Елоквентен пијанизам

Кон „Шубертова вечер“ - рецитал на Марија Ѓошевски, пијано

 

Ретки се пијанистите чија музичка мисла е толку јасна што по нивната интерпретација немате потреба од дополнителни објаснувања. Марија Ѓошевска е токму таков пијанист- искрен, спокоен, промислен, без непотребна сценска драматичност, потполно „соголен“ на сцената на која како во меурче од сапуница постојат само таа и пијаното.

Звуците на Марија Ѓошевска пијанистички ја „ожиевeаја“ камерната сала на Македонската филхармонија. Во нејзиниот топол амбиент, беспрекорна акустика – Ѓошевска создаде еден свој свет, во кој суверено владееше со Шубертовите партитури – неговата Соната –фантазија во Ге дур и внимателно одбраните Шест музички моменти.

И тука не треба да се зборува за техника, совршена артикулација, ритмичка прецизност или тонски пласман – зошто тоа кај Ѓошевска не е предмет на разговор - туку станува збор за една неверојатно осмислена, до перфекција доведена интерпретација која има длабочина и „патос“. Шуберт на Марија Ѓошевска е филозофски длабок, со паралели во кои се гледа мудроста и полифонијата на Бах, наспроти лиричноста и распеаноста присутна во Шубертовите вокални циклуси претставени низ призмата на една неверојатна едноставност и смиреност.

Музичкиот јазик на Марија Ѓошевска е полн со финеси, со неверојатни динамички нијанси и што е уште поважно со респект кон тишината како антипод на звукот. Секој тон кај неа има значење, и останува да одзвучи во просторот без разуздано да се фрли во пасажите и новите акорди кои следат.

Шуберт во камерната сала на Македонската филхармонија беше едно неверојатно патување полно со копнеж, умерена радост и музичка интелигенција. Марија Ѓошевска го постави курсот и со себе ја поведе бескрајно внимателната публика. Шуберт никогаш не звучел подобро!

Роза Нолчева