СОКОМ ја додели наградата „Трајко Прокопиев“ за животно дело

Наградата „ТРАЈКО ПРОКОПИЕВ“  која претставува највисоко професионално признание кое го доделува СОКОМ на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата, во 2018 година му се доделува на македонскиот музиколог, публицист, новинар и општественик МАРКО КОЛОВСКИ. ​

Возбудливиот развој на современата македонска музичка култура, во нејзини рамки – и на нејзиното музичко творештво и изведувачка уметност, а, исто така и неповторливата македонска музичка традиција како темел врз кој израснаа современите „креативни фиданки“ на нашата музика не ќе можевме да ги следиме, да ги осознаваме и со тоа – да ги валоризираме, без придонесот на плејадата македонски музиколози и етномузиколози. Меѓу нив посебно место зазема Марко Коловски. Најнапред–како првиот завршен музиколог на тогаш „младиот“ Факултет за музичка уметност во Скопје, но, потоа, или – пред тоа,-како човекот кој со својата широка едукација, многустрани дарби, љубопитност и творечки немир, со својата научна акрибија со која приоѓаше на секој сегмент од македонската музичка култура и низ неа оствари фасцинантен опус на творечки дострели, успеа да се вивне во врвот на оние што се занимавале и сè‌ уште се занимаваат со оваа исклучително важна културна и научна дисциплина. Со сиот свој творечки опус и, паралелно со тоа, - со својата многустрана дејност во областа на музичката култура и културата воопшто, Марко Коловски во изминатите речиси четири децении од неговата творечка активност стана не само столб на македонската музикологија и музичка култура, туку, во многу нешта - и посебен авторитет и своевиден „еталон“ за проценка на дострелите на другите чинители и појави во македонската култура. 

Коловски е автор на голем број авторски книги посветени главно на македонското творештво, а за две од нив („Македонски композитори и музиколози“, 1993 и „Зографски“, 2011) е добитник на наградата „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологијата кај нас во годината што изминала. Автор е, исто така, и на десетици статии и есеи за различни стручни прашања објавувани во наши и странски списанија, потоа, автор или ко-автор на повек‌е монографски изданија пишувани по повод јубилеите најважните институции кај нас („35 години Охридски лето“, 1996; „50 години Охридско лето“ 2011; „50 години Факултет за музичка уметност“, 2016 (ракопис); „70 години Македонска опера“, 2107, - во печат), учесник во низа енциклопедиски проекти (МИ-АН – Општа енциклопедија; ЕНЦИКЛОПЕДИЈА БРИТАНИКА; МУЛТИМЕДИЈАЛНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА „КУЛТУРАТА НА МАКЕДОНИЈА НА 20-ОТ ВЕК“: ENCIKLOPEDIA MACEDONIKA итн.) меѓу кои (како член на редакцијата и изготвувач на над сто енциклопедиски едници) и на „Енциклопедијата на Македонија“ во издание на МАНУ. Во неговиот творечки опус посебно место заземаат и над 600-тините критики објавени на програмите на Македонското радио и низ периодиката во Македонија. Исто така и големиот број циклуси радиски емисии, документарни емисии итн. Во време кога раководеше со државниот Ансамбл за народни игри и песни на Македонија (2002-2006 г.), покрај другото беше автор или ко-автор на неколку кореодрами како и коавтор на обемниот труд за највозбудливото македонско оро „Тешкото“ и автор за сценарист за документарниот филм за него. Во неговиот огромен и многустран творечки опус влегуваат и низа ангажмани како покренувач и уредник на списанието „Музика“, потоа уредник и издавач на поголем број печатени музички публикации и носачи на звук за најмаркантните личности во македонската музичка култура, учесник во изработката на низа мултимедијални изданија итн. Посебен придонес, не само за нашата туку и за светската музикологија е неговото откривање (подоцна и превод и објавување) на докторската дисертација на големиот славист Јуриј Арбатски со наслов „Свирењето на македонскиот тапан“, одбранета во 1943 година на Карловиот универзитет во Прага, за која и големиот автор сè‌ до неговата смрт (1950 година во САД) сметаше дека е уништена за време на Втората светска војна.

Во текот на својот извонредно богат и плоден творечки живот Марко Коловски бил истакнат уредник во Македонската радио-телевизија и, паралелно со тоа извршувал низа значајни општествени и други функции (во ЈРТ, ОИРТ, СОКОЈ итн.), а повеќе пати бил претседател, потпретседател и секретар на СОКОМ. Освен веќ‌е спомнатите награди, добитник е на први награди на неколку стручни конкурси за музиколошки трудови, како и на наградата „Виртуози“ (прв добитник) за најдобар автор на полето на публицистиката во Македонија во 2012 година.

Наградата на Марко Коловски ќе му биде врачена на свеченото отворање на 41-вите „Денови на македонска музика“ на концертот на Македонската филхармонија, во четврток, 22 март во 20 часот.