Членови, Композитори

СОТИР ГОЛАБОВСКИ

(Струга, 30.10.1937 – Скопје, 04.11.2014)
композитор и музиколог

Музичкото образование го завршува во Скопје, кога уште како средношколец пројавува интерес за компонирање. Тогаш ги создава и првите свои творби во кои, сосема разбирливо, интересот кон фолклорот е доминантен. „… Вовед во мојата професионална определба беше конкурсот што во 1952 година го организира Централниот комитет на Народната младина на Македонија, на кој јас освоив две награди за моите први творби: Сонатата за виолина и пијано и Двете народни песни за пијано. Претседателот на жирито … уште тогаш ми понуди со него да работам композиција…“. (Радио Скопје, 24.2.1977). Паралелно со ова вирееше и љубопитноста за современите композициски струења што резултира со создавање на оркестарската композиција „Дивретименто“ во кое прави спој на додекафонскиот начин на компонирање со присуство на македонски фолклорни ритми и звучен колорит. Во 1958 година се запишува на Музичката академија во Љубљана, на одделот за композиција, во класата на проф. Луцијан Марија Шкерјанц. На истиот факултет ги завршува и своите постдипломски студии. Потоа се враќа во Скопје и работи, најнапред како музички соработник во Радио Скопје, а потоа, во еден подолг период – како професор на Педагошката академија во Скопје. Последните петнаесетина години од својот работен век ги минува како професор и шеф на Катедрата за музикологија на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во меѓувреме, во 1985 година докторирал кај познатиот византолог Владимир Мошин на тема „Музичките ракописи на охридската збирка и најстарите сочувани триоди на словенски јазик“. Пред тоа (во почетокот на седумдесеттите години) посетувал курсеви кај познатите претставници на европската авангарда (Штокхаузен, Холберг и др.) што остава влијание врз неговиот композиторски ракопис од ова време. Во еден период беше дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години, паралелно со компонирањето започнува неговиот интензивен интерес за проучување на македонската црковно-духовна традиција. Во рамките на тој дел од неговата активност престојуваше во повеќе европски центри каде што се усовршуваше за задачите што се наоѓаа пред македонската медиевистика. Поттикнат од потребата за еден поорганизиран и посистематски пристап кон оваа проблематика, како и кон проучувањето на современите музички текови во Македонија, кон средината на седумдесеттите години (1975) еден е од иницијаторите на манифестацијата „Струшка музичка есен“, којашто по неколкуте години во кои творештвото и музикологијата се испреплетуваа во комплементарна творечка и научна презентација, од почетокот на осумдесеттие години (со почнување на Деновите на македонската музика во Скопје, 1978 годинa) – стана главно собиралиште на големите музиколошки имиња од земјава и од странство. На чело на Струшката музичка есен остана до средината на првата деценија од дваесет и првиот век.

Творештвото на Сотир Голабовски, во текот на петте интензивни творечки децении минува низ повеќе фази на кои заеднички именител им е интересот за различните стилски композициско-технички определби. Неговиот опус го сочинуваат дела од солистичката, камерната, вокалната и оркестарската музика. Во почетокот е под влијание на неоромантизмот со присуство на тоналноста и чистата дијатоника. Подоцна интересот го свртува кон посовремените начини на компонирање, при што врската со традицијата ја бара главно во јасната архитектоника на делата. Крајот на шеесеттите, особено целите седумдесетти години се карактеризираат со тенденција на разбивање на формата врз база на користење на алеаториката и на пунктуализмот и оваа творечка фаза, како и кај поголем број други македонски композитори се поклопува со дејствувањето на ансамблот за современа музика „Света Софија“, како и со рефлексиите што во ова време ги имаат некои авангардни европски музички центри (Дармштад, на пример, каде што посетувал летни курсеви во 1970 и 1972 година). Дека Голабовски ги следи „вибрациите“ на светската композиторска сцена сведочи и фактот што кон крајот на својот творечки век одново се враќа кон јасната формална градба и кон неокласичниот начин на музичко изразување.

Сотир Голабовски, освен во музичкото творештво, исклучителен придонес даде и на полето на музикологијата. Автор е на повеќе книги („Традиционална и експериментална македонска музика“, Скопје, 1984; „Историја на македонската музика“, Скопје, 1999), како и на капиталното издание „Македонски осмогласник 1 и 2“ (1993 и 1995 година). Во неговото музиколошко наследство, освен спомнатите трудови, спаѓаат и голем број статии за различни прашања сврзани за подалечното минато или актуелните состојби во македонската музичка култура, како и многу дешифрации на црковно-словенски напеви, напишани со невматска нотација од нивните автори или подоцнежни препишувачи и откриени од различни истражувачи.

ТВОРЕШТВО

ОРКЕСТАРСКО: Три варијации на народна тема, – за камерен оркестар, (1961); Дивертименто, – за оркестар, (1961); Анданте, – за оркестар, (1962); Кроки, – за флејта и оркестар, (1963); Ексцентрични структури, – за камерен оркестар, (1969); Симфонија бр. 1, – за симфониски оркестар, (1969); Микропростори, – за камерен оркестар, (1970); Простор 1, – за камерен оркестар, (1971); Панче Пешев, – за симфониски оркестар, (1972); Простор 2, – за камерен оркестар, (1973); Простор 3, – за камерен оркестар, (1973); Простор 4, – за камерен оркестар, (1974); Простор 5, – за камерен оркестар, (1976); Суита бр. 1, – за мандолински оркестар, (1976); Концерт, – за обоа и гудачки оркестар, (1976); Простор 6, – за камерен оркестар, (1977); Структура 9, – за камерен оркестар, (1977); Концерт, – за виолончело и оркестар, (1979); Суита бр. 2, – за мандолински оркестар, (1979); Суита бр. 3, – за мандолински оркестар, (1981); Адаџо, – за хорна и гудачки оркестар, (1981); Караорман, – за симфониски оркестар, (1981); Суита бр. 4, – за мандолински оркестар, (1984); Македонски диптихон, – за мандолински оркестар, (1986); Концерт, – за пијано и гудачки оркестар, (1987);

МУЗИЧКО-СЦЕНСКО: „Интроспекција“, – балет (1960); „Приказна за штурецот и мравките“, опера за деца (1982);

ВОКАЛНО-ИНСТРУМЕНТАЛНО: „Словенско ехо“, – за солисти, хор и оркестар, (1965); Пролетна песна, – за глас и оркестар, (1970);

КАМЕРНО: Соната, – за виолина и пијано, (1952); Три багатели, – за хорна и пијано, (1959); Пет пиеси, – за флејта и пијано, (1961); Крај езеро, – за глас и пијано, (1962); Импресија, – за виолина и пијано, (1964); Полином бр. 1, – за гудачки квартет, (1964); Ноќ на осаменици, – за глас и пијано, (1969); Структура 5, – за гудачки квартет, (1971); Структура 6, – за клавирско трио, (1975); Адаџо, – за контрабас и пијано, (1975); Полином х, – за хорна и пијано, (1975); Структура 8, – за виолина, контрабас и пијано, (1976); Структура 7, – за клавирско трио, (1976); Суита бр. 1, – за виолина и пијано, (1979); Суита бр. 2, – за виолина и пијано, (1980); Суита бр. 3, – за виолина и пијано, (1981); Две грешки, – за глас и пијано, (1982); Месец на очистување, – за глас и пијано, (1985); СОЛИСТИЧКО Соната бр. 1, – за пијано; Две народни песни, – за пијано, (1952); Арабеска, – за пијано, (1959); Сонатина, – за пијано, (1959); Лирска пиеса, – за пијано, (1961); Ноктурно, – за пијано, (1962); Три багатели, – за пијано, (1962); Македонска игра, – за пијано, (1963); Иновација, – за соло флејта, (1963); Осамен момент, – за пијано, (1964); Седум пиеси, – за пијано, (1975); Композиција бр. 1, – за пијано, (1976); Суита бр. 1, – за пијано, (1980); Прелудиум и фуга, – за пијано, (1982); Суита бр. 2, – за пијано, (1982); Соната бр. 2, – за пијано, (1985);

ХОРСКО: Зарамнети брегови, – за женски хор, (1969); Мелодија бр. 1, – за мешан хор, (1969); Ракатка бр. 1, – за мешан хор, (1976); Ракатка бр. 2, – за мешан хор, (1981); Хумореска „Је бре Димо“, – за мешан хор, (1982); Епос 1, – за детски хор, (1983);

МУЗИКА ЗА ДЕЦА: Зајаче, – за камерен оркестар, (1960); Зимска вечер, – за камерен оркестар, (1960); Оро на месечината, – за камерен оркестар, (1960); Санкање, – за камерен оркестар, (1960); Утро, – за камерен оркестар, (1960); Куќа , (1984);

ДЕШИФРАЦИИ И ХАРМОНИЗАЦИИ: „Господи возвах – глас 1“; „Достојно ест – глас 1“; „Достојно ест – глас 5“; „Достојно ест – глас 5“; „Оца и сина – глас 5“; „Оца и сина – глас 8“; „Со свјатиму упокој – глас 8“; „Страданија спасителни – глас 6“; „Владику и свјашчено началника нашего – глас 7“; „В’сија благолепие воздржание – глас 4“; „Достојно ест – глас 2“; „Достојно ест – глас 5“; „Достојно ест – глас 7“; „Кришчи унглајл – глас 1“; „Химна за Св. Кирил и Методиј“;

МУЗИЧКА ПУБЛИЦИСТИКА: КНИГИ • „Традиционална и експериментална македонска музика“, (Македонска ревија), (1984) • Музичките ракописи од Охридската збирка и најстарите сочувани македонски триоди на словенски јазик, (1985) • Осмогласник – книга 1, Скопје, (1992) • Осмогласник – книга 2, Скопје, (1994) • Историја на македонската музика, Скопје, 1999, (1999) СТАТИИ • По путевима – вокално-инструментални циклус Властимира Николовског („Звук“, број 69, Сарајево), (1966) • Метроритмичките форми во македонскиот музички фолклор (Реферат на Конгресот на Сојузот на фолклористите на Југославија во Дојран, 1966, Скопје, 1968), (1966) • Ораториум „Клименту“ Властимира Николовског („Звук“, бр. 85-86, Сарајево), (1968) • Некои забелешки за мелодиската орнаментика во македонскиот музички мелос („Македонски фолклор“, бр.3-4, Скопје), (1969) • Васил Хаџиманов – Ин мемориам („Македонски фолклор“, бр. 5-6, Скопје), (1970) • Животот и делото на Јован Хармосин Охридски („Македонска музика“, бр. 2, Скопје), (1970) • Музичкото минато и сегашност на Струга („Струга и струшко“ – монографија, Струга), (1970) • Некои резултати од иследувањето на старата словенска музика (Меѓународен симпозиум за старата словенска музика, Софија (коавтор: Д. Ортаков)), (1971) • Прилеп II прилепско низ историјата (Прилеп (коавтор: Д. Ортаков)), (1971) • Потеклото на зурлата („Македонски фолклор“, бр.13, Скопје), (1974) • Тековите на современата македонска музика („Културен живот“, бр. 10, Скопје), (1974) • Архаични остатоци во сегашната црковно-музичка практика во струшкиот крај („Македонска музика“, бр. 1, Скопје), (1977) • Музика и револуција („Македонска музика“, бр. 1, Скопје), (1977) • О творчестве Властимира Николовского (Советскаја музика, број 12), (1977) • Од музичкото минато на Струга („Македонска музика“, бр.1, Скопје), (1977) • Некои тонални врски меѓу музичкиот фолклор и црковното пеење во Македонија („Македонски фолклор“, бр. 21 – 22, Скопје), (1978) • Охрид и охридско низ историјата (коавтор: Д. Ортаков), (1978) • Некои карактеристики на средновековната музика во Македонија (Зборник предавања одржани на XI Семинар за македонски јазик, литература и култура, Скопје), (1979) • Осврт врз музичките текстови во Болоњскиот псалтир („Македонска музика“, бр. 2, Скопје), (1979) • Периодизација на македонската духовна музика (Весник на МПЦ, год XXI, бр. 5), (1979) • Периодизација на македонската духовна музика како можност за согледување на целокупната музичка активност во Македонија („Македонски фолклор“, бр. 3, Скопје), (1979) • Преродбенски елементи во македонската музика од XIX век (Зборник на трудови од симпозиумот посветен на животот и делото на Марко Цепенков, Скопје), (1981) • Тонални основи на македонската духовна музика од периодот IX-XV век („Македонска музика“, бр. З, Скопје), (1981) • „Господи возвах“ – од Дионис Поповски („Македонска музика“, бр.З, Скопје), (1981) • Др. Александар Лимпн (портрет) („Културен живот“, бр. 4-5, Скопје), (1983) • Драгослав Ортаков – Музичката уметност во Македонија (Осврт врз книгата) („Културен живот“, бр. 6), (1983) • Животот и делото на Јован Кукузел („Македонска музика“, бр. 5, Скопје), (1983) • Некои согледувања на византиско-словенската естетика како одраз на средновековните морални норми („Македонска музика“, бр. 4, Скопје), (1983) • Владимир Мошин („Културен живот“, бр. 1-2, Скопје), (1984) • Панче Пешев – револуционер и композитор („Културен живот“, бр. 7-8, Скопје), (1984) • Тодор Скаловски („Културен живот“, бр. 9-10, Скопје), (1984) • За музичката дејност на Кирил и Методиј („Културен живот“, бр. 9-10, Скопје), (1985) • Кирилометодиевската и Климентовата традиција во македонската средновековна музика, во зборникот студии: „Климент Охридски“, (1986) • Прилог кон дефинирањето на македонското народно црковно пеење („Македонска музика“ бр. 6, Скопје), (1986) • Усната музичка традиција како еден од можните извори за проучување на традиционалната македонска духовна музика („Македонска музика“, бр. 6, Скопје), (1986) 112 • Фолклорни елементи во македонската духовна музика од XIX век, во книгата „Македонскиот фолклор во музичкото и драмското творештво до 1945 година“, (1986) • Мошин за руско-македонските врски за време на покрстувањето на Русија („Културен живот“, бр. 1-2, Скопје), (1988) • Стихирата „Страданија спасителни” од св. Климент Охридски и методологијата на нејзината дешифрација, – Климент Охридски и улогата на Охридската книжевна школа во развитокот на словенската просвета, (1989) • Кирило-Методиевската и Климентовата традиција во македонската средновековна музика (Макропроект „Историја на културата на Македонија“; книга 7; МАНУ, Скопје; 1997, стр. 27) (1999) • Музичката традиција во Охридскиот книжевен центар, (коавтор – Д. Ортаков) (Макропроект „Историја на културата на Македонија“; книга 7; МАНУ, Скопје; 1997, стр. 13) (1999) • Македонското народно црковно пеење (Макропроект „Историја на културата на Македонија“; книга 7; МАНУ, Скопје; 1997, стр. 15) (1999) • Животот и делото на Јован Кукузел (Макропроект „Историја на културата на Македонија“; книга 7; МАНУ, Скопје; 1997, стр. 131) (1999) • Животот и делото на Јован Хармосин Охридски (Макропроект „Историја на културата на Македонија“; книга 7; МАНУ, Скопје; 1997, стр. 139) (1999) • Господи Возвах од Дионис Попоски (Макропроект „Историја на културата на Македонија“; книга 7; МАНУ, Скопје; 1997, стр. 157) (1999) • Метричките форми во македонскиот музички фолклор (Макропроект „Историја на културата на Македонија“; книга 7; МАНУ, Скопје; 1997, стр. 271) (1999) • Д-р Александар Линин (Макропроект „Историја на културата на Македонија“; книга 7; МАНУ, Скопје; 1997, стр. 343) (1999)

Марко Коловски, музиколог (книга „47 македонски композитори“, 2013)

СОКОМ