Просечна Боеми

Мајски оперски вечери 2018 -  „Боеми“ - Џакомо Пучини, диригент Џанлука Мартиненги (Италија), режисер  Дејан Прошев

Отворањето на 46-тите по ред Мајски оперски вечери,  започна традиционално на 9-ти мај, со обнова на Пучиниевата „Боеми“.  Обновата беше поставена во режија на Дејан Прошев  и  добро познатиот тандем (од најефектната досега поставка на Турандот во 2002г.) Зоран Николовски, сценографија  и Марија Пупучевска, костимографија. Диригентската палка му беше доверена на Џанлука Мартиненги (Италија).

Во многу нешта оваа обнова, пред сè заради вокалните солисти,  наликуваше на обновата која беше поставена во 2007 година, на која настапија замалку истите солисти, кои тогаш беа млади уметници. По 11 години,  јасно се профилираат нивните вокални и актерски способности, квалитети или пак недостатоци. Носители на главните ролји како тогаш, така и сега беа тенорот Ѓорѓи Цуцковски како Родолфо, во ликот на неговата љубена Мими се појави сопранот  Благица Поп Томова (некогаш овој лик го толкуваше Весна Ѓиновска Илкова). Неговите пријатели во мансардата како и во 2007г. ги изведуваа баритонот Горан Начевски во ролјата на сликарот Марчело, музичарот  Шонар го толкуваше баритонот Ристе Велков, а басот Владимир Саздовски за прв пат ја одигра улогата на филозофот Колин. Кусата ролја на сопственикот на мансардата Беноа ја играше Евгени Арабаџиев од Бугарија (во последен миг направена замена), додека пак во улогата на Музета повторно настапи сопранот Катерина Стојановска.

Прошев направил класична поставка која го следи дејствието врз база на либретото на Луиџи Илика и Џузепе Џакоса, создадено според романот „Сцени од животот на боемите’’ од Анри Мурже. Николовски поставува симплифицирана сценографија која е доволна за асоцијации за локацијата на сцените. Како и секогаш Марија Пупучевска држејќи се до режиската идеја создала костими кои го отсликуваат 19 век, период во кој се одвива дејствието. Она што делуваше навидум проблематично е поставеноста на сцената, која заради повлеченоста не им дозволуваше на дел од вокалните солисти да бидат примарни (иако тоа зависи и од волуменозноста на гласот), односно оркестарскиот звук да не ги покрива нивните гласови (што честопати се случува на нашата сцена). Перцепцијата секако зависи од позицијата на слушателот во публиката во салата на МОБ, така што доколку сте сместени блиску до сцената (првите редови од партерот) доминира оркестарот, а вокалните солисти доколку немаат силен волумен само бледо прозвучуваат.

„Боеми“ е лирска опера во која во центарот на дејствието е една интимна драма помеѓу поетот Родолфло  и болежливата шивачка Мими. Исполнета е со певливи, колоритни и примамливи вокални делници преку кои се цртаат карактерите на ликовите и дејствијата. Оркестарскиот апарат е составен чинител на музичката компонента, со тематските реминисценци кои Пучини ги користи за да ги карактеризира ликовите. Глобално „Боеми“ не остави силен впечаток. Зошто? Затоа што континуиран квалитет во изведбата на ова музичко-сценско дело претставија само неколку солисти, а тоа не е доволно за вообликување на делото. Кај дел од нив се гледа константата на негување на својот изведувачки апарат,  кај дел пак ограничениот капацитет. Ова е особено значајно кога се има во вид дека уште во првиот чин Пучини претставува обемни дијалози на боемите на мансардата, „монолози“- арии и љубовни дуети. Секако, кога се формира пеачка екипа треба да се има во вид и компактноста на гласовите кои треба да ја оформат музички претставата и секако нивниот капацитет.

Како и во 2007г. и сега се издвоија само три лика кои со својата интерпретација заслужуваат да ги носат примарните ролји. Останатите солисти, со искуството кое го имаат на сцена, се претставија како одлични актери, но во поглед на вокалната интерпретација не оставија впечаток, заради честите промени во поставките на гласот, недоследните фразирања или регистри кои не беа во можност доволно да ги освојат. Се чини дека на оваа екипа и треба подолготрајно взаемно работење, со цел сите да го извлечат од себе својот максимум.

Така уште во првиот чин при приказот на четворицата млади боеми, кој живеат од својата уметност или размисла, се издвои квалитативно баритонот Горан Начевски. Кај него од првата појава се до финалето се перцепираше константа во квалитетот на интерпретацијата, вообличен вокал, фраза, јасна дикција и актерска игра. Иако порано Начевски не се издвојуваше со волуменозноста, во ваква констелација тој се издвои. Коректна, изведба имаше Евгени Арабаџиев  во кусата ролја од само неколку такта. Улогата на Мими, дамата која се вљубува во Родолфо и во финалето починува, солидно ја изгради Благица Поп Томова, без предлабоко навлегување во емотивното градење на ролјата. Во дуетот со Цуцковски, претставија суптилно наговестување на новата романса, но Цуцуковски вокално недоволно издржано интерпретираше во текот на целата претстава, со проблеми во високите регистри, непрецизно фразирање и атаки на тоновите. Уште во првиот чин - средбата на масардата и вљубувањето во Родолфо, Пучини донесува една од најпознатите арии од операта „Ме викаат Мими“. Токму во таа арија Поп Томова претстави култивирана, стабилна изведба, со впечатливо динамичко нијансирање на фразите, јасна дикција. И покрај потфрлувањето во буквално последниот такт од првиот чин во дуетот „О слатка девојко“, настапите на Поп Томова во останатите чинови, до крајот на оперското дејствие претставуваа контиурано, квалитетна интерпретација, како на пример дијалозите на Начевски и емоционално изведеното ариозо „О мој добар Марчело’’.

Во вториот чин, каде се јавува поголема масовна сцена, во која својата ролја ја има и хорот кој претстави релативно компактна интерпретација, подеднакво како и во 2007г., се издвои вториот пар на сликарот Марчело -  Начевски и кокетната Музета која на свој начин ја изгради Катерина Стојановска. Во секоја оперска претстава Стојановска е константна со својата вокална и сценска игра. Така и овој пат, во првата нејзина појава, а особено со т.н. „Валцер на Музета“ - „Кога ќе си одам“, ја претстави подвижноста на нејзиниот светол глас и сензуалноста на ликот кој го гради.

Диригентот Џанклука Мартиненги, согласно Пучиниевата идеја преку оркестарот ги потенцираше емоциите на ликовите, интензивирајќи ја драмата на моментите. Тој некогаш прозвучуваше како индивидуален лик кој преку  својот „глас“ вршеше посебна нарација. Поради недволно волуменозните вокали напати драматизација во оркестарот имаше импакт врз перпепцијата на интеракцијата помеѓу солистите. Нестабилности во интерпретацијата можеа повремено да се забележат кај лимените дувачи.

Во целина поради претходно наведените констатации, „Боеми“  не остави никого без здив.

Елени Новаковска