Пјацола vs. Вивалди

(Кон концертот на Македонската филхармонија, 26.04. 2018, солисти: Ана и Олег Кондратентко–виолини)

Очекувано, со овации и бурни аплаузи, беше проследен концертот на Анна и Олег Кондратенко со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија којшто на општо задоволство привлече голем интерес кај љубителите на музиката, колку заради настапот на овие значајни македонски солисти, а чинам уште повеќе, заради атрактивноста на програмата.

Безвремениот циклус „Четири годишни времиња“ на венецијанскиот барокен композитор Антонио Вивалди секогаш плени со цврстата синтеза на контрапунктската техника и тонално конципираните хармонии, маркантните мотиви со енергичен карактер во брзите ставови и распеаните и топлите мелодии во побавните, но и со брилијантната оркестрација. Со еден збор, тој вонреден музички пејсажист, таа вечер му пркосеше на еден од најпознатите светски композитори, прочуениот вдахновен создавач на новото аргентинско танго Астор Пијацола, кој два и пол века подоцна создава композиции кои стануваат силно забележани во поновата музичка литература.

Сосема разбирливо, обете композиции се различни, пред сѐ во формалната структура. Додека кај Пијацола имаат само еден став, и се всушност четири танго композиции, кај Вивалди секоја од нив содржи три става. Додека Вивалди се држел до своите сонети и создавањето на некои слики, Пијацола се фокусирал на чувството, на атмосферата. Несомнено, Вивалди како предвесник на програмската музика, токму со циклусот „Четири годишни времиња“ не потсетува на мошне умешното отсликување на убавината на секое годишно време, користејќи го уводниот сонет за безгрижната радост на пролетта, заморот на летната жега, песната и танцот во есента, па се до ледениот студ в зима, а сите тие проткаени со познатите мелодиско инструментални постапки на авторовото време. Наспроти него, Астор Пијацола, една од најмаркантните личности во историјата на аргентинската музика кон средината на минатиот век, во една софистицирана форма со нови хармонски и ритмички решенија, го вметнува тангото во концертна изведба. Експериментирајќи со традиционалната форма на тангото, може слободно да се каже дека е создавач на револуционерното движење „ново танго“ во кое внесува многу елементи од џезот и класичната музика, но и влијанието на западноевропската музика. Во „Четирите годишни времиња од Буенос Аирес“ (за разлика од Вивалди) доминираат наглите промени на ритамот и контрасните расположенија, а годишните времиња се доловени како струење на воздух полн со сензуалност и преплетени емоции, од нежност до најсилна страст.

Конципирајќи ја програмата врз основа на дела на кои заедничко им е само името, протагонистите не водеа во едно културолошко патување на различности помеѓу медитеранска Европа и срцето на Јужна Америка. Различноста кореспондираше и во поделбата на главните протагонисти. Додека Анна Кондратенко соодветено на нејзиниот уметнички профил, со нескриен порив и жар, се постави како солиден виртуозен толкувач на Вивалди, Олек Кондратенко се распосла со еден вдахновен емотивен импулс низ годишните времиња на Пијацола. Потполно контрастните композиции беа, барем на почетокот, уште поконтрастни и пошокантни со концепциски нековенционалната структура на концертот, но сето тоа многу бргу се преточи во една прекрасна звучна маса, набиена со енергија, експресија и магија. Навидум невозможната замисла во еден здив да се сплотат две епохи, две сосема разлнолики култури, со силен индивидуален пристап, се покажа како возможна.

Не е ништо ново и невообичаено ваков тип на концерти да се изведуваат без искусна диригентска рака. Тоа секако е возможно доколку ансамблот и солистите континуирано работат на проектираната програма, со зацртана визија за степенот на вземно пулсирање. Анна и Олег Кондратенко, секој со посебен и различен сензибилитет, и во доменот на своите можности, се обидоа да ни пренесат суптилна, нежна, но и ритмички и мелодиски вдахновена музичка креација, со силен емотивен набој, со култивирана виолинска игра и шарм, со познавање на толкуваната материја и вешто совладување на виртуозните нотни записи. Ја почувствувавме посакуваната и многу потребната експресија и разновидност во боењето на тонот. Заедно со Камерниот ансамбл на Македонската филхармонија со концерт мајсторот Владимир Костов и Марија Вршкова (како гостин на чембало во изведбата на Вивалди) покажаа достојна зрелост во интерпретирањето на програмата, изведба на која единствено во севкупниот впечаток по  малку  и недостасуваше искусна диригентска палка, со вдахновена уметничка природа за да ја заокружи со комплетна, совршена техничка прецизност и стилска елеганција.

Татјана Грковска