Пост-фестум со Ансамбл НУОВЕ МУЗИКЕ

Дојрана Прокопиева

Гостувањето на италијанскиот ансамбл НУОВЕ МУЗИКЕ на „Деновите на македонска музика“ беше повод со неговите членови да поразговараме на прашања за современата музика, начинот на нејзината изведба и презентација, состојбата во која таа денес се наоѓа, а и конкретно за современата македонска музика и делата кои тие ги претставија на концертот во Скопје. Ансамблот НУОВЕ МУЗИКЕ настапи во состав: Роберто Бокјо (кларинет), Леонардо Боеро (виолина), Гаетано Насило (виолончело), Алесандро Марангони (пијано) и Франческо Оторнело, уметнички директор на ансамблот и диригент. На концертот гости беа контратенорот Луиџи Скифано и тенорот Благој Нацоски.

Д.П. Кажете ни нешто околу вашите искуства со изведбата на дела од македонски автори и конкретно за композициите што ќе ги исполните на концертот на „Деновите на македонска музика“. Дали е ова прва ваша средба со современото македонско музичко творештво?

Р.Б. За мене лично овој концерт и ова гостување беше прва средба со македонското музичко творештво. Соло композицијата што ја изведов – Трите минијатури за кларинет на композиторката Симона Симуноска е одлична композиција, технички е вешто напишана и може да се заклучи дека авторката многу добро го познава инструментот.

Д.П. Може ли да повлечете паралела меѓу овие композиции што ги изведовте овде во Македонија, со оние останати современи дела што се дел од репертоарот на вашиот ансамбл.

Ф.О. Во однос на стилот, композициите на македонските автори што ги изведовме се „потрадиционални“. Ова го велам во смисла на употребата на техничките и изразни средства и нивниот музички јазик. Во нив нема драстични обиди за експериментирање со звукот и инструменталните тембри, звукоизвлекувањата и ефектите во изведбата, и во однос на формата и фактурата тие се движат во една покласична рамка. Се разбира, во никој случај оваа констатација не е пежоративна, односно дека тоа се музички „инфериорни“ композиции во однос на некои останати композиции што сме ги изведувале, дури можам слободно да кажам дека ваквата естетика е поблиска на сензибилитетот на нашиот ансамбл и дека ние всушност и претпочитаме да изведуваме вакви современи дела. За овој концерт ние од уметничкото раководство на СОКОМ добивме еден поширок избор на дела, од кои што финалниот избор и репертоарот на концертот во Скопје падна токму на овие четири што вечерва имавте можност да ги слушнете.

Д.П. Во репертоарот на вашиот ансамбл, фокусот е ставен на изведбата на современата музика. Зашто мислите дека за музичарите денес е од особена важност да изведуваат современи дела?

Ф.О. Наједноставен одговор на ова прашање би бил дека музичарите треба да изведуваат современа музика за да композиторите добијат можност да си ги слушнат сопствените дела, но и публиката да се запознае и да биде во тек со уметничките тенденции на своето време. На начинот на кој што една фотографија е визулено сведоштво на едно време, еден народ, една култура, така и една современа композиција зборува за една култура, нејзините стилови и тенденции.

Г.Н. Според моето мислење пак, во четирите композиции од македонски автори што ги исполнивме на концертот на „Деновите на македонска музика“ се одразени разновидни стилови и тенденции, како индивидуални, така и заеднички кои што сметам дека ја претставуваат разновидноста на македонското музичко творештво, како во однос на стилските и изразни средства и композиторските техники, така и во еден поширок културолошки контекст. 

Д.П. Кои се вашите размислувања за начините на презентација на новата музика? Дали фестивалите од форматот на „Деновите на македонска музика“ се најдобриот начин ваквиот вид на творештво да дојде до публиката?

Ф.О. Најпрвин честитки за 40-годишниот јубилеј, навистина е импресивно за една мала држава како Македонија да има фестивал на современа музика со толку долга традиција. Во однос на прашањето, се сложувам. Фестивалите се современа музика се еден разработен систем за презентација на ваквото творештво, ефикасен начин новите дела да се претстават пред публиката.

Г.Н. Од друга страна пак, фестивалите како „Деновите на македонска музика“ негуваат само одреден тип на публика, на оној мал круг на слушатели и почитувачи на современата музика, кои се редовни посетители на концерти на современа музика. На одреден начин, дури останатите слушатели, оние кои не се добро запознаени со тековите во современата музика се изолираат. Тоа не е случај само со фестивалите на современа музика, истото се случува и со фестивалите на барокна музика кои вообичаено ги посетува едуцирана публика. Ќе ви кажам и за едно мое искуство, на еден мој рецитал каде во првиот дел настапив на барокно виолончело изведувајќи барокна програма, а во вториот дел изведов современи композиции, дел од публиката која што беше дојдена да го слушне барокниот репертоар, не беше заинтересирана за современиот репертоар во вториот дел на концерт.

А.М. Јас би додал дека во репертоарот на концертните сезони на големите оркестри во Италија редовно се прават нарачки на нови современи дела, а мислам дека праксата е слична и во други земји, кои се изведуваат во првиот дел на концертот, а потоа во вториот дел имате класична или романтична симфонија. На концертите пак на камерна музика, за жал, тоа не е толку развиена пракса.

Ф.О. Според мене, најважна е едукацијата на публиката. И тоа не само преку поголема застапеност на современи дела на симфониските и камерните концерти на ансамблите и оркестрите, туку и преку организирање на предавања и средби со самите композитори пред концертите, на кои тие преку разговор со публиката би ги претставиле своите дела и би и' ги доближиле.

Д.П. Каква е музичката клима во Италија споредено со Европа и останатите земји од светот? Кои се предизвиците со кои се соочуваат италијанските композитори, диригенти и музички промотери?

Ф.О. Ситуацијата е навистина драматична и доколку почнам да зборувам за неа, би можеле да ме затворат (се смее). Но, навистина, кризата се продлабочува и се помалку пари од буџетот остануваат за култура, а особено за музика. Како резултат на тоа, голем број оркестри и ансамбли изгубија финансиска поддршка и се оставени самите да најдат начин да егзистираат. Финансиските проблеми во државата се рефлектираат на сите нивоа, и особено се одразуваат врз музиката, така што е навистина тешко и предизвиците со кои се соочуваме се огромни.