Роденденски концерт на Македонската филхармонија со солистот Љубиша Кировски

Некои дела од музичката историја се неоправдано подзаборавени или недоволно застапени на концертните подиуми иако по својата содржина и естетика се предизвик како за изведувачите така и за публиката. Во овој ред се вбројува виолинскиот концерт во а-мол оп. 28 од унгарскиот композитор Карл Голдмарк, блескав бисер во виолинската литература од времето на музичкиот романтизам. Создаден во 1877, триесетина години после концертот во е-мол на Феликс Менделсон, а една година пред популарните виолински концерти во Де-дур на Брамс и Чајковски , концертот на Карл Голдмарк е напишан во неговите „виенски години“ кога тој се наоѓа на врвот на својата популарност. И самиот виолинист, го пишува овој концерт природно, со јасна мисла, покажувајќи го познавањето на изведувачката вештина на виолината и вткајувајќи ги сите искуства, вкусови и наобразба од својот животен пат. Концертот е уникатна симбиоза на унгарски фолклорни напеви и ритми, еврејска сакрална мелодика, како и хармонски и мелодиски реминисценции на Менделсон и Вагнер.

Токму овој концерт на Карл Голдмарк имавме можност да го слушнеме на сцената на Македонската филхармонија во изведба на Љубиша Кировски, симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија, под диригенската палка на маестро Борјан Ценев, а по повод седумдесет и три годишнината од формирањето на нашиот реномиран оркестар.

Интересен е животниот пат на ова дело кое никогаш не успева да ја достигне славата на споменатите виолински концерти на Чајковски и Брамс, ниту пак на другите познати романтични концерти на Дворжак, Менделсон, Брух... Во педесеттите години на минатиот век, извонредниот  виолинист Натан Милштајн со својата впечатлива изведба, го враќа интересот за овој концерт меѓу исполнителите, а како посебно импресивни ги издвојуваме изведбите на Ицак Перлман и Џошуа Бел во поново време. Во контекст на историските факти го потенцираме значењето што на роденденскиот концерт на Македонската филхармонија бројната публика имаше драгоцена можност да ужива во единствената лирика на ова дело.

Сугестивната изведба на нашиот виолинист Љубиша Кировски ни овозможи да го доживееме концертот во полн сјај.

Опсервацијата исклучиво на естетските дострели на делата и изведувачите во редовите на оваа рецензија, не ни дозволува да навлегуваме во причините заради кои Љубиша Кировски немавме можност да го чуеме на подиумот на Македонската Филхармонија девет години! Но неговото зрело исполнителско претставување ни наметна да го забележиме овој факт како пропуст.

Концертот на Карл Голдмарк од чисто изведувачки аспект претставува мошне сложена, би нагласиле „тензична“ партитура која од солистот бара врвна умешност и музикалитет за делото да биде претставено во соодветно светло. Ненаметлив на прв поглед, Кировски постапно ја донесе импресивната форма на концертот доловувајќи ги сите визии на Карл Голдмарк во раскажувањето на неговата романтична виолинска приказна.  

Првиот став по својата комплексна содржина претставува најсложен дел од концертот. Структурата на мелодиската линија, промените на ритмички движења и темпа во унгарскиот марш, сложените пасажи, беа предизвик за Кировски да покаже исклучителна интонативна стабилност и она што е особено важно за овој долг став, јасен концепт на формата. Од солистичка гледна точка, виолинската делница има долги пасажи кои наизменично од воздржани мелодии прераснуваат во сложени бравури. Со прецизно изработена техника, Кировски студиозно проникнал  во слоевитата текстура на Голдмарк и со леснотија го покажа идеалниот спој на двете битни обележја на партитурата, студиозноста од една страна и неодоливата лирска мелодика од друга.

Особено задоволство беше да се слушаат возбудливите фрази и долга мелодија во вториот став „Аir“ кадешто во преден план го слушнавме деликатниот сензибилитет на Кировски, при донесувањето на сиот раскош и бои на звукот на виолината преку неговиот суптилен и префинет тон.

Во третиот став пак динамичната и танцувачка тема со призвук на уникатниот унгарскиот фолклор имавме можност да ја слушнеме и другата страна на неговиот темперамент која го покажа Кировски како динамичен виртуоз кој би можеле да го слушнеме на која било реномирана светска сцена. Во каденцата како што беше очекувано солистот само го нагласи своето лично доживување и слободен израз. Се разбира во градењето на целовитоста на делото неодминлива беше стабилната врска меѓу солистот и оркестарот која во концертот ја воспоставија оркестрантите и сигурниот концепт на диригентот Борјан Цанев.

Како круна на својот настап Љубиша Кировски ја изведе транскрипцијата на гитарското ремек-дело „Алхамбра“ од шпанскиот композитор Франциско Тарега на бис, со што само го потврди својот виртуозитет и мајсторство во свирењето оставајќи ја публиката без здив.

Настапот на Љубиша Кировски е својствен за зрела интерпретација која покажува долгогодишна надградба на техничките можности, тенденција кон беспрекорна стабилност во интонацијата и над сé изградба на сопствен исполнителски печат. Неговиот стил на изведба е потврда дека во современи услови на егзибиционизам на сцените ширум светот, може да опстојува и да привлече внимание уметник кој не претендира да предизвика било какви надворешни ефекти кај публиката. Трагајќи единствено по постигнување идеален баланс помеѓу техничката супериорност и извлекување на што побогат спектар на звучните бои на виолината, Кировски се вбројува во малкумината врвни репродуктивни уметници во нашата земја.

Во контекст на споменатите согледувања околу интерпретацискиот стил на Љубиша Кировски, на ова место ќе се надоврземе на другите дела кои се најдоа на репертоарот на концертот на Македонската Филхармонија. Светска тенденција како во рециталските така и во симфониските концерти во новото време е репертоарската еклектика, спој на стилови, жанрови, изведувачки состав, со цел по секоја цена да се привлече што поширока публика, да се постигне комерцијален успех што е сосем оправдано и очекувано со безмилосната борба со агресивноста на сите нови „пронајдоци“ на популарната култура и медиуми.

Овој нов бран на програмско осмислување на концертите во последниве години не ја одбегна и Македонската филхармонија. Разбирливо, ако на тој начин се создава нова слушателска публика на која класичниот звук не и е доволно близок. Во тоа „море“ од секакви репертоарски концепти, задоволство е да се присуствува на класичен концерт, а сепак сочинет од дела со сосем различна стилска и временска претпоставка, но за кои заеднички именител е токму нивната автентичност, повеќеслојност и специфичен композиторски печат.

Композицијата „Прелудиум бр. 2“ од моментно еден од најафирмираните македонски композитори Панде Шахов беше возбудливо продолжение на виолинскиот концерт. Како и многумина автори од неговата генерација, Панде Шахов спаѓа во оние творци кои во духот на современите тенденции, ги вметнуваат обележјата на македонскиот фолклор преку одделни ритмички асоцијации, и интересни инструментални призвуци, без отворени цитати и превземени мелодии. „Прелудиумот“ претставува богата творечка експресија која во себе обединува разновидни композиторски и оркестрациски постапки инспирирани од  импресионизмот, минимализмот и секако нашата народна традиција. Се препознава афинитетот на композиторот кон делата на Дебиси и Равел, кон импресионистичкиот колорит кој на свој начин го искажува преку интересен спој на боите на одредени специфични инструменти и импресионистички хармонии во основата. Како што ќе рече самиот автор...„ природната резонанца на инструментите отсекогаш била фасцинантен поттик“... За таа цел, за максимално истакнување на колоритен ефект на оркестарот, Шахов користи пијано и харфа, кои заедно со челестата носат звук на ...„капки по површината езеро, кои зад себе оставаат концентрични кругови“... Особено возбудливо беше да се слушне градењето на кулминативната точка во делот пред репризата преку зголемување на регистерот и напласување на густи дисонантни хармонии.

Позитивната атмосфера во салата и полното гледалиште, како и инвентивноста на вдахновената партитура на „Прелудиумот“ од Панде Шахов, беа силен мотив, оркестарот на Македонската филхармонија со видлива посветеност и енергичност да ја изведе оваа композиција. За тоа секако најзначаен придонес има маестро Борјан Цанев кој го иницираше создавањето на „Прелудиумот бр.2“ и со нескриено задоволство го донесе делото пред оркестарот и пред публиката.

Во продолжение, ја слушнавме допадливата симфониска поема „Американец во Париз“ од американскиот композитор Џорџ Гершвин, која како автентичен спој на француски мотиви и типично гершвиновски џез-цитати, секогаш наидува на убав прием кај слушателите. Диригентот Борјан Цанев покажа јасна идеја за жанровската специфика на поемата и заедно со сите инструментални групи во оркестарот одлично го доловија забавниот манир на делото.

Овој одличен концерт на Македонската филхармонија помина во инспиративна атмосфера на задоволство на публиката, но беше и едно фино потсетување на некои убави дела и посебно на сознанието да не заборавиме да го негуваме респектот кон нашите домашни врвни уметници.

Викица Костоска - Пенева

Фото: Македонска филхармонија