Кон пијанистичката вечер насловена „Француски импресии“ на Ирина Наумовска - Кверфурт и Кристина Светиева во Музејот на Град Скопје

Кога се најавува концертен проект со мошне интригантен наслов, тогаш музичката, па и пошироката културна јавност се крева на нозе, исполнувајќи го концертниот простор во голем и шаренолик состав од професионалци, до оние редовни или повремени проследувачи на музичките збиднувања.Задоволство за што вреди да се дојде и ужива во чиста, кристална пијанистичка уметност, во интерпретација облагородена со уметничка имагинација, изродена од музичката природа на две изразито надарени пијанистки кои имаат компактибилни сензибилитети, што и овозможуваат таа имагинација да ја воспеваат со силно изразен уметнички јазик. Поднасловот „Концерт за пијано ансамбл“ како иновативен изразен елемент беше синтетизиран во комплетниот впечаток за сето она што го восприемавме како звучен амбиент, а со тоа и природно прифатен во подлабоката своја уметничка суштина. Француските импресии на младите пијанистки Ирина Наумовска Кверфурт и Кристина Светиева импонираа со изведувачката енергија, со квалитетното и експлицитно експонирање на тонските структури на повеќеставните дела особено композициите на Сати, Дебиси и Равел кои во комплетниот мозаик со музиката на Пуланк и Шабрие оваа пијанистичка програмска вечер ја издигнаа на едно извонредно осмислено пресоздавање на еден филозофски замислен звучен модернизам, како тогашна авангарда во музичкиот свет. Од оваа пак денешна дистанца и Сонатата на Пуланк, „Бурлескната поворка“ (премиерно изведена во Македонија) и „Парадата“ на Сати (исто така премиерна изведба) како музика на француската модерна прозвучија исто толку ново, со привлечна звучна колоритност, со еден свеж, би рекле, силно воочлив звук, на кој не се останува индиферентен, напротив, тој звучен спектар од бои создава чудесна магија на уживање и занес. Наумовска-Кверфурт и Светиева до најситни детали во аналитичкиот пристап на еден ваков специфичен програмски пијанизам, кој по многу нешта е уникатен и крајно оригинален, успеаја да нѐ вовлечат во тој француски музички имагинарен свет, обоен со страствени динамички градации, со технички одлично изработена партитура, со култивиран однос кон тој типичен француски пијанистички манир, што јасно упатува дека тие се суптилни познавачи на овие големи творци на францускиот пијанизам. Ете, импресивно и со звучна гама ги доживеавме и Шесте антички епиграфи на Дебиси, комплексни музички цртежи кои го носат уметникот во екстатична димензија, зашто само така може да се отслика и доживее тој богат импресионистички свет на овој изразит композитор. Наспроти него, пијанистките супериорно и со возвишен интерпретациски сјај и енергија ја блеснаа познатата „Шпанска рапсодија“ на Равел, од која блиску го почувствувавме нивниот пијанизам, прецизен, темпераментен, разигран во типичните шпански ритми и мелодии и изразито сугестивен во стилските компоненти на овој автор.

Концертот „Француски импресии - концерт на пијано ансамбл“ на македонската пијано генерација, докажана и на домашниот, но и на многу сцени од странскиот концертен подиум, Ирина Наумовска Кверфурт и Кристина Светиева претставуваше одличен предизвик за публиката, а за македонската пијанистичка реалност беше гордост повеќе зашто да се изнесе една толку обемна, сложена и извонредно заложна програмска концепција на пијано музика која не е во голема мера застапена кај нас, значи храброст и уметничка доблест за сето она што најпрофесионално квалитетно го работи еден уметник на сцената. Посакувањето за реприза на еден ваков убав пијанистички проект скриено во душата го понесе секој од публиката која патем не ги штедеше дланките бурно да ги награди двете одлични пијанистки.

Васка Наумова Томовска