор, оркестар, рецитатори, солисти, (1991); Четири антички песни, – за вокал, рецитатор и камерен ансамбл, (2006);

МУЗИЧКО-СЦЕНСКО: Охридска робинка Ташула, – балет (2002); Змејова невеста, – опера (2011-2012);

КАМЕРНО: Суита, – за виолончело и пијано, (1962); Трио, – за фагот, кларинет и пијано, (1963); Ноктурно, – за виолина и пијано, (1963); Рондо драматико, – за кларинет и пијано, (1964); Гудачки квартет, (1967); Медитација, – за флејта и пијано, (1971); Соната, – за обоа и пијано, (1974); Прелудиум, – за флејта и пијано, (1978); Три минијатури, – за флејта и пијано, (1979); Импресија, – за контрабас и пијано, (1980); Композиција бр. 1 „Пасторала“, – за тромбон и пијано, (1980); Сонатина, – за виолина и пијано, (1981); Елегија, – за контрабас и пијано, (1981); Барокна суита, – за контрабас и пијано, (1981); Композиција бр. 1 (Елегија), – за тромбон и пијано, (1981); Дувачки квинтет, (1983); Дувачки квинтет, (1985); Трио, – за обоа, кларинет, пијано, (1992); „И никогаш“ и „Љубов“, – за сопран и пијано, (1992); Интродукција, – за флејта и пијано, (1996); Прелудиум и корал, – за труба и оргули, (1997); „Пет музички вињети“, – за сопран, виолина и пијано, (1999); „Мисли“, – за мецо-сопран, кавали, тамбури, пијано, синтисајзер, гудачки квартет, (2000); Улични свирачи и мане, – за сопран, кларинет и пијано, (2004); Мане, – за кларинет и пијано, (2004); Циклус песни, – за обоа и пијано, (2005); Четири песни, – за обоа и пијано, (2006); Трио, – за обоа, кларинет и пијано, (2006); Херувими, – за ударни инструменти (трио), (2008); Клавирско трио (јубилеј од смртта на Ј. Хајдн), – за виолина, виолончело и пијано, (2009); Импресија и Токата, – за ударни инструменти, виолина и електроника, (2011); M-C-A, – за дувачки квинтет, (2012);

СОЛИСТИЧКО: Композиција, – за пијано, (1961); Суита, – за пијано, (1962); Интермецо, – за пијано, (1963); Скерцо, – за пијано, (1964); Варијации, – за пијано, (1964); Соната бр. 1, – за пијано, (1964); Соната, – за пијано, (1965); Пасторална суита, – за пијано, (1979); Интродукција, – за флејта, (1983); Соната бр. 2, – за пијано, (1985); Минијатури (од албумот Млади пијанисти), – за пијано, (1992);

ХОРСКО: Мадригал, – за мешан хор, (1963); Караорман, – за мешан хор, (1963); Нежноста на расплаканото утро, – за мешан хор, (1972); Цветови, – за мешан хор, (1973); На проштевање, – за мешан хор, (1973); Селска суита, – за женски хор, (1973); Нежноста на распеаното утро, – за детски хор, (1973); Очи, – за мешан хор, (1974); Маче, – за детски хор и пијано, (1975); Приспивна, – за детски хор, (1975); Ој мајко, Белоезерска земјо, – за мешан хор, (1976); Тргна јунак, – за мешан хор, (1977); Мајска песна, – за детски хор и пијано, (1977); Вокали, – за женски хор, (1979); Свечена песна за Мите и Стив, – за детски хор и мандолински оркестар, (1980); Росни капки, – за женски хор, (1981); Селидба, – за детски хор, (1981); Срцето на татковината, – за детски хор, (1981); Печалбарска, – за мешан хор, (1984); Пламенот на Илинден, – за женски хор, (1984); Свечена песна, – за женски хор, (1986); Нани, нани, – за детски хор и пијано, (1986); Триптих, – за женски хор, (1987); Сонатина, – за женски хор, (1987); Мајска песна, – за детски хор и мандолински оркестар, (1987); Запис, – за мешан хор, (1987); Свечена песна (за Ѓ. Пулески), – за детски хор, (1989); Ова време, – за детски хор, (1989); Тропар на Св. Климент, – за мешан хор, (1991); „Гурбетчиска“, – за женски хор, (1991); „Тропар на Св. Климент“, – за детски (женски) хор, (1991); Епитаф, – за мешан хор, (1991); Млад Гоце, млади војвода и Шени се горо, – за хор, (1993); Диптих, – за женски хор, (1993); Мисли, – за женски хор, (1995); Да бидеш, – за женски хор, (1995); Достојно ест, – за мешан хор, (2001); Вокална кантата Псалми, – за мешан, детски хор и солисти, (2007); Псалтихија, – за мешан хор и солист, (2007); Нахвалитехслава, – за мешан хор и солист-баритон, (2007); Порака, – за детски хор и пијано, (2012);

СОЛО ПЕСНИ: Раѓање, (1963); Залез, (1970); Пат, (1971); Прелудиум, (1974); Циклус „Нерези“, (1986); Вокален циклус, (2013);

ПЕСНИ ЗА ДЕЦА: Ѕвездичка, (1971); Пчеличка, (1972); Верверичка, (1973); Кога Личе пее, (1974); Дете-цвете, (1981);

ХАРМОНИЗАЦИИ: Химна (Т. Хрисик), (1973); Две народни песни, (1974); Кога беше најтешко (Бранко Ичокаев), (2006); Приспивна (М. Ренџов), (2014); МУЗИКА ЗА ДРАМА Принцезата Капка, (1976);

ЕЛЕКТРОНСКА МУЗИКА: Носталгија, (2004).

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ