Кон концертот на Камерното трио од Албанија на ДММ 2018

Во рамките на годинешново издание на Деновите на македонска музика, во концертната сала на Музејот на град Скопје, имавме можност да го проследиме гостувањето на Камерното трио од Албанија. Долгогодишната соработка помеѓу Здруженијата на композитори од Албанија и Македонија се остварува преку различни форми на претставување на уметниците од двете земји, а годинава тоа беше рециталот на камерното трио од Тирана кое се претстави со интересен избор дела од современи албански и македонски композитори.

Мерита Реџа Тершана - пијано, Јонела Големи - флејта и Арбен Љози - виола се истакнати современи музички уметници на албанската класична сцена, кои уметничката наобразба ја усовршуваат на престижните западноевропски академии во Франција и Германија и во таа насока ја продолжуваат и својата концертна активност. Истражувајќи по нивните биографии забележуваме дека тие се реализирани во повеќе полиња на уметничката дејност... солистички концерти, камерно музицирање, педагогија, членување во оркестри и што е посебно важно во овој контекст, изведуваат многу дела од современи албански и странски композитори.

Во класична смисла, составот на триото би го забележале како невообичаен (флејта, виола и пијано) пред сé заради тембровата разноликост помеѓу длабокиот и темен регистар на виолата и светлиот звук на флејтата. Но кога е современата музика во прашање токму шареноликоста на составите е едно од обележјата при нивното формирање. Освен тоа, усогласената изведба во камерните точки, како и експресивните настапи на музичарите во солистичките претставувања, придонесоа настапот на камерното трио од Тирана да го доживееме како квалитетно и вдахновено концертно остварување.

Во однос на концептот концертна вечер сочинета исклучиво од модерни дела, современиот слушател неминовно бара концизност во должината на програмата со цел да го постигне и задржи фокусот било да станува збор за „едуцирана“ публика или пак за останатите љубители и посетители. И од таа гледна точка концертот на камерното трио имаше јасна и внимателно одбрана програма која ни претстави еден колаж од солистички точки, дуети, како и целосен состав на триото со изедначен опфат на дела од албански и македонски композитори.

Како вовед го слушнавме делото „Самрак“ за флејта, виола и пијано компонирано 2016 година, од современата албанска композиторка Арбана Фејзо. Програмскиот наслов ни ја потврди интенцијата на авторката преку својот автентичен композиторски јазик главно насочен кон репетативен ритмичен израз, да ни долови лично видување на мистериозниот дел од денот кога тој се преточува во ноќ. Фејзо избира оргелпункт во делницата на виолата во текот на целата композиција, надополнет со звучните бои на флејтата во низок регистар и  фрулато артикулација со очигледна цел да постигне атмосфера на „самрак“ – ефект. Впечатливите движења во триоли во понатамошниот развој кај флејтата преку ритмичко уситнување и ачелерандо во фортисимо ја донесуваат кулминацијата на делото и го доведуваат до крај. Усогласената изведба и соодветниот виртуозитет придонесоа воведната нумера да го наговести квалитетниот настап на солистите во следните дела.

Втората композиција беше своевидно посетување дека универзалниот јазик на уникатните музички дела ги надминува врменските и просторните граници, го пронаоѓа својот пат до изведувачите и нé навраќа на творечкиот печат на нивните создатели. Токму такво дело е композицијата „Сам – Езгија“ од нашиот Гоце Коларовски, кое од создавањето во 1997 година живее на сцените во нашата земја и во светот и преку бројните изведби на афирмирани но и млади флејтисти, ги пренесува одблесоците на изворниот македонски фолклор. Во звукот на флејтата всушност авторот ги вткајува спомените на езгиите за кавал од својот дедо Миле Коларовски. Тој успеал да му ја пренесе креативната моќ на импровизирањето, која од друга страна претставува предизвик за современите флејтистите што ја изведуваат партитурата. Во таа смисла,  флејтистката Јонела Големи со експресивната изведбата на „Езгијата“ покажа дека длабоко проникнала во посебноста на делото, а сепак внесувајќи една поголема доза енергичност му даде и личен печат. Нејзиниот настап го забележавме како особено сугестивен и во поглед на техничката изработка и во инспиративната интерпретација.

Следуваше композицијата „Метаморфоза 2“ за соло виола од реномираниот албански композитор Шпетим Кушта чие творештво опфаќа повеќе разновидни музички жанрови, од симфониско-сценски дела до филмска музика и соло песни.

„Метаморфоза 2“ претставува дел од циклусот „Рефлексии“, 12 композиции настанати во периодот од 1990 – 2000 година кога Албанија влегува во „нова епоха“ на промени како во политиката и животот, така и во сферата на уметноста па оттаму насловот „Метаморфоза“. Од музичка гледна точка, отсуството на други инструменти во пиесата е надополнето со сложена и технички тешка делница за виолата – соло. А инспирацијата потекнува токму од долгодишната соработка со виолистот Арбен Љози, кому делото му е посветено. На концертот слушнавме интимен монолог кој уметникот го води самиот со себе избирајќи ја темната и прикриена боја на виолата како најсоодветен израз за тоа. Секако, придобивка е уметничката поврзаност меѓу композиторите и исполнителите - современици, во полза на автентичен и изворен приказ на музичката партитура и духот на делото.

Во продолжение на концертот ја проследивме композицијата „Гледишта 3“ од Дориан Цене кој е еден од претставниците на помладата генерација истакнати албански композитори, претседател на албанската Асоцијација на композитори како и раководител на одделот за композиција на Факултетот за уметности во Тирана. Композицијата што ја слушнавме на концертот на Деновите на македонска музика, претставува дел од циклусот „Гледишта“ во оригинал замислени за кларинет, пијано и виолончело. А верзијата за флејта и пијано, авторот Цене, ја преработи за изведбата на годинешниве „Денови“. Појдовната идеја на која авторот го гради циклусот „Гледишта“ се темели врз креирањето т.н. „скала Енигма“. Таа во себе содржи дур, мол, целотонска скала, хроматика, пентатоника... Перцепцијата за тоа кој модус во моментот звучи, се формира индивидуално во слухот на секој слушател поединечно и секое доживување може да биде различно а во исто време прифатливо и точно. Како што самиот автор дава појаснување се работи за различно толкување на ставрноста кај секој консумент и тоа и дава извесен филозофски пристап на оваа композиција.  Не случајно оттука произлегува и насловот „Гледишта“ или поточно точка на гледање. Нашата перцепција за ова длабоко мисловно и филозофско дело со префинет авангарден стил, исклучиво ја вообличивме преку експресивната интерпретација на флејтистаката Јонела Големи и пијанистката Мерита Реџа, кои создадоа балансиран дијалог меѓу тонските бои на флејтата и пијаното.

„Контрастите“ за виола и пијано од композиторот Томе Манчев се создадени во седумдесеттите години на минатиот век за време на неговите студентски денови. Неокласицистичкиот манир се отсликува во сите слоеви на ова компактно дело. Троставната структура која опфаќа марш, бавен став и скерцо, како и хармонските тонални скокови и секундни решенија, укажуваат на период во творештвото на Манчев кога тој во своите дела покажува директна алузија на Шостакович и неговиот творечки дух. Дуото Арбен Љози и Мерита Реџа со голема прецизност и посветеност постигнаа соодветен израз и карактер во сите три става од композицијата.

Првиот дел од двоставната композиција за пијано  „Фантазија“ од нашиот композитор Борис Светиев, „Интрада“, беше следната точка на концертот. Делото во целина го открива авторот како одличен познавач на пијанистичкиот „јазик“ во смисла на артикулациски постапки, игра со регистрите, тонските можности и бои на инструментот. Во голема мера атмосферата во композицијата произлегува од слободниот „ад либитум“ ритам и му остава простор на исполнителот за сопствено толкување при креирањето на агогиката. Звучната слика која се создава при слушањето на ова варијациски обликувано дело, нам ни побуди асоцијација кон познатиот Прелудиум „Потопена катедрала“ од Клод Дебиси и се разбира во склад со инспиративната изведба на пијанистката ни донесе впечаток на богата пијанистичка фактура и допадливост.

Во последното дело на концертот насловено како „Изгубената романтика“ од познатиот албански композитор Ендри Сина повторно го слушнавме триото во полн состав. Оваа комплексна композиција во себе го обединува повеќеслојниот стил на авторот, спој на тонални и атонални хармонии, контрастни ритмички фигури, различни стилски и емоционални расположенија, како и далечни призвуци од албански народни напеви. Кон сето ова би го додале создавањето музика за филмови и драма, кое евидентно оставило траг и во ова негово дело. Изразит беше впечатокот дека при конструкцијата на формата композиторот Ендри Сина просто како да создава ралични расположенија наменети за илустрација на замислени подвижни слики. Потпирајќи се на насловот, авторот во неколку делови од пиесата вметнува ритмичко – мелодиска фактура во чисто тонален романтичарски стил. Независните мелодиски линии во флејтата, виолата и пијаното со долги пасажи во легато артикулација покажаа дека тој ја креира атмосферата воден од принципите на вокалната техника дишење и ариозност.

Инспиративната изведба на музичарите од Албанија несомнено во голема мера им даде повисок смисол на сите композиции на овој концерт. Очигледно беше нивното позитивно расположение и желба за креативна поврзаност со публиката. А „Изгубената романтика“ беше добар избор да се заокружи концертот како своевиден повик современиот уметник без оглед на индивидуалниот творечки импулс и стил да сочува барем мал дел поетичност и романтичност во креирањето на сопствената уметност.

Викица Костоска - Пенева