Објавени компакт дискови на композиторите Голабовски и Ортаков

„Од композиторскиот опус“ е насловот на двата компакт дискови посветени на творештвото на македонските композитори Сотир Голабовски и Драгослав Ортаков што ги објави Сојузот на композиторите на Македонија - СОКОМ. Изданијата содржат избор од најмаркатните дела од различни жанрови кои го одбележаа композиторското творештво на двата автори, во изведба на истакнати македонски и странски солисти и ансамбли.

Две главни нишки се провлекуваат низ творештвото на Сотир Голабовски (1937 - 2014). Едната е - интересот кон компонирањето, за која добра база и специфична насока беа неговите студии во Љубљана (проф. Луцијан Марија Шкерјанц) и посетата на летните курсеви во Дармштад (Германија), а втората - нурнувањето во сферите на македонското музичко минато, односно интересот за нашата музичка традиција. Првиот пат го доведува до тоа да биде еден од повидните претставници на музичкото творештво во втората половина од минатиот век, со посебен фокус кон тогаш помодерните музички струења (под влијание и на курсевите кај Штокхаузен, Холберг и др.). Вториот, пак, - да биде еден од столбовите на македонската музикологија од времето на нејзиното размавнување, со исклучителен придонес во разгатнувањето на најстарите слоеви од нашата музичка традиција. На оваа тема („Музичките ракописи на охридската збирка и најстарите сочувани триоди на словенски јазик“) впрочем и докторира кај познатиот византолог Владимир Мошин.

Музичкото творештво на Голабовски е израз на неговото љубопитство. Главно е посветено на камерната музика и зборува за неговиот интерес за различните стилски и композициско-технички определби.

Драгослав Ортаков (1928 – 2007) е една од најзначајните творечки фигури во македонската музичка култура во втората половина од дваесеттиот век. Неговата активност главно може да се подели во два дела: како композитор, чии што први творечки обиди започнуваат во почетокот на педесеттите години, а се интензивираат по неговиот студиски престој во Париз (во Музиколошкиот институт и во прочуената „Scola Cantorum“ - класа на проф. Пјер Висмер), и како музиколог кој е еден од втемелувачите на современата македонска музикологија. На полето на композиторското творештво создаде педесетина, главно камерни композиции во кои присуството на тогаш авангардните творечки постапки е препознатлив знак. На полето на музикологијата оствари фасцинантен опус кој, според истражувачкиот досег и важноста на откритијата стана база за работата и истражувањата на помладите македонски музиколози. Автор е на повеќе книги и десетици научни статии во кои посебно место заземаат оние посветени на истражувањето на македонското средновековно музичко минато. Ортаков во текот на својот плоден живот бил раководител на повеќето врвни музички институции во Македонија и е добитник на низа општествени и стручни награди и признанија.