Праизведба на операта „Помеѓу соништа и летови“ - рецензија

Во селекцијата на програмата на ДММ беше вклучена и премиерната изведба на операта во еден чин  „Помеѓу соништа и летови“  на Горан Начевски (музика и либрето), со што добивме едно збогатување или надградување на инаку поскромниот македонски оперски репертоар. Тоа  е исклучително важно и за нашата концертна сцена на која треба да има изведби на поразновидни музички форми или композиции. „Помеѓу соништа и летови“ со поднаслов „сценска лирска фантазија“ е креирана како камерна опера во еден чин  во 2014 г. За првпат на овогодинешните ДММ, беше изведена на Малата сцена во МОБ со цел самата сцена, нејзината енергија или големина, да се надоврзе и со содржината на операта, која што е автобиографска емотивна приказна на Начевски, преку која истовремено секој индивидуално може во одреден момент да се пронајде во неа или да си креира своја верзија. Во операта настапија: Невен Силјановски – Патникот, Александра Лазаревска Василевски – Ѕвездата, Дејан Стоев – Таткото, хорот и оркестарот на МОБ,  диригент беше Иван Еминовиќ, режисер Љупка Јакимовска, сценограф Зоран Николовски, костимограф Бранкица Јордановска, светло дизајн Нино Митевски, кореограф Маја Каревски, концерт мајстор Јане Бакевски, хор мајстор Јасмина Ѓорѓеска, Христина Ангеловска, Агим Бафтии и Дуа Махмуди беа задолжени за балетскиот дел, и Илин Силјановски во улога на дете.

Во интервју за „Радио Слободна Европа“ непосредно пред премиерата, Начевски изјави дека во работењето или создавањето на  операта можеби делувала потсвеста, можеби одредени реторички прашања на кои сака да добие одговори, односно во операта сè е можно, оние желби кои можеби никогаш не би биле остварливи во реалниот живот, на сцена се можни и остварливи. И затоа во главните улоги Начевски ги има креирано Патникот, Таткото, Ѕвездата, три архетипови кои ја искажуваат клучната порака на операта, барањето и добивањето на баланс во еден човечки живот, преку разните препреки, проблеми, дилеми, стравови. 

Операта е создадена со доминирачки тонален музички јазик, преку минималистички блокови, на кои латентно се надоврзуваат елементи на постромантизмот и експресионизмот, особено при градациите и исклучиво кај инструменталните секции. Истовремено музичкиот тек е размрдан со двете сцени на аеродромот, едната на почеток а, другата на крајот на операта креирани со алеаторски блокови.  Делниците на солистите, се изградени врз претежно широки кантилени и неколку речитативни делови односно говорен третман на вокалот. Исто така, надоврзувањето на традицијата со опера нумера и однос речитатив-арија се гледа и преку користењето на монолог (секој од солистите има по еден монолог). Сето ова надополнето со либретото инспирирано од личниот живот на Начевски ни сервираше приказна со порака која нуди надеж, односно победа на позитивните вредности.  Оркестарот со диригентот Еминовиќ звуковно балансираа меѓу инструменталните и вокално-инструменталните делови доаѓајќи кога е потребно во преден план или во втор план според самиот развоен тек на музичката приказна односно наративноста на либретото.

Делото се отвори со инструментален смирен тивок вовед со ’меки дисонанци’ кој постепено не припреми да се прилагодиме на просторот, сценографијата, и да се навлезе во музичката приказна. Истовремено на почетокот можевме да ја скенираме сцената минималистички уредена поделена на два дела кои претставуваа реален (маса, столчиња, куфери..) и нереален простор (ограден со мрежа, дим..), односно движење меѓу реалноста и соништата или желбите. Црно-белите светла кои доминираа исто така соодветствуваа со бинарната поделба. Како додаток на музичко-сценското дејствие беа претставени уште неколку познати симболи. Ѕвездата, која ја имаше низ цела опера, има повеќе значења, таа го симболизира односот меѓу земјата и универзумот, таа е симбол на надеж..... Потоа тријадата (три испреплетени кругови), креирана при крајот на операта со сплотување на мајката, таткото и детето кај оперските и кај балетските солисти со што се наговести самото финале.

На почетокот пред започнувањето на солистикиот настап на централниот лик Патникот, кој е со измешани чувства на тага и на еуфорија, наместо тој да почне да пее, се создаде неочекувано најдинамичмната сцена во делото која беше инспирирана од аеродромски терминали, креирана од членовите на хорот кои се покажаа и како уиграни глумци, а хаотичноста од многу луѓе, гужви, музички беше надополнета со алеаторски делови изведени од оркестарот, со извици на членовите на хорот и со сниман женски глас од разглас. По смирувањето започна соло настапот на Патникот, и изговорањето на една од суштинските пароли во операта  „Чекориме ли напред, или се враќаме назад...покажи ми го патот на времето“.  Силјановски сигурно, експресивно го искреира ликот на Патникот и во солистичките делови и во дуетите со Ѕвездата или со Таткото. Појавата на Ѕвездата во улога на Александра Лазаревска беше дополнето со танц кој беше изведен во двата дела на сцената, а нивните бели костими и на Ѕвездата и на балетските играчи симболизираа надеж, добрина. Дуетите меѓу Патникот и Ѕвездата и покасно меѓу Патникот и Таткото (Дејан Стоев), беа разнолики со смирена, нежна енергија меѓу Патникот и Ѕвездата и по вознемирувачки и воздржани меѓу Патникот и Таткото. Измеѓу солистичките настапи наизменично се провлекуваше хорот кој ја надградуваше приказната со смирен надежен звучен амбиент. Како логичен развој следеше заедничко сплотување на хорот и солистите при крајот на операта со повторување на следниве зборови кај хорот: „Насекаде спокој и радост“. За некој очекувано за некој не, среќниот крај се прошири со повторување на сцената од аеродромски терминал,  која отвора нови индивидуални размислувања за животниот пат.

Јулијана Папазова