„Музиката и поединецот“ - 42. Струшка музичка есен, 8 - 10 септември 2017

Годинашното, 42-ро издание на музичко-научната манифестацијата „Струшка музичка есен“ ќе се одржи од 8 до 10 септември во Струга под наслов „Музиката и поединецот“.

„Поаѓајки од постулатот дека индивидуата го поттикнува развојот на општеството, оваа година се насочуваме кон поединците кои го насочиле или измениле текот на развојот на музичката уметност и тоа од повеќе аспекти преку нивните продукти, процеси, дела. Повикавме автори чии трудови ќе се осврнат на делувањето на индивидуите кои извршиле одредени влијанија врз различните аспекти кои ја допираат музичката уметност, при тоа не ограничувајќи се само на прогресивните и позитивните креации, туку и на негативните влијанија. Од тој аспект би сакале да ги истражиме индивидуите кои покренале одредени процеси кои резултирале со нови или ретроградни дејствија во музичкото образование, музичката теорија и педагогија, развојот на композиторската мисла, творештвото, интерпретацијата, популаризацијата на музичката уметност, музичката критика, културната политика и музиката, развојот/стагнацијата и популаризацијата на музичките жанри, континуитетот/дисконтинуитетот на музичките практики, зачувувањето/уништувањето на музичкото културно наследство, етномузикологијата/антропологијата, етноорганологијата, медиевистиката и медиумите и музиката“ - истакнуваат годинашните селектори на манифестацијата, музиколозите Мирјана Павловска Шулајковска и Елени Новаковска.

Како и секоја година, во рамки на конференцијата ќе бидат одбележани јубилеите на македонските творци: 80 години од раѓањето на композиторите Благој Цанев и Сотир Голабовски и на музичкиот писател Јелица Тодорчевска, 90 години од раѓањето и 10 години од смртта на композиторот и музиколог Драгослав Ортаков, 70 години од раѓањето на композиторот Илија Пејовски и 60 години од раѓањето на музикологот Марко Коловски.

Комплетната програма на 42. „Струшка музичка есен“ можете да ја погледнете на следниот линк.