Во спомен на еден величествен чин

Чествувањата, годишнините, јубилеите се, најчесто, убав повод да се подвлече линија, да „сведат сметките“ на (кај нас најчесто) неколкудецениското дејствување и поблиску или попрецизно да се определат главните дострели, клучните придобивки или придонеси. За секој и за сè, а особено за институции во чијашто работа и активност се вклучени енергиите, дарбите, трудот на многу генерации талентирани поединци. Особено ако се работи за уметничка куќа.

Во оваа смисла, одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Македонската опера е значаен момент. Не само што таа без малку е врсник на нашата модерна Македонија (такви „врсници“ разбирливо има многу), туку, можеби попрво што токму формирањето на ваква институција (оперска куќа) насекаде, па и кај нас зборува за исполнување на еден од важните атрибути на речиси секоја модерна држава. Барем така беше во изминатите два-три века. Како и да е, синоќа во преполниот салон на Македонската опера и балет се потсетивме на моментот кога во Скопје за прв пат пред седумдесет години (09.05.1947) беше изведена првата оперска премиера. И други програмски настани на МОБ во текот на оваа година го носеа предзнакот дека се одвиваат во знакот на одбележувањето на големиот јубилеј, но синоќешниот, без никакво сомнение, беше централниот во таа смисла. Најмалку заради фактот што пред публиката беше изведена едночинката од Пјетро Маскањи – „Кавалерија Рустикана“ што беше јасна порака дека со ова се потсетуваме токму на нејзината премиера пред седумдесет години. И на славните протагонисти што тогаш ја овозможија оваа „света рожба“: Режисерот Бранко Приморишец, диригентот Тодор Скаловски, солистите Петре Богданов Кочко (Туриду), Елисавета Савченко и Данка Фирфова (Сантуца), Стефан Русјаков (Алфио), Милка Гушевска (Лола) и Ганка Атанасова (Лучија). И, се разбира, Хорот и Симфонискиот оркестар на Радио Скопје и Студнетскиот хор, подготвени од Стефан Гајдов и Скаловски.

Синоќешниот, своевиден спомен на тој величествен чин го подготвија и го реализираа дел од солистите и ансамблите на МОБ потпомогнати со неколку креативни имиња од земјава и од странство. Значи, оваа петта по ред обнова на „Кавалерија Рустикана“, на тоа „прво и најблескаво оперско чедо“ во опусот на Пјетро Маскањи, ја овозможија гостите од Италија, - режисерот Џандоменико Вакари и диригентот Џанлука Мартиненги, потоа сценографот Зоран Николовски, костимографот Елена Дончева и солистите Весна Гиновска Илкова во улогата на Сантуца, Ѓорѓи Цуцковски како Туриду, Борис Трајанов како Алфио, Николина Јаневска како Лола и Марика Поповиќ како Лучија.

Сите тие, заедно со хорот и оркестарот на МОБ и со целата техничка екипа синоќа на публиката ѝ приредија претстава што функционира по сите линии. На пример, режисерот Вакари сосема правилно ја сфатил пораката на Маскањи, имено неговиот стремеж да се ослободи од митолошката симболика (доминантна кај Вагнер) и веќе преживеаниот романтизам (присутен во делата на повеќе автори) и на сцената да донесе ликови „од крв и месо“. Значи, реални, страсни, понекогаш заслепени од љубов или омраза, но – длабоко човечки. И, затоа – не само што не експериментирал (како што тоа го прават многумина, понекогаш и сосема неумесно), туку се обидел и да ја засили таа линија, извлекувајќи ги на чистина токму најсилните емоции: зовриената љубов, која кога „диво ќе се разбранува“ неминовно доведува до љубомора, а таа, пак, до одмазда и убиство. И, што е битно за оваа претстава – оваа негова филозофија сосема доследно ја следеле и сценографот Зоран Николовски и костимографот Елена Дончева. Првиот, од една страна со пристапот во кој доловува најмалку три типични сицилијански штимунзи (меана, плоштад, црква), а втората – со доследните, визуелно разиграни, но стилски хомогени костимографски решенија што им даваа уште едно задоволство на нашите „ококорени“ видни сетила. И, затоа, сите тие заслужуваат посебно, и издвоено и заедничко признание за постигнатиот ефект. Бидејќи и гледано посебно, и гледано во целина нивните решенија беа на високо ниво.

Се разбира, сево ова е само контекст, само добра основа, добар фон, врз кој натаму изведувачите, - солистите, оркестарот, хорот, ќе го дадат својот полн максимум. Синоќа солистите очигледно се чувствуваа „комотно“ во дадениот и опишан контекст за да можат непречено да ги градат своите ликови и да ги вајаат своите вокални делници. Сите беа повеќе од добри. Но, сите немаат подеднакво важна задача во оваа кратка, но слатка опера. Имено, Маскањи замислил дека оската на целото дејствие ќе биде веќе спомнатата разбранувана љубов на Сантуца која ја води во неконтролирана љубомора. И, таа се појавува речиси во секоја сцена. Синоќа неа на маестрален начин ни ја долови првенката Весна Гиновска Илкова. И пејачки и сценски. И вокално и емотивно. Таа низ својот драмски дијалог со Лучија и низ дуетот со Туриду покажа како може да се биде бескрајно верен и жестоко љубоморен. Покажа, се разбира, и извонредно исполнителско и актерско мајсторство без кои сево ова немаше да биде можно, но тоа, кога станува збор за Весна Гиновска Илкова, последниве години речиси и се подразбира само по себе. Затоа: Секоја чест.

Другите ликови во операта имаа поскромни исполнителски задачи. Но ги исполнија уверливо. На пример, Борис Трајанов, со својот пристап и настап во кој рустикалната суровост на Алфио ја направи реална и сугестивна, покажа дека и во релативно „мал простор“, но со посебен мотив и инспирација (и правилна поделба, секако) може да даде голем придонес и во идните претстави на Македонската опера. Туриду (Ѓорѓи Цуцковски) беше сосема солиден, и вокално (со определени карактеристики што се траен лимит) и сценски, а младата Николина Јаневска успеа сосема да ги долови лекомисленоста, непредвидливоста, себичноста на Лола, во тие само неколку минути во кои е на сцената. Во секој случај, една комплетно успешна солистичка екипа со тие нијанси што може да се распознаат и од претходните реченици.

Солистите, како што тоа е во сите оперски (и инструментални) дела не можат ниту до крај да се изразат, ниту да компензираат нешто, доколку оркестарот и хорот не се на висината на својата задача. Синоќа, за среќа, не беше така. Бујниот колорит со кој треба да се долови амбиентот на сцената, а кој Маскањи го вградил во оркестарските и хорски делници беше донесен со посебна инспирација. Дури и во оркестарското интермецо, кое ја дели операта во два дела ние како „да го слушавме дејствието“ што се одвиваше и ќе се одвива на сцената. А, хорските сегменти, со кои изобилува ова дело, беа, не само одлично отпеани (иако тука, за волја на вистината нема многу сложено хорски делови), туку беа и извонредно сценски претставени. Благодарение и на прецизните режисерски решенија.

И, ако на крајот, се запрашате, сепак, кој стои зад ова што го видовме, а го замислиле режисерот, сценографот, костимографот, па го отпеале и отсвириле оние што веќе ги спомнавме, - тогаш доаѓате до маестро Ѓан Лука Мартиненги. Диригентот кој сите овие индивидуални креации, некои претходно смислени, некои во моментот остварени, ги спои во една уверлива, сигурна, течна претстава. Тој е заслужен што оркестарот звучеше речиси одлично. Тој е заслужен и што хорот и солистите беа концентрирани, точни, прецизни. Ем дисциплинирани, ем слободни. Тој е човекот на мигот кој треба сите тие разновидни и разнородни енергии да ги слее во една. И, синоќа маестро Мартиненги, кого веќе го знаеме по добро, тоа го направи одлично. И, тој покажа која е разликата што може да ја направи добар диригент, во приближно еднакви околности.

Синоќа тоа можевме да го констатираме и во споредбата со уште еден сегмент на целата прослава, што, за среќа беше на почетокот и релативно брзо падна во заборав. Имено, целиот настан започна со таканаречен „гала оперски концерт“. Видлива и разбирлива беше намерата на составувачите на програмата, во ситуација кога на сцената имате мал број солисти (од целиот сопствен солистички кампус), на другите да им дадете шанса низ еден ваков концерт да се претстават, претставувајќи го притоа не само сопственото исполнителско мајсторство, ами и целиот солистички потенцијал на куќата. И, тоа е сосема во ред. Особено кога на програмата е релативно кусо оперско дело (70-тина минути). Но, освен ова, намерата треба да биде придружена и со други, многу промислени елементи за да може да се нарече „гала оперски концерт како дел од прославата на големиот јубилеј“. Треба, на пример, изборот да биде „TOP OF THE TOP“. Најдобро од најдоброто. И во творечка и во исполнителска смисла. Може нашироко да се објаснува што би значело тоа (на пример, да се земаат најпопуларните арии од историјата на оперската уметност, да се доделат на најдобрите исполнители токму за тие арии во дадениот момент итн. итн.) но за такво објаснување сега не е ниту време ниту место. Синоќа, за жал, тоа не беше така. Доминираа главно арии од оперите на Пучини, со неколку исклучоци. Ги изведуваа дел од истакнатите солисти што не беа вклучени во изведбата на „Кавалерија Рустикана“, - Павлина Новакова Георгиев, Игор Дурловски, Нада Талевска Спасовска, Марјан Јовановски, Дарко Нешовски, Катерина Стојановска, Славица Петровска Галиќ, Ирена Кавкалевска (наведени се според редоследот на настапување), но некои од најистакнатите ги немаше. Ана Дурловски, на пример. Ние, освен што ќе кажеме дека изведбите беа главно коректни, нема да се впуштаме во посебни елаборации. Публиката, пак, својата оценка ја даде со силината на аплаузот. Најсилен беше за Нада Талевска Спасовска (Пучини: Арија на Музета од операта „Боеми“). Во ваквиот програмски избор остана да лебди прашањето дали креаторот (или креаторите) на програмата се раководеле според некоја своја замисла или според желбите и предлозите на солистите. Како и да е, во овој концепт што го видовме синоќа сигурно имаше место за некоја од попопуларните арии од некоја од оперите од македонските автори. Особено што македонските композитори се нераскинлив дел од животот на МОБ сите овие седум децении. Инаку, зад пултот беше диригентката (и актуелен уметнички директор на Операта) Бисера Чадловска, која својата задача ја изработи сосема коректно. Понекаде дури и повеќе од тоа. Барем во контекст на стандардите што ги воспостави целиот овој таканаречен „гала оперски концерт“ за кој зборувавме до сега.

Марко Коловски

(Фото: МИА)