Врвна изведба и фантастични дела со ансамблот „Меитар“ на ДММ

Контрасти и сличности, звук и тишина, минимализам и пост-експресионизам, лирика и драматика... Ова се само дел од карактеристиките коишто ги обоија делата изведени во вторникот вечерта во Камерната сала на Македонската филхармонија, од страна на врвното клавирско трио на ансамблот „Меитар“ од Израел. Шест нови композиции прозвучеа во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“ - три од македонски автори и три од израелски композитори, кои донесоа и шест различни видувања и навистина ја освежија нашата современа музичка сцена.

Но, пред се, првиот впечаток беше фасцинантната интерпретација на Амит Долберг - пијано, Моше Ахаронов - виолина и Јони Готлибович - виолончело, во што и не се сомневавме. Ансамблот „Меитар“ повеќе од една декада ги оживува современите дела, претежно на врвни композитори од Израел, но и на автори од целиот свет, повеќенаградуван е за неговата работа која ја оценуваат како исклучителна, а според „Њујорк Тајмс“ таа е „извонредна, грациозна, прецизна“, настапува на најпрестижните фестивали за современа музика, добитник е на значајни награди, а се фокусира и на специјални програми за современа музика наменети за најмладите. Нивната цел, на членовите на „Меитар“, е да ја доближат музиката на 21.век до што поголем број на слушатели, „тренирајќи“ ги од своите најмлади години.

Како и да е, концертот донесе две убави нешта - врвна изведба, но и врвна музика. Делата на нашите Михаило Трандафиловски, Ангел Спироски и Валентина Велковска-Трајановска, како и на израелските композитори Ари Бен-Шабетаи, Ајал Адлер и Рубен Серуси, направија вкусна звучна фузија од различни културолошки хоризонти, навидум неспоиви, но во суштина, и тоа како зборуваа со заеднички јазик. Настанот почна со изведба на делото „Го сакате ли Брамс?“ за пијано трио (2005), кое ја доживеа македонската премиера, на проф. Ари Бен-Шабетаи од Ерусалим, кој се смета за еден од најраните композитори на пост-модерниот стил. Самиот наслов асоцира на истоимениот американско-француски црно-бел игран филм од 1961 година, а кој е адаптација на романот, повторно со ист наслов, на Франсоа Саган. Можеби инспирацијата е само во насловот, a Брамс овде звучеше мистериозно, па дури и неговиот цитат беше употребен на еден помалку саркастичен начин. Делото во целост, со мошне индивидуален пристап, ги соединуваше влијанијата од ориенталниот звук, класичната музика, пост-импресионистичкиот израз, минимализмот... Втората композиција создаде мошне впечатлива атмосфера. Тоа беше „Ветер-ридови-бранови“ за соло виолончело (2017) на Михаило Трандафиловски, која ја имаше својата светска премиера. Македонскиот композитор и виолинист, кој долги години живее и твори во Велика Британија, постојано изненадува со неговите дела, затоа што прикажува разновидност, посебно фокусирајќи се на камерната музика. Овде низ интересна звучна метафора се обоени трите природни појави чие ехо совршено комуницира со слушателот. Навистина, доколку вниманието го насочите на асоцијативноста, на сликовитоста, на движењата, струењата, на танцот на ветерот или на брановите, тие се гледаат. А, тоа произлегува од совршено избалансираниот звук, од точната поставена позиција на секој тон, од суптилно изработената динамика..., со што се создава силна драматургија. Ако современиот американски композитор Џон Кејџ своевремено покажа дека тишината може да биде уметност, и дека може да биде навистина гласна, со ова дело Трандафиловски исто така умешно ја „озвучи“ тишината меѓу „звучноста“ на брановите и ридовите, успевајќи да го задржи фокусот од почеток до крај во однос на начинот на компонирање, што е особено за поздрав, со тоа и силната концентрација кај публиката.

„Ora Iacentem“ за пијано трио (2016) на младиот, талентиран композитор Ангел Спироски, во буквален превод или како фраза од латински значи молитва во лежечка позиција. Композицијата го има овој наслов во преносно значење, како фокус на себеспознавањето, што е можеби несвесна или свесна реакција на авторот како почеток кон спознавање или пронаоѓање на индивидуалниот творечки, креативен израз, надвор од институционалните рамки. Бидејќи, со ова дело Спироски навистина покажа еден зрел композиторски принцип на работа, кој силно се почувствува и во пристапот на изведбата од страна на ансамблот „Меитар“. Овде паралелно варираат два контрастни тематски материјали, кои создаваат музичка рефлексија на внатрешните конфликти, а кои се јавуваат кога човекот се апстрахира од надворешноста, а ја реевалуира својата личност. Делото поседува, всушност, две расположенија - медитација и агресија, црно и бело, епика и лирика, кои се разединуваат, ама и се соединуваат, а ако се „чита“ меѓу редови, се разбиваат однатре со мошне суптилна звучна колоритност која плени.

На концертот во Скопје беше присутен и израелскиот композитор Ајал Адлер чие дело „Мистериозо“ за соло пијано (2014), кое ја имаше македонската премиера, покажа еден поинаков хармонски свет. Повеќе апстрактна, како што кажува и насловот, оваа композиција беше налик на таинствен пат низ кој се движат само „чудни“ инструментални текстури помеѓу кои не може да помине „обичноста“. Силен впечаток остави композицијата „Огледала“ за пијано трио (2011) на Валентина Велковска-Трајановска која претстави различни композициски техники, различни творечки постапки. И ова нејзино дело, на некој начин има програмски карактер, иако не во дословна смисла.Тембровите бои на инструментите го имаат главниот акцент, а инспирацијата е очигледно визуелна. Како мистичен, езотеричен знак на духовна рефлексија, „Огледала“ го поседува звукот на одраз на вистината, а потоа и звукот на кршење на стакленца кои се извиваат во височините, како асоцијација на разбивање на некаква, ако постои, востановена композициска шема. Концертот заврши со делото „Џез на тема Матис“ од Рубен Серуси. Самиот наслов не носи кон поентилизмот на познатиот француски сликар, но во овој случај, проткаен со ритмички, колоритни звучни текстури. Тоа е музичка проза која воодушевув, затоа што претставува еден вид на музичко-сликарска метафора на делата на Матис со примеси на мистични џез-ритми.

Тина Иванова