Концерт на ансамблот „КонТемпора“ во рамки на програмата „Современи европски композитори“

На 23 мај (вторник) во Музејот на Град Скопје со почеток во 19:30 часот ќе се одржи концерт на Ансамблот за современа музика „КонТемпора“. Концертот е дел од програмата „Современи европски композитори“ која СОКОМ ја реализира во соработка и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија и за оваа прилика, со Амбасадата на Унгарија во Република Македонија. Дополнителните настани во рамките на програмата се предвидени за 22 мај (понеделник) во ЕУ Инфо центарот во Скопје, каде со почеток во 11 часот ќе се одржи предавање на композиторите Мартон Левенте Хорват и Горан Начевски на тема: „Музика - минато, сегашност и иднина, како да се најде сопствениот начин: како да избегаме?“, во 12 часот пак на youtube каналот на СОКОМ премиерно ќе биде прикажан документарниот филм „Европски современи композитори“ посветен на првите три изданија на проектот. Во 17 часот, пак, во просториите на Сојузот на композиторите на Македонија е предвидена студентска работилница со композиторот Мартон Левенте Хорват, професор на престижната музичка академија „Франц Лист“ од Будимпешта. Координатор на проектот е композиторката Валентина Велковска-Трајановска.

На програмата на концертот на ансамблот „КонТемпора“ се дела од композиторите Жолт Сереи, Мартин Левенте Хорват, Јудит Варга, како и од македонскиот композитор Горан Начевски. Ансамблот „КонТемпора“ ќе настапи во состав Игор Иванов – кларинет, Златка Митева - флејта, Горан Јанев – хорна, Симон Поповски – виолина, Бојан Талески – виола, Паскал Р. Краповски – виолончело, Ана Гацева – пијано, Весна Станојевска – харфа.

E-scape
(бEгство)
Современата музика не е само – современа. Таа е широко базирана врз одредени традиции, некогаш врз фолклорни, некогаш врз традициите на големите композитори кои твореле пред нас. Ние, како слушатели, сме тука да и оддадеме признание на тие традиции, и на тој звучен пејсаж заедно со наследените елементи од минатото, комбинирани во нови и оригинални постапки. Во денешниот фуриозен е-свет, пејзажите се нашиот контакт со природата, со традицијата, со самите нас и нашето минато и иднина, нашето бегство од секојдневната рутина. На тој начин, Е-scape е нашето музичко засолниште, место што иако сме го виделе порано, се уште е ново и неистражено. Вистинско бЕгство од секојдневната музика. 

За изведувачите и композиторите

Ансамблот за современа музика „КОНТЕМПОРА“ е формиран во 2014 година од Сојузот на композиторите – СОКОМ, со цел да изведува и промовира нови дела од домашни автори, но и творби од светското современо музичко општество. Составен е од дваесет инструменталисти, кои во зависност од репертоарот делуваат во различни формации. Премиерниот концерт на „ConTempora“ беше одржан во септември 2014 година, во рамките на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и „сонграјтери“ (ECSA) во Скопје, а оттогаш ансамблот оствари турнеи во Холандија и Белгија и неколку концерти низ државава, реализираше повеќе студиски снимки на новосоздадени дела од композитори од САД, Иран, Италија, Индонезија и др. и премиерно претстави речиси триесетина дела од домашни автори, од САД, Иран, Италија, Индонезија, Велика Британија. Во рамките на проектот Современи европски композитори, ансамблот ConTempora досега оствари три успешни концерти со дела од современи автори од пет земји-членки на Европската Унија – Борис Беземер од Холандија, Гирилал Баарс од Шведска, Малколм Дедман од Велика Британија, Штефен Шлаермахер од Германија и Нејц Кухар од Словенија, како и десетина композиции од домашни творци.

МАРТОН ЛЕВЕНТЕ ХОРВАТ е современ унгарски композитор и орулист роден 1983 година во Таполка, Унгарија. Студиите ги завршува во 2006 година во класата на Габор Лехот, а следната година дипломира кај Јанош Вајда на Музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта. Од 2003 и 2013 бил оргулист во Парохиската црква „Св. Ласло“ во Будимпешта-Кобанја. Меѓутоа, во истиот период се истакнува и со богата композиторска работа одбележана со дела како Maria Song (2004), Missa Omni Tempore (2005), Violin Concerto (2007), Officium (2009), Psalm 25 (2011), Missa “In Omnem Terram” (2014), Viivre (2015) и многу други. Значајна е и неговата издавачка дејност која вклучува неколку студии, како и две дискографски изданија со авторска музика и дела од најголемите мајстори на оргули од минатото. Во моментов Мартон Левенте Хорват е професор по оргули на Музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта.

ЈУДИТ ВАРГА (1979) е истакната унгарска композиторка и пијанистка која дипломира на Музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта во 2005 година, на одделите по пијано и композиција. Подоцна, студиите по истите предмети, како и применета музика, ги продолжува на Универзитетот за музику и изведувачки уметности во Виена. Као пијанист, заедно со „класичниот“ репертоар, таа често изведува и современи дела. Меѓутоа, нејзината композиторска работа е главно насочена кон применетата музика, како дел од театарските претстави, сценските настапи са драмски елементи, мултимедијалните перформанси и филмот. Од нејзиниот творечки опус се истакнуваат композициите: In Memory of J. V. (2003), Strictly Ballroom I – V (2004-2006), Le Temps retrouve (2009), како и музиката за филмот Your Beauty (2014). Од 2008 година, Јудит Варга работи како професор по пијано во Maria Regina Volksschule во Виена.

ЖОЛТ СЕРЕИ (1954) е еден од најистакнатите унгарски современи композитори и диригенти. Дипломира композиција на Музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта, кај Ендре Сервански и Емил Петрович, а три години подоцна (1982) и диригирање, во класата на Андрас Короди и Ервин Лукач. Во 1978 година станува член на New Music Studio во Будимпешта, а во 1989 година го основа Ансамблот за современа музика „Componensemble“, изведувајќи творби од современи унгарски композитори, заедно со делата на Булез, Фелдман и останатите. Од неговиот богат опус можат да се издвојат композициите: Rege (1982), Calyx (1986), операта One Minute Stories (1999) и многу други. Од 1986 година Жолт Сереи е професор по композиција на Музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта.

ГОРАН НАЧЕВСКИ (1978) е сестран композитор, оперски пејач и музиколог. После завршувањето на средното образование, заминува на студии во Чешка каде во 2000 година дипломира композиција на
Факултетот за музичка уметност во Прага, во класата на професорот Милан Славицки. Следната година, на истиот факултет дипломира оперско пеење во класата на Рене Тучек, а во 2006 година успешно ја брани и докторската дисертација од областа на теоријата на композицијата. Од 2006 година тој е прв солист-баритон на националната опера (МОБ) и работи како доцент по теорија на музика, композиција и оперско пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од неговите композиторски творби посебно се истакнуваат: Три религиозни песни (циклус за баритон и клавир), Фантазија за оргули, Eлегија за гудачи (освојувач на наградата Гидеон Клајн), Увертирата „Hradebni“ за оркестар, кантатата за баритон и оркестар Како молитва, Шест разговори и Фуга за виолина и клавир, Гудачки квартет, Пет скици за виолина и виолончело, и други.

Културни приказни:
Проект „Европски современи композитори“

“Не постојат табуа; сè е дозволено. Но, не може туку така да се вратиме во тоналноста, тоа не е патот. Мораме да го најдеме начинот кој нема да биде ниту враќање назад, ниту продолжување во авангардата. Јас сум заробен: меѓу ѕид од авангарда и ѕид од минато, и сакам да се ослободам. - Ѓерѓ Лигети

Културното наследство на Европа е еден богат и разнолик мозаик од културни и креативни изрази, богатство од претходните генерации Европејци и оставнина за тие што доаѓаат. Програмата со наслов “Културни приказни” на Делегацијата на Европската Унија и ЕУ Инфо центарот им служи на амбасадите на земјите - членки на ЕУ како еден вид на дополнителна платформа за претставување на европската уметност, европските вредностите и наследството пред локалната публика. Слично на претходните активности организирани во рамките на програмата “Културни приказни”, беше развиен нов концепт со наслов “Европски современи композитори”. Проектот се спроведува во тесна соработка со амбасадите на земјите членки на ЕУ во земјава, Сојуз на композиторите - СОКОМ, ансамблот „ConTempora “ и Бранка Костиќ-Марковиќ, истакнат музиколог и член на СОКОМ, во улога на партнер и координатор на проектот. Главната цел на “Европски современи композитори” е да се промовира европската култура, но и да се придонесе кон развојот на нови професионални вештини кај домашните културни дејци, подигајќи културни и креативни индустрии и нудејќи нови деловни модели. Во оваа низа настани ќе бидат претставени водечките современи европски композитори. преку концерти со нивни дела, мастер-часови за студенти, дискусии со домашните композитори и професионалци, како и предавања наменети за пошироката публика, со цел да се промовира современата уметничка музика и да се придонесе кон развојот на нови професионални вештини кај домашните музичари и културните работници.