Чувме различни естетски сензибилитети и стилска карактерност

Ангелина Димоска

На концертот на Македонската филхармонија со кој во четвртокот се затвори јубилејното издание на фестивалот „Денови на македонската музика“ прозвучеа четири дела од македонски композитори со различни естетски сензибилитети и стилска карактерност.

Концертот започна со премиерна изведба на композицијата „Небесен попречувач“ дело на македонскиот композитор Мајкл Бакрнчев. Станува збор за композиција со драматична музичка структура потенцирана преку доминантната улога на ударните инструменти во оркестарот. Чувме тематски материјал разграден во сите музички инструменти, своевидна мешаница од звуци која имаше логичен тек, а на моменти можеше да се почувствува и инспирација од традиционалните македонски мотиви.

Македонската филхармонија го изведе и делото „Концертантна музика“ за виолончело и гудачи од Тома Прошев, лирско дело до модерна структура кое има три става. Чувме иста тематска атмосфера во трите става, посебно во првиот и вториот кои како да беа изградени на сличен тематски материјал. Словенечкиот виолончелист Гал Фаганел фантастично го изведе ова полно со емотивна обоеност дело на Прошев, пренесувајќи ја неговата елегичност со софистицираната боја на инструментот на кој што свиреше.

По оваа композиција прозвуче третиот став од симфонијата број 4 на Кирил Македонски во кој темата ја носат дрвените дувачи, која потоа ја превземаат и останатите инструменти во оркестарот. Станува збор за класично структурирано дело кое ги следи традиционалните елементи за создавање на едно музичко дело.

Концертот го затвори изведбата на третиот став од симфонијата „Пролет“ од Ристо Аврамовски, која е составен дел од „Четирите годични времиња“. Чувме дело кое како што сугерира и насловот ја отсликува пролетта со сета нејзината непредвидливст и убавина. Овој став музички имаше дуална структура – драматичната потенцирана преку острите удари во ударните инструменти и лириската атмосфера изразена во виолините.

Орекестарот на Македонската филхармонија воден од британскиот диригент Крис Росман посветено ги изведе делата од македонските коммпозитори отсликувајќи ја атмосферата и специфичната естетика на секоја композиција.

Она што главно недостигаше на овој концерт не беше добра изведба и фин избор на дела, туку публика. Концертот помина во празна сала на Домот на АРМ со едвај педесеттина луѓе во публика. Специфичноста на музиката која се изведува на фестивалот „Денови на македонската музика“ секако не привлекува масовно публика, но од година на година, како се` повеќе да се тенчи и така малиот број на посетители. Она што најмногу може да се забележи на овие концерти е слабиот интерес од самите македонски автори на кои им е посветен фестивалот. Нема македонски композитори, ниту пак студенти од Факултетот за музичка уметност, на кои овој фестивал треба да им биде задолжителна музичка литература. Преку него студентите најдобро може да се запознаат со историјата на македонската музика и со новите текови и тенденции кои се актуелни во моментов. Истото важи и за композиторите. И тие можат да ги проследат различните текови во македонското творештво и полесно да се мапираат и да направат паралела со својот опус.