КОНТЕМПОРА со концерт во Скопје

Вечерва (недела, 24 декември), во Концертната сала на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, со почеток во 18.00 часот ќе се одржи концерт на Ансамблот за современа музика „КонТемпора“. На концертот ќе бидат изведени премиерно повеќе дела кои се наградени на конкурсите на Министерство за култура за новосоздадени дела во изминатите неколку години, меѓу кои соло песни од композиторите Љубомир Бранѓолица, Дамјан Темков, Филип Иванов, Стојан Стојков и две композиции за соло пијано на Борис Светиев и Тодор Трајчевски.

Од своето формирање пред неполни четири години до денес, ансамблот „КонТемпора“ ја одржува неопходната интеракција помеѓу македонската музичка култура и светот, претставувајќи ги новосоздадените дела на македонските автори, но и на композитори од останатите делови на светот. Ансамблот брои дваесет инструменталисти со значително искуство во изведбата на современа музика, и во зависност од репертоарот делува во различни инструментални формации. Премиерниот концерт на „КонТемпора“ беше одржан во септември 2014 година во рамки на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и сонграјтери (ECSA) во Скопје. Во изминатите четири години, составот оствари турнеи во Холандија, Белгија, Австрија, Словенија, Албанија, Бугарија, Америка и имаше бројни концерти и настапи на речиси сите значајни фестивали низ Македонија („Денови на македонска музика“, „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Златна лира“, „Есенски музички свечености“ и „Денови на балканска современа музика“), секаде свирејќи со интензитет, желба и посветеност на современото творештво и индивидуални творечки естетики. „КонТемпора“ во досегашното постоење има снимено повеќе новосоздадени дела од композитори од САД, Иран, Италија, Индонезија и други земји, а на својот репертоар претстави речиси 60 премиерни дела на автори од Македонија, САД, Италија, Индонезија, Унгарија Велика Британија, Германија, но и композиции од музичката литература на 20-тиот век. Ансамблот „КонТемпора“ има реализирано и два компакт диска со дела од македонски автори. Ансамблот „КонТемпора“ за оваа прилика ќе настапи со гости соло пеачи и во состав: Александра Коцевска – мецосопран, Наташа Миха – сопран, Горан Начевски - баритон, Кристина Светиева, Емилија Потевска-Попивода и Мимоза Ќека - пијано.

Комплетната програма на концертот е достапна на следниот линк.

Концертот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија.